22/04/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

Проектите за малите хидроелектрани го нарушуваат владеењето на правото

Од граѓани, партија, но и по допрен глас Антикорупциската комисија веќе работела и затворила шест случаи: три за Кочо Анѓушев, еден за Хрисијан Мицковски, еден за планирана мала хидроцентрала на реката Вардар и еден за хидроцентрала во Неготино. Наводите во пријавите не успеале да ги потврдат. Но, во однос на Мицковски било утврдено дека кога се одлучувало за концесијата тој не бил на функција, па сомнежите за влијание не можеле да бидат поинаку третирани.

„Концесијата за користење вода за изградба на вакви мали хидроцентрали на реката Брегалница и на Клепалска река донесена е на 07.08.2014 година, а тој првпат станува советник на тогашниот премиер на 15.04.2015 година. Значи, можеби имало влијание, бидејќи има блиски лица во иста политичка партија, но овој случај ние, согласно законот, не можеме да го третираме така“, објаснува Нури Бајрами, член на антикорупциската комисија.

Nuri Bajrami

Во однос на Кочо Анѓушев, дополнителен поднесок кон записникот од владината седница овозможил наводите во пријавата да не се потврдат. Се работело за гласање на владина седница за продолжување на рокот на градба.

„На почетокот на записникот на седницата на Владата, кадешто е продолжен тој рок, се наведува дека е присутен и подоле не можете да го најдете, него тоа ќе го најдете со посебна изјава приложена кон записникот дека е изземен. Сега, дали ова изземање значи потполна објективност – никаде не е уредено. Значи, тоа не може да се потврди ако нема конкретен и директен укажувач, бидејќи формалноста кога е испочитувана не значи и потполна објективност. Но, при анализа на целиот случај се потврдени многу други пропусти и неправилности“, нагласува Бајрами и објаснува:

Nuri Bajrami

odluki po prijavi

„Случајот, односно предметот оформен за судир на интереси се однесуваше на група хидроцентрали на реката Жировница, бидејќи таму имаше добиено концесија за користење на водата фирмата на Анѓушев, преку Фероинвест и Хидрогенгруп. Проблемот се однесуваше на заштитеното подрачје, каде никој не го имал предвид Законот за заштита на природата и Законот за водите, бидејќи таквите проекти во заштитените подрачја се забранети со препораката 184 од Бернската конвенција и препораките на Советот на Европа. Овие слабости навистина го нарушуваат доброто управување и владеење на правото, бидејќи и да се другите чекори се во ред, пак проектот е спротивно на некој закон, што не смеело да се случи“, вели членот на Антикорупциската комисија, Нури Бајрами.

Во гостиварско се копало каде се стигнало

Покрај тој случај и уште еден за неправилности при доделувањето на градежното земјиште, во однос на Анѓушев бил отворен и случај „Падалишка река“. Антикорупциската комисија посредувала и случајот се завршил спогодбено. Реката по градењето на малата хидроцентрала направила поплава во 2019 година, по што пат во селото бил оштетен.

hidroelektrana

„Бидејќи беше порементена целата река. Сите камења, кои требало да се отстранат се фрлени во реката. Од таму, каде е земена водата, не се работело според проектот, туку е копано кој каде стигнал. Значи, нарушена е конфигурацијата. Значи, целата конфигурација што е нарушена треба да се врати и да се обележи каде што е земена водата да се знае што е како подземна инфраструктура. Да не беше отворен предметот пред нас никој друг не се интересираше, иако јас преку таков предмет се јавив во општина Гостивар, каде и сум работел пред да дојдам тука, дека тие се надлежни, дека тие мора да го следат од денот кога се издава одобрение на градба, се до крајот како се спроведува проектот“, објаснува Бајрами.

Проблеми на приватните имоти

И во Националниот парк Маврово, но и во соседниот Шар Планина најдовме жители кои беа незадоволни и тврдеа дека имале проблем со своите имоти поради малите хидроцентрали. Од вижење со тешка механизација и копање во приватни парцели, до неплатен имот – спектарот на жалби е широк.

„Тоа знаат подобро тие што го направиле и како го направиле. Ама реката ја нема веќе таа вода што ја имаше. Таа оди во централата. Колку што јас сум слушнал, имаше многу проблеми со приватни луѓе, затоа што каналот влегол во приватни парцели. Нема со ниеден приватник спогодба. Сите луѓе се жалат за тоа. Влезе булдожерот да копа и не го порамни како што треба. Зошто нема спогодба со приватници – тоа треба да знаат тие што му дале право да ја гради таа хидроцентрала, дозвола. На приватен имот државата му дала дозвола. Не го праша ниту еден приватник“, вели Евраим Рамизи, жител на селото Вешала.

Evraim Ramizi

„Сакаа по една марка. За една марка се онади. Поарно земи ја џабе, него за една марка. Мене ми го платија, со големи напори 6 евра по квадрат. А, другото ништо. Ќе видиме, ќе видиме и сѐ со лага. Така остана. Не ми го платија воопшто. Сѐ со лага се работеше овде. Дојди ти, те молам, настрана ќе земеме… Во единаесет саат (навечер, н.з.) ми доаѓаат од Скопје да ме убедуваат мене за местото да ми го земат.Тие беа сѐ со лага. Да го убедат народот и да ги земат пошто-зашто. И, сега, тоа е“, објаснува Зејнула Бојаџи, жител на Јанче.

Zejnula Bojadzi

Зејнула Бојаџи, кој нѐ однесе до хидроцентралата, ни кажа и дека нему 1.500 квадрати земјиште нѐ му биле платени. И таа и други хидроцентрали се градени на ист начин.

„Малите хидроцентрали од деривационен тип се градат на тој начин што на некој горен тек на реката се прави зафат во којшто се зафаќа целата вода или 90 проценти од водата и се става во цевка. Цевката е ископана покрај речното корито и може да е со должина од два па и до пет километри. Тоа е со цел да се контролира притисокот и падот на водата и три или пет километри во подолниот тек на реката се наоѓа турбината, кадешто од цевката се пушта водата. Тоа значи дека тие други километри, во коишто е пренасочена водата, имаме празно речно корито“, објаснува Ѓорѓи Митревски, проектен координатор за заштита на води во организацијата Екосвест.

Gorgi Mitrevski

Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева

Овој текст и документарниот филм „Синото срце“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe.

journalismfund
Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading