По жетвата во Пелагонија остануваат илјадници тони растителни остатоци. Дел од сламата се користи во сточарството, дел се внесува во почвата, но дел и понатаму се пали. Во Могила веќе функционира локален модел во кој земјоделската биомаса се преработува во пелети, со кои се загрева општински објект од 640 квадратни метри.
Пелагонија е најголемата житница во земјава и еден од најзначајните земјоделски региони. На пелагониските полиња се произведуваат пченица, јачмен, пченка и други земјоделски култури, а најголем удел има производството на лебното зрно.
Според податоците на Државниот завод за статистика, само во 2025 година во регионот биле произведени околу 99 илјади тони пченица. Но, од земјоделското производство не останува само зрното. По жетвата на нивите остануваат големи количества растителни остатоци – пред сè слама и други делови од растението.
Дел од нив се користат во сточарството, дел се враќаат во почвата, а дел сè уште се палат. Но, растителниот остаток може да има и друга вредност – да стане суровина за производство на биомаса, пелети и други форми на енергија.
Токму тука се отвора прашањето – може ли дел од земјоделскиот отпад наместо да се пали, да стане енергетски ресурс?

Во Могила сламата се претвора во пелети
ЈКП „Пела Хигиена“ од Општина Могила има погон за производство на пелети од земјоделска биомаса. Од таму велат дека суровината се состои од слама и друг соодветен растителен земјоделски отпад кој се обезбедува од ЗК „Пелагонија“ без надомест, додека се плаќа само услугата за нејзино балирање, по актуелните цени за оваа услуга. Производството на пелети од биомаса е сезонско.
„Согласно планираните активности, се очекува погонот да започне со производство на пелети околу 10 септември 2026 година. Производството не се одвива во текот на целата година, туку сезонски, односно приближно четири месеци годишно“, наведуваат од ЈКП „Пела Хигиена“ – Општина Могила.

Според податоците од претпријатието, производството е околу 300 килограми пелети дневно, а во производната сезона од приближно четири месеци се очекува вкупно производство од околу 12 тони готови пелети.
Односот меѓу количината на суровината и готовиот производ, сепак, не е фиксен.
„Количината на земјоделската биомаса потребна за производство на пелетите зависи од влажноста и составот на суровината, поради што не е утврден единствен фиксен сооднос на количината на суровината и готовиот производ“, објаснуваат од „Пела Хигиена“.
Пелетите го загреваат општинскиот објект
Пелетите не се произведуваат само заради преработка на отпадот. Тие имаат конкретна употреба. Со произведените пелети се загрева општинскиот објект во Могила, со вкупна површина од 640 квадратни метри. Пред воведувањето на овој начин на греење, објектот се загревал со инвертер клима-уреди и електрични панели. Од Општината велат дека со користењето на сопствено произведени пелети се намалуваат трошоците за електрична енергија. Но, засега нема точна пресметка колкава е годишната заштеда.
„Во моментот не е направена прецизна финансиска пресметка за вкупната заштеда, односно споредба на трошоците за греење со електрична енергија со вкупните трошоци за производство на пелети“, наведуваат од „Пела Хигиена“.
Оттаму додаваат дека поради тоа не може да се наведе конкретен износ на годишна финансиска заштеда без дополнителни пресметки врз основа на реално направените трошоци.

Што останува по жетвата?
Земјоделската биомаса не е нова идеја како извор на енергија. Во научниот труд „Производство на брикети и пелети“ од д-р Славе Арменски, д-р Доне Ташевски и д-р Љубица Каракашева, земјоделските остатоци се наведуваат како суровина за производство на цврсти биогорива.
Авторите меѓу земјоделските отпадоци ги наведуваат сламата од пченица, јачмен, овес и ’рж, како и остатоци од пченка и други земјоделски култури.
Во трудот е прикажан и односот меѓу зрното и отпадната биомаса. За пченицата е наведен однос од 1 : 1,2, односно на еден тон зрно се поврзуваат 1,2 тони отпадна биомаса. За јачменот е наведен истиот однос, додека за пченката е 1 : 1. Авторите, сепак, претходно нагласуваат дека количината на отпадна биомаса варира во зависност од регионот, видот на културата, влажноста и други услови. Токму затоа овој однос не треба автоматски да се претвори во проценка дека целата слама од Пелагонија може да се собере и претвори во пелети.
И самиот научен труд посочува дека сламата има и други намени. Во него се наведува дека сламата од пченица, јачмен и овес вообичаено се користи како постилка за крупниот добиток, поради што само дел може да се искористи за производство на енергија.
Тоа го потврдува и Александра Кочовска Ристевски, дипломиран земјоделски инженер од Битола.
„Не целата оваа биомаса може целосно да се собере и да се балира“, вели Кочовска Ристевска. Според неа, дел од растителната маса останува на нивите, а тоа е важно и од аспект на одржувањето на органската материја во почвата.
„Прашањето не е како да ја собереме целата слама, туку како дел од неа што може одржливо да се искористи да добие нова вредност“, додава Кочовска Ристевски.
Сламата, според неа, може да има повеќе намени – од употреба во сточарството, до енергетско искористување.
Од отпад до гориво
Научниот труд „Производство на брикети и пелети“ го обработува токму потенцијалот на земјоделските остатоци за производство на цврсти биогорива.
Пелетирањето овозможува растителната биомаса да се пресува во компактно гориво со поеднаква форма и полесно ракување, складирање и транспорт.
Тоа е суштината и на моделот во Могила: растителниот остаток повеќе не се третира само како нешто што треба да се отстрани од нивите, туку како суровина која може да помине низ процес на преработка и повторно да се употреби – овојпат за добивање топлина.
Кочовска Ристевски смета дека ваквиот пристап треба да се разгледува во поширок контекст.
„Сламата повеќе не треба да ја гледаме како бескорисен отпад, туку како ресурс“, вели таа.
Но, за да се развие поголем систем, потребни се организирано собирање, балирање, транспорт, складирање и преработка.
Особено важно е да се утврди колкава количина може да се извади од земјоделското производство без негативни последици врз почвата.
Дел од сламата и понатаму завршува во пламен
Во Пелагонија паралелно со потенцијалот за искористување на биомасата постои и друг проблем – пожарите на отворен простор.
Според податоците на ТППЕ Битола, во 2025 година биле регистрирани 274 пожари на отворен простор. Од нив, 169 биле на земјоделски површини, при што биле зафатени околу 80 хектари стрништа. Регистрирани биле и 134 пожари на пасишта, со зафатена површина од околу 400 хектари.

Овие податоци не значат дека сите пожари на земјоделски површини биле предизвикани од палење на слама. Тие, сепак, покажуваат дека пожарите на отворен простор се значаен безбедносен проблем во регионот.
„Како дете, и јас гледав како по завршувањето на жетвата традиционално се палат нивите. Во тоа време, кај нашите земјоделци владееше цврсто верување дека огнот ја ‘чисти’ нивата“, вели агрономот Кочовска Ристевски.
Но, современиот пристап кон управувањето со земјоделските остатоци, додава таа, бара поинакви решенија.
„Огнот не делува селективно само на штетните организми; тој ја уништува корисната микробиолошка активност, ја согорува органската материја и ја нарушува биолошката рамнотежа во површинскиот слој на почвата.“
Според неа, во услови на високи температури и суши, неконтролираното горење претставува и дополнителен ризик за ширење пожари.

Но, не секоја слама треба да стане пелет
Токму затоа, идејата не е целата слама од Пелагонија да се собере и да се претвори во гориво.
Земјоделството има потреба од растителни остатоци. Сламата има примена во сточарството, а внесувањето органска материја во почвата има свое значење.
Затоа, енергетското искористување треба да се однесува на делот од биомасата кој реално може да се издвојува без да се наруши земјоделското производство.
И тука примерот од Могила е интересен токму затоа што е локален.
Суровината доаѓа од земјоделското производство во близина, се балира, се преработува во пелети, а готовото гориво се користи за загревање на јавен објект во истата општина. Нема голем систем, нема илјадници тони производство, ниту пак има прецизна пресметка за финансиската заштеда. Но, постои конкретен пример на краток локален синџир: земјоделски остаток – суровина – пелети – топлина.
Од слама до енергија
Пелагонија има големо земјоделско производство, а со него и значителни количества растителни остатоци.
Научните истражувања покажуваат дека дел од оваа биомаса може да се користи за производство на цврсти биогорива. А примерот од Могила покажува дека таквото искористување може да се примени и во локални услови.
Следниот чекор би бил да се утврди колкав е реално достапниот потенцијал на сламата во Пелагонија – не теоретскиот, туку количината која може да се собере без да се наруши плодноста на почвата и без да се загрози нејзината друга употреба.
Потоа доаѓаат прашањата за логистиката, складирањето, технологијата и економската исплатливост.
Могила веќе има мал систем во кој земјоделскиот остаток добива нова намена-од слама – пелети. Од пелети – топлина.

Прашањето е дали овој мал локален пример може да биде почеток на пошироко размислување како дел од земјоделскиот отпад во Пелагонија да престане да биде проблем и да стане локален енергетски ресурс.
Емилија Мисирлиевски

