Земјоделската сезона во Македонија сѐ потешко може да се предвиди според календарот. Долгите сушни периоди се менуваат со краткотрајни обилни врнежи, високите температури го зголемуваат стресот врз растенијата, а екстремните временски појави за само неколку часа можат да уништат принос за кон земјоделецот работел цела година.
Професорот Душан Спасов, кој долги години ги следи влијанијата на климатските промени врз струмичкото, но и македонското земјоделство, вели дека сушите се сериозна закана за производството. Како едно од можните решенија ги посочува акумулациите – не само оние што би ги граделе државата и општините, туку и помалите системи на индивидуалните земјоделски стопанства, со басени во кои би се собирала дождовницата.
Нивите под сѐ поголем климатски притисок
Како земја каде земјоделството буквално е зависно од вода, Македонија станува сè поранлива на подолгите суши, високите температури и екстремните временски појави како поплава и град. Домашните климатски проекции се дека земјоделството ќе биде меѓу најпогодените сектори.

Ако ја погледнеме статистиката, ќе се забележи дека производството од година во година значително варира. Податоците за 2024 година покажуваат пад на производството на ориз за 6,9%, на сончоглед за 10,2% и на луцерка за 6,7% во сооднос со 2023 година. Истовремено, компирот и краставиците бележат раст на приносите. Компирите за 9%, додека краставиците за 3.6%. Овие бројки се одличен показател за тоа колку се менливи земјоделските сезони, но тие не се конечен доказ за климатските влијанија. За да се добие вистинската слика, мора да се консултираат напредни климатски модели кои ги изолираат сите други надворешни фактори.
Токму таква прецизна симулација нуди студијата на Јордан Христов во списанието Environments[1]. Истражувањето јасно покажува дека новата климатска реалност најсилно ќе ги погоди културите кои носат најмногу пари во државната каса: грозјето, овошјето, житата и сточната храна (луцерката).
Струмичките земјоделци велат дека за нив садење на отворено станува тешко изводливо. До пред десетина години околу 50% од есенската реколта била на отворено, но големите горештини последниве години ги спречуваат да ја продолжат таа пракса. Атанас Ѓоргиев од село Муртино вели дека заштитните мрежи можат да решат дел од проблемот, но тоа е сепак скапа инвестици за многу индивидуални производители.
Загрозени и приносите на пченка
Кога се зборува за иднината на македонското земјоделство во ера на глобално затоплување, официјалните државни извештаи поднесени до Обединетите нации нудат сценарија кои бараат сериозно внимание. Долгорочните прогнози и математички симулации за она што допрва нè очекува, треба да помогнат навреме да се подготвиме за новата реалност.

Погледни ли се подетално судбината на двете наши најважни култури, пченката и пченицата, се забележува дека климатските промени нема да удрат со еднаква сила врз секој плод. Најголемиот предизвик се најавува кај пченката која се потпира исклучиво на дождовница. Во следните години, поголемиот дел од земјата ќе се соочи со постепен пад на приносите до десет проценти, додека во поранливите и посушните региони тој пад ќе биде двојно поголем. Проекциите за пченката се особено загрижувачки. Во зависност од регионот и климатското сценарио, се очекува намалување на приносите, кое во најранливите подрачја може да биде значително поголемо од просечниот пад на национално ниво. До средината на векот, ризикот станува уште поизразен, особено во подрачјата каде производството зависи од дождовите и нема сигурно наводнување.

Од друга страна, природата покажува дека климатската криза не значи автоматски помал род за секоја култура и на секое место. Пченицата, како есенска култура, е интересен исклучок во овие модели. Според одредени сценарија, во некои периоди и региони на државата се предвидува дури и умерено зголемување на нејзиниот принос за околу десет проценти. Но, овој изолиран позитивен бран никако не смее да се толкува како знак дека македонскиот аграр во целина ќе има корист од затоплувањето.
Фосилните горива дел од климатските закани
Но, климатскиот ризик за земјоделството не започнува и не завршува на нивата. Тој е поврзан и со начинот на кој се произведува и користи енергијата – од фосилните горива што придонесуваат кон глобалното затоплување, до цената и достапноста на енергијата што им е потребна на земјоделците за производство, наводнување и складирање.

Прашањето за енергетската транзиција не е одвоено од прашањето за иднината на производството на храна. За земјоделските региони, особено за оние кои економски зависат од земјоделството, промената на енергетскиот систем може да биде и можност за намалување на климатските ризици, но и сериозен економски предизвик доколку не биде добро испланирана.
Од Еко-свест укажуваат дека решението не треба да се бара само во намалувањето на емисиите, туку и во создавањето услови за економиите и заедниците навреме да се приспособат на промените:
„Согорувањето на фосилните горива, особено јагленот и фосилниот гас, е значаен извор на емисии што ги поттикнуваат климатските промени. Затоа, преминот кон чиста енергија е важен и за иднината на земјоделството и локалните заедници. Праведната транзиција значи постепено напуштање на јагленот, избегнување нова зависност од фосилен гас и инвестиции во обновливи извори, нови работни места и поддршка за луѓето и регионите погодени од транзицијата. Со навремено и добро планирање, можеме да го намалиме климатскиот ризик и истовремено да создадеме поотпорни локални економии,“ велат од Еко свест.

Затоа, адаптацијата на земјоделството повеќе не може да се сведува само на реакција откако ќе настане штетата. Потребни се инвестиции во наводнување и акумулации, подобро управување со водните ресурси, заштита на почвата, избор на поотпорни сорти и поголема употреба на технологии што овозможуваат навремено следење на состојбата на посевите. За земјоделецот, тоа значи поголеми вложувања, но за државата – потреба од политики што ќе му помогнат тој товар да не го носи сам.

