16/06/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

Фатмата – приказна за прекинатите соништа

Млада, со виткана коса и блага насмевка. Фотографијата на 23 годишната Фатмата којашто беше застрелана кај Гевгелија ја обиколи државата и регионот. Така јавноста ја запозна младата девојка чиј живот беше ненадејно и насилно прекинат кратко откако успеале да влезат во Македонија. Обидот да стигнат од  Сиона Леоне до Западна Европа се претвори во крвава голгота. Случајот со Фатмата ги натера активистите Џовани и Џулиет од италијанската организација Second tree кои работат в Грција да пристигнат во Македонија како поддршка за сопругот на Фатмата, Абу Бакар. Тие се обидоа да му помогнат да се побара правда пред македонските власти за прерано загинатиот живот. Активистите кои работат на северот од Грција со месеци беа во земјава. Тие ги познаваат Фатмата и маж ѝ, младиот пар престојувал во камп во кој организацијата работи. За нив беше важно институциите да разберат дека загубениот живот не е само број во статистиката несреќи и трагедии, туку прекинати соништа на една млада жена која имала сопруг, семејство и надежи. За жал, тие останаа неостварени, а сонот заврши на паркингот во Гевгелија на само неколку километри од македонско-грчката граница.

fatmata

„Фатмата и соругот се пoзнавале од деца, а младешката љубов прераснала во долгогодишна приврзаност и брак. Планирале да го прошират семејството, а непосредно пред несреќата, Фатмата му соопштила дека е бремена, но, немале пари да ја проверат и потврдат бременоста“, раскажа за Нота.мк Џовани Фонтна од Second tree. За него беше исклучително важно овој процес да се следи внимателно и јавноста ја информираа за напредокот на случајот, како за обидите да се транспортита телото на девојката во Сиена Леоне, така и за почетокот на судскиот процес против полицаецот. За таа цел, граѓанската организација Second tree на својата веб страница има посебна категорија со името на младата жена, каде хронолошки се евидентирани сите настани поврзани со нејзиното убиство.

Стотици луѓе присутни на погребот на Фатмата

Точно 85 дена, или речиси три месеца и околу 10 илјади евра биле потребни за телото на девојката да стигне во родната земја. Кога се случуваат вакви несреќи, не е едноставно починатиот да се погребе во својот дом, од најблиските. Токму затоа последнава деценија стотици мигранти и бегалци беа погребени во земјите каде настрадаа. Сопругот Абу Бакар се прости со Фатмата на гробиштата Бутел, пред телото да замине за Србија. Тој остана во Скопје да бара правда за својата сопруга.  Телото на девојката го придружуваше претседателот на Second tree, Џовани Фонтана. Тој тргна и лично го предаде телото на нејзиното семејство во Сиена Леоне. По препорака на Европската федерација на погребни компании, телото на Фатмата беше преземено од погребна компанија од Србија. Тие го организираа патувањето кое почна од Скопје, а потоа од Белград со авион до Турција. Преку Турција до Буркина Фасо и најспосле до Сиена Леоне. Најголемиот дел од вкупно 9.800 евра колку што чинеше транспортот на телото ги покри анонимен донатор, а останатите организацијата Second tree. Фатмата беше погребана на 30 јули, а на вечното почивалиште ја испратиле стотици граѓани.

fatmata

По овој случај, организацијата ја контактирале уште три семејства кои побарале помош од нив телата на нивните починати блиски да се вратат и погребаат во родните земји.

Стотици жртви само во Македонија

Сообраќајните, железничките, но и поморските несреќи се најчеста причина за загубените животи на Балканската бегалска рута. Движејќи се инкогнито и во небезбедни услови, илјадици животи страдаа во Турција, Грција, Македонија и Србија. Стотици од нив завршија на патиштата и пругите во Македонија од 2014 до денеска.

Граѓанската организација „Легис“ смета дека присуството на Фронтекс во Македонија ќе значи помалку несреќи, насилства и поголема безбедност за мигрантите. Фронтекс  им помага на македонските власти при патролирање, спроведување на проверки на документи и собирање информации за прекугранични криминални активности.

И меѓународните организации во мисијата на Фронтекс  гледаат надеж за ублажување на мигрантска криза во регионот.

Кој ќе одговара за животот на Фатмата?

Во Македонија се води судски случај против полицаецот Игор Марков, кој на кобниот 19 април 2023 година, при расправија со криумчари ја застрела 23 годишната девојка. На рочиштето што се одржа на почетокот на овој месец, тој се изјасни како невин и го отфрли обвинението.

Обвинителството пак, смета дека полицаецот не требало да се впушта во борба со криумчарите, особено бидејќи знаел дека носи службено оружје.

Младот брачен пар требало со помош на криумчари да ја помине Македонија, но, полицијата ги открила кај Гевгелија. Настанала борба помеѓу криумчарот и полицаецот Игор Марков при што полицаецот испукал од службениот пиштол. Куршумот завршил во телото на Фатмата која седела на задното седиште од автомобилот со кој требало да ги превезат.

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading