22/04/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

Казните не ги плашат родителите што решиле да не ги вакцинираат децата

За неколку години десетина родители од Југоистокот добиле покани да платат казна за нередовна вакцинација своите деца. Дел од нив се согласиле да платат казни, останатите ги вакцинирале децата, појаснуваат до Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Бројката на целосно невакцинирани деца според Здравствените домови во регионот е мала, но постои.

Masinova

„Не би кажала дека овде има многу убедени „антиваксери“. Бројот на целосно невакцинирани деца е тешко да се определи и поради иселувањето, но некоја наша слободна поценка е дека тоа се еден до два проценти од децата“, вели д-р Дејана Масинова од Здравствен дом Струмица.

Родителите кои се противат на вакцинацијата не ги слушаат аргументите за имунизација на своите деца кои им ги даваат здравствените работници.

„Ние сме упорни кога станува збор за имунизација на децата. Праќаме покани, опомени, контактираме преку телефон, но одиме и на терен во директна комуникација. Мал е бројот на оние што категорично одбиваат вакцини, но постои“, вели доктор Масинова.

Според Државниот санитарен и здравствен инспекторат постапката за повикување одговорност почнува со известување за родилките што не ги имунизирале своите деца со вакцини предвидени во задолжителниот календар од страна на вакциналните пунктови во согласност со Законот за заштита на населението од заразни болести. Потоа врз основа на добиените податоци се спроведува постапка за порамнување, која подразбира повикување на родителот во рок од 8 дена да ја плати предвидената казна и доколку ја рифатат постапката за порамнување предвидената казна се преполовува.

ДПИ

Во градинка и во училиште има невакцинирани деца

Во малите средини полесно се протнуваат случаи на невакцинирани деца во училиштата. Вака ни коментираа директорите на училиштата со кои разговаравме.

„Секогаш постои некој што познава некој и работите се завршуваат без врева. Кај нас доаѓаат со уредна документација, како ја добиле не навлегуваме“, вели директорка на основно училиште во валандовско која бараше да остане анонимна.

Таа е свесна дека во училиштата и градинките има и деца без потврди.

„Двесет години сум во образование, имало сѐ. Класичен инцидент не можам да посочам, но ако внимателно се разгледаат досиејата на учениците, сигурно има намерни „пропусти“, вели директорката.

Но, од Министерството за труд и социјална политика велат дека инспекциите се на терен и строго ќе се проверува дали децата во градинките се вакцинирани.

„Имаме стриктни протоколи, а и според правилниците за упис на дете во градинка потребно е во досието, во согласност со возраста, да биде вклучен и картонот со примени вакцини. Притоа строго се постапува, нашите инспектори се и во редовни и во вонредни надзори на терен, а таму каде што ќе се констатираат неправилности, тие ќе бидат евидентирани и ќе се изготват записници. Тоа значи дека се постапува според она што е во наша надлежност. Освен овие законски обврски за комплетно досие со вакцинален картон при уписот, ние како Министерство немаме дополнителни мерки. Комисијата за заразни болести одржува состаноци секоја недела и ако стигнат некакви насоки и заклучоци, ние ќе постапуваме според нив“, вели министерот во техничката влада, Ѓоко Велковски.

Goko Velkovski

Вакцинирани неколку илјади деца за еден месец

Бројот на вакцинирани деца нагло се зголеми последниов месец, откако на земјава и се закани епидемија со голема кашлица. Во Службите за вакцинација во Југоистокот дневно се прегледуваат стотина деца. Бројот на вакцинирани со различни вакцини во последниот месец надминува илјада. Една од вакцините што најмногу се аплицира во регионот е токму ди-те-пер.

Ди-те-пер вакцината е онаа што штити од голема кашлица, но опфатот кај децата во претшколска возраст е незадоволителен речиси во цел Југоисток. Во Гевгелија во зависност од ревакцината се движи помеѓу 85% и 90%, а во Струмица е од 72% до 84%. Според доктор Пановски, една од причините за доцнењето со ди-те-пер е МРП вакцината која според него стана „плашило“ кај родителите.

„Неразумно е однесувањето на родителите во однос на МРП вакцината, која се аплицира долги децении, и која е апсолутно безбедна и квалитетна“, вели д-р Пановски.

Panovski

И гевгелискиот епидемиолог д-р Сашко Олумчев е загрижен поради епидемијата со голема кашлица. Тој и преку социјалните мрежи се обидува да ги едуцира но и да ги предупреди родителите за важноста да се вакцинираат децата. Вели дека болеста е исклучително заразна, а најранливи се новорденчињата и децата кај кои може да има посериозен и несакан исход.

„Капките што содржат бактерии можат да ги вдишат луѓето во близина, што го олеснува ширењето на болеста во заедниците, затворените колективи, јавниот превоз, а пред се кај децата кои престојуваат во колективи како што се училишта или градинки. По изложувањето на бактеријата Bordetella pertussis, периодот на инкубација (периодот од изложување до појава на првите симптоми) обично трае од 7 до 10 дена (иако може да варира помеѓу 4 и 21 ден). Во тоа време, заразеното лице може да биде заразно за другите, иако сè уште нема јасно изразени симптоми“, појаснува д-р Олумчев од Општа болница Гевгелија.

Olumcev

Вакцинација на возрасни

Комисијата за заразни болести вели дека болеста не е опасна за возрасните, но, тие треба да се вакцинираат за да се заштитат децата, кај кои има поголема опасност и сериозни последици од болеста.

„Некаде крајот на февруари, почетокот на март ќе пристигнат вакцините за возрасни и ќе може и тие да се вакцинираат. Се размислува и за тестирање во лабораториите во јавното здравство за што ќе има детални насоки следните денови“, велат од Комисијата за заразни болести.

вакцина

Од Институтот за јавно здравје во речиси секој годишен извештај последниве неколку години апелираат да се интензивираат кампањите за придобивките од имунизацијата, како и за едукација на родителите зошто треба да им веруваат вакцините, бидејќи токму Центарот за јавно здравје Струмица е еден од петте со најнизок опфат со вакцинација во државата.

Од Министерството за здравство велат дека следниот период акцент ќе се става на подигнување на свеста за вакцинацијата. Во годишните планирања секоја година вариираат средствата што се издвојуваат за кампањи. Годинава буџетот е близу пет милиони евра. Од Министерството велат дека и годинава ќе се фокусираат на кампањите како „Од врата на врата“ или средбите со родители во градинки и училишта бидејќи таквите кампањи во кои родителите директно можат да се информираат за вакцините и да добијат објаснување на многу прашања и дилеми даваат најдобри резултати.

Со овој текст Нота.мк се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading