21/05/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

Договорите за хидроелектраните во Жировница ќе се раскинуваат спогодбено

Проблемот со малите хидроелектрани е што се градат во недопрена природа, а за одвивање на градежните активности се сечат дрвја и се пробива пат. На многу места има остатоци од градежен материјал. Оставениот мал проток на водата го загрозува живиот свет, како во реката, така и надвор од неа, бидејќи така се намалува и водата за дивите животни и стоката.

hidroelektrani

Некои од хидроцентралите се или биле планирани на извори од кои населението добива вода. Таков е примерот во Жировница, во Националниот парк Маврово, каде населението од 2018 се бори против изградбата на хидроцентрали.

„Таму има пресушување. И нема да биде профитабилна таа хидроцентрала. Но, субвенционирањето е преголемо за нив, отколку што е профитабилноста во хидроцентралите“, вели Аднан Салију, претседател на месната заедница во село Жировница, кого го прашавме дали во селото се знае кој треба да инвестира?

Adnan Saliu

„Знаеме. Како не. Хидроген Енерџи Груп. Тој е брат на бивши вицепремиер на државава. На Анѓушев. Што сакал да направи? Инвестиција од 5.000.000 се спомнуваше цело време. Ама инвестицијава е во бетони. Не е во вработување. Значи, во уништување на цела природа – комплет. И, сега ние да си правиме бајки, да си кажуваме дека: еј бркате, така не обвинуваа, бркате инвеститори! Кои инвеститори? Тој не отвори фабрика за 200 души да вработи“, нагласува Салију.

Во Жировница се среќни што хидроцентралите досега не се изградени, но ги плаши тоа што немаат информации што ќе се случува со двете планирани мали хидроелектрани. Во Министерството за животна средина нѐ информираа дека се во фаза на спогодување за раскинување на договорите за малите хидроелектрани во Жировница.

Врски меѓу инвеститорите и владата

Во германската фондација „ЕуроНатур“ велат дека е фрустрирачки тоа што досега не се раскинати договорите за мали хидроцентрали во јадрото на центарот за размножување на рисот на Балканот.

Gabriel Svaderer

„Тоа би можело да се направи доколку има доволно политичка волја. Но, најверојатно, има врски меѓу оние кои би имале корист од малите хидроцентрали во Маврово и оние кои се во владата. И да, ова е… Ние го критикувавме ова и тоа од наша гледна точка не помага за пристапната перспектива на Северна Македонија во Европската Унија. Бидејќи очигледно тоа е еден вид на клиентелистички пристап и да, ова не е компатибилно со законодавството и правото на ЕУ“, нагласува Габриел Швадерер, директор на германската фондација „ЕуроНатур“.

„Жалам, уште еднаш, жалам што во Македонија, а сум во контакт со доста, доста коишто имаат ист проблем… Ги жалам. Само, ова е една… Не знам како да се изјаснам. Грубо не би требало… Најурбана мафија што постои во светот. Не го засега дали на населениево ќе му пресуши изворот за напојување. Дали ќе се соочи со не знам какви проблеми, само да дојде до профитабилност“, вели Аднан Салију, претседател на месната заедница во село Жировница.

Adnan Saliu

Пред добивањето на дозволите, концесионерите мора да достават анализи за влијанието на нивната градба и работа врз животната средина. Но, законот им остава простор за два вида и полесно добивање на дозволите.

„Нешто што итно мора да се промени – тоа е начинот на добивање на дозволите. За дозволите за изградба на мали хидроцентрали има два механизми. Едниот е опсежна студија за влијанието врз животната средина, коешто подразбира биомониторинг 12 месечен и предвидување на мерки на митигација, односно надминување на штетните ефекти ит.н. Другиот е еден оскуден, многу мал документ што се вика елаборат за животна средина, во којшто инвеститорот образложува какви се состојбите во животната средина и кои мерки ќе ги преземе за нејзина заштита“, вели Ѓорѓи Митревски, проектен координатор за заштита на води во организацијата Екосвест.

Gorgi Mitrevski

„Честопати нема јавна консултација, па луѓето на терен само забележуваат кога ќе се појават багерите и ќе почнат да копаат во речното корито дека нешто се случува. И во таа фаза е исклучително тешко да се преземе правна постапка. Секретаријатот на Регионалната енергетска заедница, кој е во Виена, тие исто така забележаа многу силни проблеми со проценките на влијанијата врз животната средина за хидроенергетските проекти во регионот, и мали и големи. И Европската комисија исто така често ја забележува оваа тема во извештаите за проширувањето. Така што, ова не е прашање само на екологистите. Ова е исто така недостаток на усогласеност со стандардите на ЕУ“, вели Пипа Галоп од „Банквоч“.

Pipa Galop

Елаборати врз податоци стари половина век

Urlih Ajhelman

„Многу, многу од овие хидроенергетски проекти, особено големите, се базирани на истражувања стари 50, 60 години. Денес имате сушни фази каде што реките, помалите реки дури пресушуваат во лето, поголемите имаат многу помалку вода. Потоа следуваат фази со неверојатна количина на вода, со поплави. Хидроцентралите не можат да произведуваат во двете фази. А тоа значи дека нормалните фази, каде што има одредена континуирана количина на вода, веќе не постојат. Тоа значи дека ова повеќе не е економично“, нагласува Улрих Ајхелман, извршен директор во организацијата „Ривервоч“.

Кај барањето со елаборат комуникацијата е меѓу инвеститорот и институцијата, со исклучување на јавноста. Кај барањето со опсежна студија треба да следи јавна расправа со учество на невладини организации и локалната заедница. И во Жировница немало опсежни студии, туку елаборати, кои ги шокирале.

hidroelektrana

„Наидовме реално на згрозување од елаборати. Пишано по канцеларии. Замислете, имаме пасуси на српски јазик. Значи, дефинитивно препишани кај што се изградени во Србија. Во соседна Србија изградени хидроцентрали и од таму напишани елаборати. Ниту на терен излезени, ниту мерење има на вода, издашност, биодиверзитет нарушување… Не знам, не знам што“, вели Аднан Салију, претседател на месната заедница во село Жировница.

„Значи, сите мали хидроцентрали во нашата земја се изградени преку елаборат. Останува прашањето како една третина од нив се изградени во заштитени подрачја и национални паркови, а никој не чувствувал обврска дека треба од инвеститорот да побара опсежна студија за влијанието врз животната средина. И, тоа е навистина, навистина голем проблем. Државата и енергетскиот систем нема толку голема добивка од производството, специфично од мали хидроелектрани. Една економска пресметка покажува дека ние годишно субвенционираме помеѓу 16 и 17 милиони евра за малите хидроелектрани, коишто произведуваат помалку од 4 проценти. Доколку тој истиот буџет на годишно ниво се инвестира во енергетска ефикасност, заштедата ќе биде токму толкава колку што овие произведуваат. Разликата ќе биде единствено што нема да имаме 70 речни екосистеми уништени и нормално, нема да имаме повеќе од 20 локални заедници кои имаат проблем со водоснабдувањето“, додава Митревски.

Тужби против изготвувачи на елаборати

„Значи, Маврово, Шара, толку многу проекти се планирани во национален парк. Ова е меѓународно незаконски.Значи, и таму мора да се обезбеди јасност.Заштитените подрачја и природните резервати се за заштита на природата. Толку, крај. Инаку нема потреба да се прави тоа. ​​Има ужасно многу простор за корупција, ужасно многу простор за пари да исчезнат. Кој знае колку чини сето тоа вкупно и што навистина чини? За мене, корупцијата е вистинскиот двигател зад сето ова“, вели Улрих Ајхелман извршен директор во организацијата „Ривервоч“.

На југоистокот од Македонија екоактивистите подготвуваат тужба против изготвувачи на елаборати. Луѓето излегоа на протест откако виделе дека на Кожуф дошле машини да копаат. За да ја спасат реката и планината бараат Кожуф да биде прогласен за национален парк.

„Нема да дозволиме ова да се случи како што во 2017 не дозволивме  да почне изградбата на рудници на Кожув, сега народот и граѓаните се исто определени дека на Кожув ке нема мали хидроцентрали. Ова наше природно богатство мораме да го заштитиме по секоја цена и ќе го зштитиме. Тогаш бевме определени, и сега сме определени. За жал, ќе заврши една катастрофа во најава за Кожув, се случува друга“, вели еко-активистот Ангел Наков.

Angel Nakov

„Еве тука под нас, од Смрдлива Вода до Коњско веќе имаме една мала хидроцентрала и знаеме се што направија, целата река ја однесоа, направија лошо, и затоа викам, не треба да дозволиме да се прават хидроцентрали и Кожув да си остане таков каков што го знаат сите планинари и јас лично“, бара планинарот и активист Ване Митров.

Vane Mitrov
hidroelektrana

„Ова е квази зелена енергија, ние не сме против, ни сме луѓе кои се борат за човештвото, ние сме за зелена енергија, обновлива енергија, тоа се фотоволтаици, ветровни паркови хидроцентрали кои не загрозуваат подрачја со висок биодиверзитет, ние го сакаме тоа, но овие мали хидроцентрали – мислам тоа е една пародија,во којашто поединци ги искористија европските директиви и сакајќи да стекнат исклучиво лични профити и интереси го протнаа овој проект на мали кидроцентрали. 100 мали хидроцентрали на најдобрите и најквалитетните реки во Македонија, знаете што значи? Тоа се преку 40Окм изградени цевководи, тоа се преку 6ООкм подземни далноводи, уништени илјадници и илјадници хектари шума неповратни за век и веков“, додава Ангел Наков.

Граѓаните освен преку протести, закани со тужби и изнесување на проблемите во медиуми, во однос на темата мали хидроелектрани поденсувале претставки и до Антикорупциската комисија.

Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева

Овој текст и документарниот филм „Синото срце“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe.

journalismfund

Related posts

Видлив воздух, невидливи луѓе

Димитар Мицев

Странец се обидува да го подобри квалитетот на воздухот во Скопје

Димитар Мицев

Фалат 48 проценти од потребните инспектори за животна средина

Димитар Мицев

Трицифрени милионски штети поради аерозагадувањето во Македонија

Димитар Мицев
Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading