16/06/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

Изгореле 200.000 хектари шума

За 21 година изгореле околу 200.000 хектари македонска шума. Во Македонија, покрај домашни, има и “увезени“ пожари. Таков проблем има во Националниот парк Маврово и тој доаѓа од соседна Албанија.

mavrovo

„Нашите пожари на територијата на паркот се увезени. Не само кај нас, туку увезени се и на Шар Планина“, објаснува Томо Ѓорѓевски, раководител за заштита на шумите во НП Маврово, додека ја покажува границата со Албанија на крајната точка на хоризонтот.

Tom Gorgoski

„Пожарите нам ни доаѓаат од другата страна – од пасиштата. Зошто ова ви го тврдам? Ви го тврдам затоа што ние пасишта и напасување на стока на Кораб немаме. Ова треба да биде малку на повисоко ниво, кадешто ќе треба да се вклучи и Министерството за надворешни работи и да има некоја билатерална средба. Бидејќи ова се прашања од билатерален карактер. Не е наш проблем. Не е наш проблем! И кога ќе дојде, пожарот се шири. А, оттаму никој не презема ништо, бидејќи поентата не е да го спречат, туку за да имаат во пролетниот период поквалитетни пасишта. И, затоа тие не го гаснат. Кога ќе дојде на наша територија, ние трчаме како, да не речам, избезумени за да не зафати што поголема површина“, објаснува Ѓорѓевски.

Во таква ситуација вработените сами пробуваат да го изгаснат пожарот, бидејќи пожарната во Гостивар или Дебар е далеку и додека дојде штетата може да стане поголема.

„Да речам дека добро досега се справуваме и исклучиво сме препуштени сами на себе“, уверува Ѓорѓевски.Го прашавме: што значи тоа?

Tomo Gjorgjoski

„Ние националниот парк. Затоа што вработените во паркот сами учествуваат воглавно во гаснење на пожарите. Противпожарни друштва на териотријата на општината – нема. Во одредени делови каде што е достапно може да дојде, по наше барање, противпожарното друштво од Гостивар“, додава Ѓорѓевски.

Позитивен пример во паркот е селото Жировница, каде жителите сами се организираат да формираат доброволно противпожарно друштво.

„На секое едно ќоше има хидрант поставен со кутија, со црева, со пиштоли. Сега исто така очекуваме… Дијаспората ни обезбеди 40 униформи. Дечкото е во Швајцарија. Работи таму во противпожарна екипа. Цел камион ни стигнува сега за краток период – опрема од чизма до капа“, објаснува Аднан Салију, претседател на месната заедница во село Жировница.

Adnan Saliu

Прашавме дали тоа значи дека ќе прават доброволно противпожарно друштво?

„Така. И ќе бидеме единствени во општинава, кои ќе формираме доброволно друштво, каде, не дај боже да дојде до такви несакани последици, да можеме да интервенираме најбрзо што може“, додава Салију.

Околу 20 проценти од целата шума во Македонија била опожарена

Пожарите, покрај дрвокрадството и болестите на дрвјата, се еден од факторите кои најмногу ги уништуваат македонските шуми.

pozar

„Во периодот од 2000 до 2021 година некаде се јавија вкупно околу 5.500-5.600 пожари. Значи, по околу 250-260 пожари се просечно годишно. Изгорената површина доаѓа вкупно во овие години околу 200.000 хектари, што е огромна бројка. Тоа се некаде 20 проценти од целокупната површина под шуми што била на некој начин опожарена со различен интензитет. Годишно ни гори некаде околу девет ипол до 10 илјади хектари шума и шумско земјиште, и некаде околу седум до осум милиони евра годишно имаме штета“, овјаснува Никола Николов, професор на Шумарскиот факултет и раководител на регионалниот центар за Југоисточна Европа за следење пожари на Глобалниот центар за следење на шумски пожари.

Nikola Nikolov

Кај нас немаме пожари коишто се јавуваат поради гром. Ние викаме дека тоа е некаде помалку од еден процент, за да не излезе дека немаме ништо. Значи, ние немаме проблем со такви пожари. Тоа значи дека човекот на различен начин се јавува директно, индиректно, намерно, ненамерно, како причина за тие пожари“.

Професорот Николов го отворил првиот Регионален центар за следење на шумски пожари во Источна, Југписточна Европа и Кавказ, кој е дел од советодавното тело на Обединетите нации за пожари. Во однос на пожарите – каде е Македонија во споредба со соседните држави?

„Ајде јас би рекол дека Македонија е некаде меѓу средината и максимумот. Значи, тука некаде сме ние. Малку сме над просекот. Други држави што се блиску до нас, да кажеме еве Црна Гора и Албанија имаат неверојатно многу проблеми со пожари. Имаме и ние. Но, повторно ќе кажам – зависи од годината. Ако генерализирам ќе кажам дека ние сме во горната половина од државите, коишто треба да поработат на заштита од пожари“, вели професорот Николов.

Фалат и пожарникари и возила

Приправноста на денови во црвена фаза и брзиот одговор при пожари се значајни за брзо сузбивање на огновите. Во време кога држави користат сателитски снимки и камери за детекција на пожари, Македонија има застарени возила и кусок на персонал. Тоа втора година по ред го покажало истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

„Последното истражување покажа дека во земјава недостигаат 340 пожарникари за да се запази оној законски минимум според број на жители. А, што се однесува до бројот на возилата на 34-та единици за противпожарна заштита – нивната просечна старост е 27 години. Да кажам лошото е што во овие последни три години набавени се повеќе од 20 возила, меѓутоа повторно просечно се стари 17 години. Така што, само за три години возниот парк се подмладил за една година. Значи, не го обновуваме онака како што треба.

German filkov

Во однос на старост на возила тие се најстари, да кажам, во помалите противпожарни единици. Водат Старо Нагоричане, коешто има скоро 40 години стари возила, Кратово, Валандово и Крива Паланка. Спротивно, пожарникари најмногу недостигаат во најголемите центри. И тука предничат Скопје, Куманово, Битола, Тетово и Штип. Практично, петте најголеми градови се соочуваат и со најголем недостиг на број на пожарникари“, објаснува Герман Филков, претседател на Центарот за граѓански комуникации.

Втора година по ред од пензија на работа во Валандово се враќа пожарникарот Ѓорге Илиев, за да помогне во гасење на пожари. Покрај во Македонија, годинава гасел пожар и во Албанија. Тој смета дека недостигаат многу повеќе пожарникари.

„Во територијалните противпожарни единици недостасува голем број на пожарникари. Мислам некаде во Македонија, по бројката која треба да ја има, недостасуваат 400 до 500 лица кои треба да бидат вработени во тие територијални противпожарни единици за барем со персонал да бидеме покриени. Покрај тоа, единиците имаат многу стара опрема, која не се обновува. Значи, тоа е од кога единиците поминаа под лукалната самоуправа. И, локалните самоуправи не се во можност да вложуваат толку средства, колку што се потребни, за единицата да се одржува во добра кондиција“, нагласува пензионираниот пожарникар Ѓорге Илиев.

Gorge Iliev

Опожареното дрво по пониска цена се извезува во Бугарија, каде се преработува во форма на пелети, кои завршуваат на западноевропскиот пазар.

Многу од пожарите намерно се подметнуваат за од изгорената површина да може да се користи дрвната маса, којашто во тој случај е со многу пониска цена“, објаснува проф. д-р Никола Николов.

На пазарот во Германија и во Европа има дрво, кое во форма на пелети се продава и во маркети и за кое постои сомнеж за потеклото, бидејќи често на пакувањето како место на потекло стои само Европа.

Автори:Александар Методијев, Сузана Мицева

Овој текст и документарниот филм „Кревките шуми“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe.

journalismfund

Related posts

Видлив воздух, невидливи луѓе

Димитар Мицев

Странец се обидува да го подобри квалитетот на воздухот во Скопје

Димитар Мицев

Фалат 48 проценти од потребните инспектори за животна средина

Димитар Мицев

Трицифрени милионски штети поради аерозагадувањето во Македонија

Димитар Мицев
Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading