22/04/2024
нота.мк
Актуелна Нота

Некои Македонци таму некаде бараат нешто

Вчеравечер во Хилден, гратче во близина на Дизелдорф, беше промовиран македонскиот културен центар „Македонско сонце – Дизелдорф“.На настанот разговаравме со претставници на македонски здруженија во Германија за писмата што вчера ги испратија кај претседателката на Европската комисија и кај германскиот канцелар. Промоцијата на здружението беше направена со концерт на Некст тајм.

Минатиот ноември група Македонци основала здружение во Дизелдорф со цел сплотување на доселениците во Германија, почитување на македонската традиција и негување на македонските обичаи. Промоцијата на македонскиот културен центар „Македонско сонце – Дизелдорф“ веше вчеравечер во германскиот град Хилден со настап на бендот Некст тајм и на пејачката Сања Лефкова.

Желбата во здружението е Македонците да добијат чувство дека можат да направат нешто повеќе.

„Сакаме да бидеме еден културен центар, кадешто освен стандардните прослави, на кои сме навикнати, ќе има и можност артисти од Македонија и уметници – луѓе коишто се битни за македонската култура да нѐ посетуваат. Меѓу другото е планирано да имаме и саем на книги, трибини да се одржуваат. Значи, сѐ што е поврзано со македонската култура и традиција“, објаснува д-р Блашко Димковски, претседател на македонскиот културен центар „Македонско сонце – Дизелдорф“.

Blasko Dimkovski

Во покраината Северна Рајна Вестфалија веќе имало дваесетина здруженија, од кои неколку црковни, но не сите биле активни. Преку контакти со општинските власти здружението ќе се обиде да добие финансиски средства за проектите. Еден од нив е учењето македонски ора во играорна секција за деца и возрасни.

„Исто така германското општество да нѐ запознае. Тоа пред сѐ сакаме преку играорната група да го оствариме, меѓутоа ќе видиме како ќе се одвиваат работите и колку нашинците ќе бидат заинтересирани и колку ќе бидат мотивирани да го прават ова заеднички со нас“, објаснува д-р Блашко Димковски, претседател на македонскиот културен центар „Македонско сонце – Дизелдорф“.

Здружението вчера добило на користење преку 20 македонски носии од „Централен совет на Македонците“, организација во Германија која комуницира со германските и македонските власти.Оваа година здружението во Дизелдорф сака да донесе македонски писатели во Германија, а во април ќе се организира нов концерт.

„На 28 Април ќе имаме гостување на една македонска пејачка, којашто пее традиционална македонска музика. Се вика Зарина Првасевда. Можеби некој ја знае како распеана Македонка, којашто од планинските врвови во Македонија се јавува со својот глас“, најавува д-р Димковски.

Културниот центар во Дизелдорф нема да биде извор на правни дејствија, туку ќе ја поддржува секоја иницијатива на „Централниот совет на Македонците“ во Берлин. Претседателот на тој центар информира дека вчера во два по полноќ се одржал состанок, а во четири часот наутро се испратиле писма до канцеларот Олаф Шолц, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен и техничкиот премиер Талат Џавери со укажување дека се кржат човековите права поради проблемите со пасошите.

Makedonsko sonce

Во писмото се барада се преземат„итни мерки за да се стави крај на кршењето на правата на македонските граѓани. Одлуката на македонската влада да ги поништи важечките пасоши без да има капацитет да издава нови пасоши има сериозно влијание врз стотици илјади луѓе. На овие луѓе со еден удар им беше одземена слободата на патување и движење. Очекуваме не само македонската влада, туку и Европската комисија и федералната влада овде во Берлин да бидат свесни за оваа итна работа и веднаш да дејствуваат. Не смее да се толерира кршењето на правата на граѓаните, ни во ЕУ, ниту во Македонија. Од најголема важност е македонската влада сериозно да ја сфати оваа итна работа и веднаш да дејствува за да ги врати правата на граѓаните“, стои во писмото до Фон дер Лајен, Шолц и Џафери.

„Тие луѓе се работна рака за германскиов систем. Мора и германскава влада да се грижи за таа работа и да комуницираат заедно. Кога знаеме дека имаме два милиони народ и дека во таа и таа година треба, морално е да се сменат, тогаш зошто од старт не се порачани два милиони пасоши“, прашува Роберт Кленкоски, претседател на Централниот совет на Македонците во Германија, кој е роден во Германија.

„Моите права се поврзани со тој пасош и завршуваат од еден на друг ден, што значи дека за мене оваа држава или местото кадешто се наоѓам моментално е едноставно затвор“, нагласува Кленковски и додава: „Патниот лист е во една насока – пат во една насока. За човек на кого му треба нов валиден документ тоа е исто како да му дадеш патен лист од еден затвор во уште полош затвор“.

Robert Klenkovski

Според Кленковски, македонските граѓани, во обид да извадат документи во Македонија, ризикуваат да останат без работа во Германија и затоа германската влада мора да реагира.

„Тие не се видливи за нашите институции во Македонија. Зошто? Тие се една бројка таму што бараат нови пасоши од многу други луѓе, кои исто така имаат барање. Ама, кај него е проблемот што работодавачот во Германија не може него да го остави еден, два или три месеци, а планиран и одобрен одмор му е една или две недели“, нагласува претседателот на Централниот совет на Македонците во Германија, кој е роден во Германија.

Уште пред да стане јасно дека има проблем со недостатокот на пасоши, претставници на „Централниот совет“ биле на разговори со пратеници во Бундестагот и праќале писма пред да истече важноста на документите со старото уставно име, за да укажат на можните последици. Во октомври лани Македонците почнале да им пријавуваат проблеми со термините за нови пасоши.

„Германија кога се состави и се спои Источна со Западна Германија исто така се менуваа документите. Ама ниту еден документ не беше стопиран од еден на друг ден“, објаснува Роберт Кленкоски, претседател на Централниот совет на Македонците во Германија, кој е роден во Германија.

Советот има информација за 45.000 закажани термини за фотографирање за пасоши во македонските дипломатски претставништва во Германија и смета дека на најмалку 100.000 луѓе во земјата им требаат нови пасоши. Македонците во Германија бараат македонската влада да ја повлече одлуката за поништување на важноста на пасошите.

Во цела Германија имало најмалку 60 здруженија на Македонците. Сите тие црковни општини, клубови и асоцијации членуваат во „Македонската заедница во Германија“ и на пет години се избира нејзино претседателство.

„Тие сите самостојно си делуваат, ама кога се работи за застапување на македонската кауза пред институциите во Германија ние избираме такво тело, кое сега моментално јас го претставувам, и тоа тело ги застапува ставовите на македонската дијаспора во Германија“, објаснува Миле Николоски, претседател на „Македонската заедница во Германија“ и претседател на македонскиот културен клуб „11 Октомври“ во Солинген.

Тој објаснува дека „Македонската заедница“ им помагала на македонските граѓани кои имале порблем во совладувањето на германскиот јазик преку пополнување на документи, пријавувања и одјавувања.

„Со олеснувањето на визниот режим дојдовме до една точка каде што имаме многу прилив на македонски граѓани моментално, макар што има и со други европски патни исправи, и сега се јавуваат тука проблеми пред сѐ во интегрирањето и во основа на учење на јазикот. Пред сѐ за да се интегрираме во ова општество треба да им го научиме јазикот на домаќините“, вели Миле Николоски, претседател на „Македонската заедница во Германија“ и претседател на македонскиот културен клуб „11 Октомври“ во Солинген и додава:

Mile Nikolovski

„Ние се занимаваме на клубската основа повеќе со тие нови, придојдени Македонци во Германија, додека Заедницата се занимава со овие повеќе општи барања, како што беше, на пример, признавање на македонскиот јазик, кадешто работеше Македонската заедница за да се признае во Бундестагот и Бундесратот преку посебна декларација“

За разлика од германските власти, македонските ги игнорирале барањата на дијаспората.

„Од страна на германските власти ние сме сериозно сфатени, добиваме повратни одговори, добиваме одговори на писма, на пораки, на мејлови. Лично сме биле и во Бундестагот и кај поранешната канцеларка и така натаму. Сериозно сме сфатени како организација. Додека од македонската страна – да, знаат тие за нас, нѐ знаат, ама на сите официјални барања, на сите официјално доставени писма не сме добиле барем еден одговор. До ден денеска не нѐ удостоиле барем со еден одговор дека ги примиле, а не па да ни дадат одговор на нашите барања или да не сфатат сериозно. Сѐ уште сме за нив некои таму кои бараат нешто“, вели Миле Николоски, претседател на „Македонската заедница во Германија“ и претседател на македонскиот културен клуб „11 Октомври“ во Солинген.

На синоќешниот настан беше побараа сплотеност за напредок. На промоцијата на македонскиот клуб беше најавено дека наскоро е можно отворање на македонска црква. Промоцијата на културен центар „Македонско сонце“ беше направена со концерт на Некст тајм.

„Ние сме пресреќни што првпат доаѓаме тука. Се надеваме дека нема да биде за последен пат. Ова се надеваме ќе биде пример и за останатите организатори да видат како еден македонски бенд може да просперира надвор од границите на Република Македонија и не треба да се плашат да го направат тој чекор да соработуваат со македонски артисти“, вели Мартин Филиповски.

Next time

„Мислам дека по овој концерт ќе има повеќе, затоа што ќе се уверат дека Некст тајм се бенд, којшто е почитуван од публиката, од Македонците без разлика каде и да се во светот. Таков е случајот и во Германија. Се надеваме дека ќе сфатат, ќе опуштат и ќе ни дадат прилика да се дружиме со сите Македонци во сите градови, каде Македонците се во голем број во Германија“, вели Стефан Филиповски, вокал на бендот Некст тајм.

Во април бендот ќе има цел месец турнеја во Австралија, а во преговори е и за концерти во Америкасептември оваа година, како и за концерти во Швајцарија и повторно во Германија.

„Искрено да Ви кажам, ова е наша идеја уште кога го работевме албумот, полека да почнеме да го промовираме и надвор од Република Македонија. После една година од објавувањето на албумот почнува да ни се остварува таа замисла. Така што, мислам дека нема да застанеме тука. Ќе шетаме насекаде во Европа, насекаде во светот. Среќни сме што сме вечерва во Германија и повторно ќе дојдеме, се разбира“, вели Мартин Филиповски.

Stefan i Martin Filipovski

„Посебна гордост ни е што луѓето се обединуваат надвор од државата, од Македонија, и покажуваат интерес за оние песни што ние ги преработивме. И тоа е целата поента на ова рекомпонирање на песните што ги правиме да ги доближиме Македонците повторно до тие убави песни македонски. Тоа сега засега се остварува“, вели Мартин Филиповски.

„Сите знаеме каква е ранлива ситуацијата во Македонија и веруваме дека ние како музичари можеме да придонесеме преку културата и традицијата, со овие песни, во зајакнување на духот кај секој Македонец“, вели Стефан Филиповски.

Next time

Бендот сака да направи нова авторска музика со рок елементи, но во исто време да направи и спој со македонскиот етно мелос.

Автор: Александар Методијев

Сите содржини на nota.mk се авторски. Превземањето е дозволено според правилникот за превземање на содржини.

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading