Кредитот од Унгарија да го поддржи домашниот аграр и компаниите за производство и преработка на овошје и зеленчук. Земјоделските здруженија и компании од Струмичко сметаат дека е исклучително важно да се кредитира македонското земјоделство, особено во време кога сѐ повеќе млади се демотивирани да градат иднина во оваа гранка. Тие апелираат министерството и Владата да посветат внимание на овој сектор кој зема значајно учество во бруто домашниот производ, но и има голема потреба од осовременување.
Благој Витанов со децении работи во земјоделскиот бизнис. Вели дека каматната стапка од околу 3.2% е поволна, бидејќи домашните банки постојано ги зголемуваат каматните стапки. Тој имал рамковен кредит кој при обновата бил поскап, односно зголемен за 1%.

Зедов рамковен кредит со каматна стапка од 3.8%. И тоа беше во ред за мене, за мојата дејност. Но, кога требаше да се обнови рамката, каматната стапка стана 4,9%. Значи сега зборуваме за околу 5% каматна стапка, што е многу за секој бизнис. Споредено со каматната стапка од оваа линија, сметам дека ќе им биде далеку поповолна на компаниите, вели Витанов.
Пари би требало да се слеат и кај примарните земјоделски производители смета Витанов. Производството на храна мора да стане висок прироритет на државата, но земјоделците да се здружат за да бидат посериозни на пазарите.
Земјоделците се многу ситни играчи, така да кажам. Да се соберат по 20, 30 заедно, да имаат своја фирма, да отворат капацитет каде ќе се сортира и пакува производството. Тие носат директно од нива. Не може повеќе така. Албанија на пример, можам да ја посочам бидејќи таму работам со години, е отидена далеку понапред во тој поглед. При такви услови, земјоделците би ги зеле работите во свои раце, би биле посериозни, поголеми на пазарот и нема да има простор и за манипулации од откупувачите, тоа што низ годините е најголем проблем, додава Витанов.
Finance think сметаат дека секоја компанија која има добар инвестициски проект што сака да го реализира, треба да добие кредит. И тие како и Витанов сметаат дека каматната стапка е поволна за домашните компании.
Главната придобивка е поволната каматна стапка. Според најавите на владата, истата каматна стапка што ја добива државата, 3.25% ќе ја добијат и фирмите. Моменталната просечна каматна стапка на новоодобрени банкарски кредити е над 5%. Значи, разликата е значајна, велат од Finance think.

Осовременување на преработувачките капацитети тежок и долготраен процес. Низ годините голем дел од производството останува во нивите, а преработувачките капацитети не успеваат да го откупат дури и кога тоа е за џабе. Главната причина за ваквите вишоци во производството е поради слабиот капацитет на преработувачите во земјава кои немаат можност да складираат и преработат толкави количини.

Голем дел од нашите преработувачи имаат застарена технологија. Инвестирано е пред неколку декади, па потребно е осовременување и од аспект на брзина, квалитет, но и капацитет на преработка и производство на земјоделски производи, вели Ристо Велков, Сојуз на земјоделски синдикати.
Велков вели дека следен логичен чекор би бил земјоделските задруги да профункционираат вистински па да инвестираат не само во механизација и ладилници за производството, туку самите да ги преработуваат и да нудат готови производи на пазарите.
Ова секако е една од можностите, од кои реално сметам дека сме далеку. Нашиот земјоделски производител е научен да делува сам, тешко се ослободува од своите навики иако тие се на негова штета, вели Велков. Од друга страна, земјоделските фирми се мали, кредитите не им се достапни, па дури и ИПАРД програмите се далеку над можностите на просечен земјоделец и преработувач, заклучува Велков.
И Finance think се сложуваат дека редовните кредити во моментов не се најповолни, но во тој поглед Македонија не е изолирана, туку условите секогаш зависат и од светските тенденции.
Финансиските услови моментално се затегнати во мера во која издавање еврообврзница би било значајно поскапо, веројатно во опсегот меѓу 5% и 6%, што значи дека тоа задолжување би било значајно поскапо. На домашниот пазар, државна обврзница со пет-годишно достасување последно е издадена со 4.2%, а 15-годишна со 5.6%. Условите се такви поради монетарните затегнувања ширум светот за стабилизација на инфлацијата. Сега, очекувањата се дека тој притисок пополека ќе се олабавува, меѓутоа моменталните услови се тие. Значи, финансирање секогаш ќе има, прашањето е по која цена, објаснуваат од Finance think.

Министерството не прецизира под кои услови ќе се даваат парите од кредитот – основно е компаниите да гарантираат поголема продуктивност. Министерството за финансии најави дека кредитот пред се е наменет за компании кои сакаат да го зголемат обемот на производството. Засега нема други детали околу
условите што ќе мора да ги исполнат домашните фирми за да аплицираат за овој кредит кој е оценет како поволен.

Најавените средства за компаниите во износ од 250 милиони евра се наменети пред се за поддршка на нов инвестициски циклус во приватниот сектор, кој ќе обезбеди развој. Тука пред се се мисли на производствени капацитети, со цел да се зголеми производството и токму затоа еден од критериумите ќе биде зголемување на обемот на производството на компанијата која ќе биде корисник на средствата. Она што е познато во јавноста е дека средствата од кредитната линија се обезбедуваат со камата од 3,25%, 15 години отплата и 3 години грејс период, реализацијата ќе се спроведува од Развојната банка, а на крајните корисници ќе бидат достапни преку комерцијалните банки во земјава.
За Finance think големината на компанијата не треба да игра улога, но можеби треба да се внимава на одредени сектори кои се покажаа како особено важни низ годините, меѓу кои и земјоделскиот.
Енергетската криза исфрли на површина неколку сектори кои се приоритизираат ширум Европа. Тоа се секако секторот обновлива енергија (фотоволтаици, ветерници), потоа земјоделието но од аспект на неговата самоодржливост, потоа т.н. зелена логистика, односно инвестиции со кои во секторот логистика и синџири на снабдување ќе се минимизираат негативните последици врз животната средина; и би го издвоила сегментот од ИТ индустријата кој се занимава со т.н. сајбербезбедност, бидејќи живееме во дигитална ера во која сајберзаканите преставуваат сериозна закана и за индивидуите, и за компаниите, и за државата во целина. Стопанската комора посочува дека на македонските компании им е потребен свеж
капитал, особено ако е по поволни услови. Подготвени се да преговараат со Владата за условите под кои компаниите ќе ги добиваат парите. Не посочија сектори, но, сметаат дека потребно е да се даде предност на компаниите што ќе ја подобрат продуктивноста, иновативноста и извозот.
Со овој текст, НОТА.мк се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбаса

