22/04/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

Струмичани се исплашија од епидемијата со голема кашлица – во редици чекаат да ги вакцинираат своите деца

По стотина деца во Струмица секој ден се вакцинираат. Невидена гужва е пред службата за вакцинација во Здравствениот дом во овој град, откако родителите ги фати паника поради прогласената епидемија со голема кашлица во Скопје. А, струмичани и има за што да се грижат – опфатот со вакцина на децата од претшколска возраст е едвај 72%, што покрај Куманово е најнизок во земјава.

вакцина

„Доцневме со вакцината поради пандемијата. Девојчето се роди во време на ковид и навистина бевме исплашени во тој период. Потоа почна да ни се зголемува стресот поради тоа што веќе потпорасна а ние ги немавме примено поголемиот број вакцини од календарот“, вели младата мајка пред вакциналниот пункт во Струмица. Со четиригодишното девојче си играше на тревникот пред влезот и чекаа да се расчисти метежот од десетици други родители со деца. Преовладуваа деца на возраст помеѓу 3 и шест години, а коментарите за задоцнетото вакцинирање беа различни. Малкумина од присутните кажаа дека се дојдени за редовна вакцина.

И доктор Дејана Масинова вели дека вакцинацијата во регионот е поместена поради ковид-пандемијата. До ваков заклучок дошле по личните контакти со родителите кои ги контактирале поради задоцнети вакцини. Сепак, порачува дека овој аларм мора да го слушнат и да се донесат децата на вакцинација. За поврзаноста на намалениот број деца опфатени со редовна вакцинација и ковид-пандемијата говори и извештајот на УНИЦЕФ, кој проценува дека во периодот од 2019-2021 година на светско ниво околу 48 милиони деца не примиле ниту една вакцина. Организацијата смета дека светот е вратен 10 години наназад во поглед на вакцинацијата на децата. Кон тоа се додава и растечката недоверба кон вакцините, поради што опфатот на целосно вакцинирани деца во Македонија но и генерално на Балканот е во опад. „Очигледно е дека стравот е најбрз лек против дезинформациите за вакцините“, ни искоментира дежурниот тим во службата за вакцинација во Здравствениот дом во Струмица. Почнале да работат во две смени од 7 до 19 часот во работните денови и од 8 до 13 часот во сабота за да може во најкус рок да се вакцинираат сите деца кои деновиве доаѓаат за вакцина.

Masinova

„Факт е дека овој интерес не е случаен. Родителите се во паника поради епидемијата со голема кашлица што се појави во Скопје“, вели доктор Дејана Масинова.

Според Извештајот на Институтот за јавно здравје, во 2023 година опфатот со ди-те-пер вакцината во Струмица е 72% за прва ревакцина. Нешто подобар е опфатот со првата доза која се става на 2, 4 и 6 месеци. Првата доза е со опфат од околу околу 81%, со втора доза е 82% и 84% е за третата доза. Најголем е опфатот на втората ревакцина и изнесува 93%.

Но, изговорите за доцнењето со вакцините што ги даваат родителите не се релевантни за  искусниот микробиолог доктор Никола Пановски. Тој смета дека ваквото однесување е ризично и неодговорно.

panovski

Доктор Пановски вели дека родителите од урбаните средини потфрлиле бидејќи станале поподложни на дезинформации и манипулации од родителите кои живеат во руралните места, со што го загрозуваат здравјето на своите деца.

„Ситуацијата не е наивна, оние што имаат пропуштени вакцини или не се воопшто вакцинирани мора веднаш да се вакцинираат“, порачаа од Институтот за јавно здравје, каде секоја година се објавуваат извештаите за вакциналниот опфат во земјава. „Вакцинацијата е во опаѓање за речиси сите вакцини, а најмала е кај децата до шест години“, додаваат од ИЗЈ.

„Стравот“ од МРП вакцината како причина за одложено и задоцнето вакцинирање

Последните години се создаде отпор за примање на мрп вакцината, поради што се поместува примањето и на другите вакцини. Зголемениот број на деца со говорни отстапувања во струмичко предизвика паника кај родителите. Тие се плашат дека токму оваа вакцина е поврзана со зголемената појава на говорни проблеми но и аутизам кај децата. Затоа, чекаат да се оформи говор кај нивните деца пред да ја примаат мрп вакцината. Според доктор Масинова ова е апсурд и нема никаква научна поткрепеност.

Masinova

Таа потсетува дека овие вакцини се користат веќе 50 години и не постои основа за сомнеж. „Вакцините постојано се унапредуваат и прочистуваат,станува збор за современи вакцини, истите што се користат во сите западноевропски земји“, вели Масинова.

Таа ги упатува родителите да ги проверат вакцините во Централен регистер за лекови, каде јавно достапни се сите податоци за вакцините: производител, состав па и несакани дејства, за кои вели дека се ретки и најчесто се појавуваат во вид на благ осип на телото или покачена телесна температура.

Ваквиот став го дели и професорот Никола Пановски. „Милијарди луѓе се вакцинирани со оваа вакцина изминатите децении па немало проблем. Но, треба друго да се запрашаме: дали тогашните генерации биле изложени на радиобранови на кои максимално се изложени денешните деца и новите генерации?“, прашува Пановски.

panovski

Кампањи и казни за поефикасна вакцинација на децата

И генералниот опфат со вакцини во струмичко е помал кај децата во претшколска возраст. Од Здравствениот дом велат дека процентот се подобрува кај децата на училишна возраст, пред сѐ поради потребната потврда за запишување во училиште. Но, медицинските екипи во оваа здравствена установа велат дека се спроведуваат редовни кампањи кои опфаќаат едукации, јавувања и средби со родители.

Таа вели дека иако треба  во овој регион уште да се работи на подигнување на свеста за важноста на вакцинацијата, процентот на целосно невакцинирани деца е мал. „Досега се многу ретки случаите на родители кои децидно ќе одговорат- нема да ставам ниту една вакцина“, додава Масинова. Едукација во Струмица препорачува и доктор Пановски кој смета дека за Струмица и Куманово е потребно посебно внимание бидејќи загрижуваат податоците за овие два града. „Просекот на вакциналниот опфат во земјава е 84%, во Струмица е 72% на децата во претшколска возраст што е многу под општиот просек. А за максимална заштита, ако може така да се рече, потребен е опфат од 95%, најмалку од 90%. Тогаш би имало многу помал број на случаи при евентуални појави на болести“, смета Пановски.

вакцина

Министерството за здравство, пак, вели дека будно се следи ситуацијата со појавата на епидемија со голема кашлица во Скопје и сметаат дека е позитивно тоа што се зголемува бројот на вакцинирани деца во другите градови во државата, меѓу кои и Струмица.

вакцина

Министерството вели дека се размислува на засилување на кампањите за промоција на вакцинацијата и важноста од имунизација на населението. Не е исклучена можноста и за заострување на санкциите за родителите коишто одбиваат да ги вакцинираат своите деца.

Вакцинацијата на лица од 0 до 18 години во земјава е регулирана со Законот за заштита на населението од заразни болести, како и со Правилникот за имунопрофилакса, хемиопрофилакса, лицата кои подлежат на овие мерки, начинот на изведување и водење евиденција и документација.

Со овој текст Нота.мк се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Related posts

Клучната улога на медиумската писменост во развојот на тинејџерите

Димитар Мицев

Негување медиумска писменост кај децата – зајакнување на нивната отпорност на дезинформации

Димитар Мицев
Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading