16/11/2026
нота.мк
Аналитичка Нота

Оптимизација на училишната мрежа болен процес, притисокот доаѓа од намалениот наталитет и новата методологија на блок дотациите

Во штипските училишта заврши времето на трупање на наставен и административен кадар. Секоја локална власт во изминатите 35 години вработувале наставници и административци не според реалните потреби на училиштата и на учениците, туку за да го задоволат социјалниот мир во своите општини. Штип од учебната 2026-2027 година почна со процесот на затварање на училишта или популарниот термин за сите инволвирани иституции е „оптимизација на училиштата“ без разлика дали се во село или град.

ООУ „Гоце Делчев“-Штип
ООУ „Гоце Делчев“-Штип

Општинското основно училиште „Гоце Делчев“-Штип кое се наоѓа во централното градско подрачје од оваа учебна година, односно од 1 септември 2026 година нема ученици во прво и шесто одделение.

 Првачињата кои требаше да се запишат во училиштето согласно Планот за реонизација се запишаа во другите училиште, кои се поблиско до нивните адреси на живеење. Оваа девотелетка со над 500 ученици во наредните пет години постепено ќе се затвора, а наставниот кадар ќе се распределива по останатите училишта во општината. Првите тројца наставници по одделенска настава од ООУ „Гоце Делчев“ од 1 септември 2026 година заминаа во други училишта, кои се на територија на Општината. Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов и самиот вели дека оптимизацијата е болен чекор за секоја локална власт и признава дека над 30 години во училиштата се трупал наставен кадар, кој не одговара на реалниот број на ученици и како што вели „во минатото се купувало социјален мир, преку трошењето на народни пари“.

Иван Јорданов градоначалник на општина Штип
(Иван Јорданов градоначалник на општина Штип)

Јорданов открива дека Стратегијата за оптимизација на општина Штип покажува оти вишок се 80 наставници, кои се веќе вработени во петте основни и трите средни училишта.

„Тоа што во минатото се купувало социјален мир за да останат-еве да се изразам наставниците во образовниот процес без да се засегнати со блок-дотациите, за да се одржи бројот на паралелки во едно училиште на тој број на кој што сме научени во минатото, е создавање на еден несигурен образовен систем, кој верувам дека не соодветствува со потребниот квалитет кој нам ни е неопходен за трасирање на иднината.​Ако секаде во светот се знае кој е минималниот број на ученици во клас, ние мораме да го имплементираме тој образовен систем, во кој минималниот број на ученици е дефиниран и врз основа на бројот на ученици се распределуваат и блок-дотациите“- вели Јорданов.

Тој посочува дека токму заради ова имаме еден дисбаланс и апсурдни состојби и ситуации во државата, односно во одредени општини бројот на ученици не соодветствува со реалниот број на паралелки, а во други општини има поголем број на ученици со помал број на паралелки.

„Според мене, овој концепт е реален, правичен, затоа што образованието во општина Штип се одвива за учениците, не за опстојување на објектите, на просториите и на бројот на паралелки. Зошто да трошиме ресурси?Тоа се сепак пари на граѓаните, со кои треба да се одржуваат празни канцеларии, да се трошат милионски суми за превоз на ученици во одредени објекти, кога истите овие ученици можат да се фузираат во помал број на класови, во помал број на училишта, за да се рационализира трошокот и да се практично создаде една здрава основа за развој на образованието“-вели Јорданов.

училишни клупи
(училишни клупи)

Со новиот процес во образованиот систем во земјата и новиот начин на пресметка на блок-дотациите се кратат паралелките кои се под 20 ученици, појаснува Јорданов.

„Доколку во општина Штип или во останатите општини во државата имаме класови кои се со помал број на ученици од 20, колку што е законскиот минимум, треба да бидеме реални, објективни дека ова се класови кои не можат нормално да функционираат и истите овие ученици од овие класови со помал број на ученици треба да бидат фузирани во други паралелки, во други класови, со кои што ќе се овозможи минимален број на ученици од 20 ученици во еден клас“-вели Јорданов.

Во ООУ „Гоце Делчев“ пред стартот на оптимизацијата на училишната мрежа во мај годинава се запишале помалку од 30 првачиња што само по себе укажува дека бројот е недоволен, за да се исполнат четирите предвидени класа во прво одделение. Во штипските основни училишта за првпат оваа година бројката на запишани правчиња се симна под 400.

Општините ја губат битката со наталитетот

Македонија за седум години изгубила 17.000 ученици. Кратка реченица која е доволно долга, за да разбереме за катастрофалната демографска состојба, во која се наоѓа нашата држава. Доколку на ова се додаде фактот дека бројот на наставници останал на исто ниво како пред 20 години, тогаш јасно станува дека денешниот систем е заглавен во минатото и воопшто не одговара на денешните потреби. Бројките се јасни и не оставаат многу простор за романтизирање на „статус кво“ состојбата, па затоа оптимизацијата на училишната мрежа се наметнува како реална потреба. Вака ги објаснува причините за оптимизација Роберт Аџипетров директор на Педагошката служба во Министерството за образование и наука, а пред три години како вработен во општина Штип бил и вклучен и во изготовката на Стратегијата за оптимизација на училишната мрежа во Штип.

Роберт Аџипетров директор на Педагошка служба во МОН
(Роберт Аџипетров директор на Педагошка служба во МОН)

Тој првата причина за овој болен, но реален чекор за секоја локална власт ја гледа во намалувањето на бројот на ученици, а бројот на наставници останал ист како пред 20 години, кога имало и поголем број на ученици во училиштата.

-Како прво да ја погледнеме статистиката, која вели дека во последната декада постои еден релативно стабилен тренд од 400 ученици во прво одделение секоја година, пропратени со 500 ученици во сите средни училишта.Бројките покажуваат дека средните училишта се способни да привлечат дополнителни 100 ученици од околните училишта. Учебната 2026/27 е прва година кога бројот на ученици во основно образование е под психолошката граница од 400 ученици, односно под имагинарно замислените 20 одделенија во петте основни училишта.Второ, карактеристично за нашиот град секоја година е формирањето на паралелки со помал број на деца.Но, што покажува ова, и дали формирањето на паралелки со помал број само по себе е штетно за учениците? Паралелки со помал број на деца само по себе не мора да значи лоша средина за учениците, но секако значи систем кој е преоптоварен финансиски.Впрочем овде многу битно е да се аналзира рациото ученик/наставник- кој покажува колку ученици има во системот за еден вработен наставник.Европскиот просек  е 18, а во Штип некаде на пола, 9 ученика на еден наставник-вели Аџипетров.

Штип од тврдината Исар
(Штип од тврдината Исар)

Според него трета причина  зошто е потребна оптимизација е новата формула за пресметка на блок дотациите.

„Согледувајќи ги трите елементи станува прилично јасно зошто е потребна оптимизација на училишната мрежа во Штип.Системот е под силен притисок на обезбедување на средства за плати на фиксен број на наставници, чиј што број не одговара на реалните потреби на денешното време. Оптимизацијата не значи кратење на средствата за образованието, туку нивна реалокација пред се во модернизирање на училиштата и обезбедување на подобри услови за учениците“.За жал, емоцијата не доволна за да се спаси системот, а желбата за спас и за унапредување на истиот резултираше со решителност но и детално објаснување на овој процес во јавноста“-вели Аџипетров.

Забележува дека  со овој план се воведува и еден вид мораториум на нови вработувања во основните и средните училишта во Штип во наредните пет години.Овој план предвидува природно намалување на бројот на наставници за околу 100 во наредниот период. Доколку еден наставник во моментот прима околу 1.200 евра бруто плата, математиката покажува дека за пет години од денес заштедата би била 120.000 евра месечно или речеси 1.5 милиони евра годишно.

„Овие средства нема да ги снема од системот, туку истите ќе се искористат за модернизирање на мрежата, зголемување на конкуретноста на истите пред училиштата од околните општини и потенцијално идно зголемување на бројот на ученици во Штип. Процесот лесно може да биде реверзибилен и да значи повторно заживување на училишната мрежа “-изјави Аџипетров.

Оптимизацијата ги зафати и двете детски градинки, а следно е текстилното училиште „Димитар Мирачсиев“

Штип со децении имаше две детски градинки, под чии ингеренции се клонови, односно градинки во речиси сите поголеми населби и во централното градско подрачје. Но, на 21 мај 2026 година на вонредна прес-конференција градоначалникот на општина Штип, Јорданов информираше за незадоволство во раководењето на една од детските градинки и објави дека се сомнева во корупција. Тогаш ги повика обвинителите од штипското Јавно обвинителство да утврдат дали има неправилност во финансиското работење на еден од директорите, кој беше и избран од негова страна. По два месеци од направената смена следуваше одлуката за оптимизација и на двете детски градинки, односно во овој случај се спојуваат во еден правен субјект. Образложението на Јорданов тогаш беше дека целта е да се намалат трошоците, па наместо два управни одбора или два директора, наместо двајца сметководителите, наместо две кујни, со спојувањето на двете градинки ќе има по една кујна, потоа по еден директор, управен одбор,благајник.

„Овде не се засегнати ниту вработените, никој од вработените нема да остане без работа, туку стратегијата на среден рок е како ќе се пензионираат веќе постоечките вработени, внатрешно да се реорганизираат и да нема внесување на нови вработени на веќе испразнетитите или  во иднина испразнетите работни места. Со тоа ќе се намалат трошоците, кои ги имаме во рамки на згрижувачкиот процес, детските градинки, ќе се зголеми продуктивноста и оптимизацијата„ рече Јорданов на 30 јули 2026 година.

градинка во Штип
(градинка во Штип)

Средното текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“ годинава се спаси од оптимизација на училишната мрежа, иако речиси две децении има мал број на ученици.

„Текстилното училиште со години наназад запишува од година во година сѐ помал број на ученици.Исто така опслужува една зграда која е реален трошок за нас. ​Во рамки на Државното средно училиште „Коле Нехтенин“ е предвидено да има смер за текстилни инженери и сметам дека на тој начин може да се рационализираат трошоците кои ги имавме во минатото за опстојување на одредена институција“-најави Јорданов.

Блок дотациите за основното образование во Штип зголемени во 2026 година

Од Секторот за финансии во општина Штип велат дека согласно  утврдените средства за блок-дотации, за основното образование во 2025 година биле предвидени 321.854.000 денари, додека за 2026 година се предвидени 347.655.000 денари, а кај средното образование, во 2025 година биле предвидени 210.000.000 денари, додека во 2026 година износот е 139.709.000 денари.

Вишна Шорова-Ангелова секретар на општина Штип
(Вишна Шорова-Ангелова секретар на општина Штип)

Секретарот на општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова појаснува дека намалувањето кај средното образование е поврзано со промената на статусот на СОУ „Коле Нехтенин“, кое од општинска установа премина во државен образовен центар, односно финансирањето на установата повеќе не се реализира преку Општина Штип.

Разликата од речиси 26 милиони денари што се појавува во средствата за блок дотациите за основното образование не е заради новиот начин на пресметка, туку заради зголемување на платите на наставниот и административниот кадар во текот на 2026 година.

Локалните власти во земјата уште од лани биле подготвувани и обучувани за пресметката на новата методологија на блок дотациите за основното средното образование. Од ЗЕЛС информираат дека новата методологија била донесена пред две години. Со неа се очекува да се обезбеди ефикасна и правична распределба на потребните ресурси и да се обезбедат потребните средства за да можат општините соодветно ја спроведуваат оваа надлежност. 

Според формулата, распределбата на блок дотациите  се спроведува по критериумот: основен трошок по ученик, а потоа се  вклучуваат и две компоненти: основна компонента и варијабилна компонента. Па така, во новата Уредба за методологија за утврдување на критериуми за распределба на блок дотациите за основно образование по општините за 2026 година, основниот трошок по ученик на годишно ниво е утврден во висина од 112,747,00 денари, а во Уредбата за методологија за утврдување на критериуми за распределба на блок дотациите за средно образование по општините за 2026 година, основниот трошок по ученик е утврден на 103.589,00 денари. Основниот трошок по ученик ги содржи трошоците за: плата и придонеси, трошок за вода, струја, смет, греење и останати комуналии, хигиена и тековно одржување, наставни материјали, стручно усовршување на вработените и друго, со тоа што кај основно образование е вкалкулиран и трошокот за еднодневен излет. Основната компонента е збир на вредности на основните трошоци на сите училишта кои се во надлежност на општината и се пресметува со множење на основниот трошок по ученик со коефициентот на прилагодување на училиштето со вкупниот број на ученици во училиштето на почетокот на тековната учебна година. Во новата формула се утврдени и коефициенти на степенот на развој на училиштето (од прв до четврт степен на развој и заштитено училиште) што  се утврдува врз основа на нормативи и стандарди за училишните простории, опрема и наставни средства за основните училишта во РСМ. Во варијабилната компонента влегуваат  : трошок за превоз на учениците, трошок за ученик со посебни образовни  потреби, надоместок за ученици кои следат настава на јазик кој го зборуваат помалкубројните етнички заедници, трошок за екскурзија за ученици во социјален ризик, надоместок за ученици кои следат настава во подрачните училишта.

„ Во општините каде пресметаната блок дотација според новата формула е пониска од последно утврдената блок дотација во Буџетот на РСМ, се поставува ограничување на најголемото можно намалување на вкупната дотација, во износ од 5% од претходно утврдената блок дотација. Во општините каде пресметаната блок дотација според новата формула е повисока од последно утврдената блок дотација во Буџетот на РСМ  се додаваат дополнителни средства во висина од релативното учество на блок дотацијата за таа општина во вкупната блок дотација за општините со поголеми дотации, а во рамки на дополнително доделените средства, зголемени за заштедите остварени во  општините кои добиле помалку средства“-појаснуваат од ЗЕЛС.

 Во новата  формула се предвидува и „развојната компонента“ која се планира да се воведе од 2028 година.

Новинар: Викторија Димитрова-Јованова

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Заедници со интегритет“, поддржан од Владите на Швајцарија и Шведска во Северна Македонија и имплементиран од Националниот демократски институт (НДИ). Содржината на овој текст е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на проектот, донаторите или имплементаторот. Швајцарија и Шведска не мора нужно да ги делат ставовите изразени во овој текст.

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading