03/03/2024
нота.мк

Недела, 10 септември. Неработен ден за најголем дел од населението во државата. Но, не и за дрвосечачи донесени од соседна Албанија да сечат дрвја на Јабланица. Со помош на членовите на здружението „Натуралаб“ тргнуваме од Лабуништа во внатрешноста на Јабланица за да ги пресретнеме овие работницци во нелегална сеча на шумата. Асфалтираниот пат преминува во тешко достапен планински пат, кој според жителите на Лабуништа е пробиен со багер од дрвокрадците. По него е можно движење единствено со џип или со камион. Попат застануваме за членовите на „Натуралаб“ да ни го покажат една од локациите на кои е направен масакар на дрвjата. На нив не се гледа дека се маркирани за сечење, а дел од местата на кои се сечени дрвја се замаскирани со гранки, за да не се гледаат. Секое дрво, за кое е дозволено да биде пресечено, треба вака странично да биде засечено и на него да има печат. Жителите на Лабуништа ни покажуваат каде порано имало река и дека изворите почнале да им пресушуваат поради сечењето на дрвјата.

Azis Memedovski

„Ваму имаме проект изработен, каде што има извори горе. Сечава се случува баш во изворите каде што ни е проектов обработен. И гледајте водава колку ни е намалена од овааа дива сеча. Се изгуби“, покажува Азис Мемедовски, член на здружението „Натура лаб“.

Прашавме експерти во Скопје дали водата се губи во долните слоеви и почвата се суши со неконтролираната сеча?

„Помеѓу другите, условно кажано општокорисни услови што ги создава или функции што ги има шумата е регулирање на водниот режим во почвата. Коренот ја црпи водата, намалување на испарувањето поради крошните, кои не само што одржуваат сенка, туку и не дозволуваат дување на ветер во приземниот дел, евапорација -зголемуваат влажност во зоната на крошната и се намалува испарувањето – сето тоа кога ќе го соберете шумата игра регулатор на подземните води“, објаснува проф. д-р Никола Николов од Шумарскиот факултет.

Niokla Nikolov

„Шумите имаат огромна функција во однос на режимот на водите. Шумската вегетација ги чува подземните води и исто така постоењето на шумската вегетација влијае врз појавата на поројните водотеци, односно за намалување на опасноста од поројните водотеци“, додава Саша Јовановиќ, раководител на секторот за шумарство во Министерството за земјоделие.

Sasa Jovanovik

Продолжуваме до место на планината Јабланица, од каде се обидовме да слушнеме дали моторните пили работат. Но, тие не се слушаа. По пат, членовите на „Натуралаб“ препознаа возило и се посомневаа дека на работниците им е дојавено дека доаѓаме. И така излезе. Тие заминале пред да пристигнеме, но видовме што оставиле зад себе. Шишиња со вода, отворени канти за гориво, отпад, но и подготвено гориво за следниот ден. Ова возило, кое изгледа како одамна да му е поминат векот на употреба, се користело за транспорт на исечени дрва. Во негова близина беше паркиран и багерот, со кој се пробивале патишта за транспорт на исечените дрва. На места тие патишта на средината се со длабоки бразди. Овие свежи траги во земјата покажуваат дека багерот бил скоро повторно користен. Дека дента таму се сечело се гледаше и по трупците дрва и тоа што останало зад нив. И тука покриени корени од дрвја за да се прикрие дека се сечени без печат.

„Значи, овде не врши никој контрола на сечата. Се сечи нерегулирано во шумава. Можете и сами да се уверите и да видите дека во ова подрачје никој не контролира и се прави пустошење на шумата. Гледате и сами колку е исечено. Огромна површина е исечена во овие последни две-три години. Значи, тотално е испустошена шумата на овој дел од Јабланица“, објаснува Азис Мехмедовски, член во здружението „Натуралаб“ од Лабуништа. „Еве ние денес немавме можност да ги затекнеме на лице место. Но, кој ја сече шумата“, го прашавме Мехмедовски.„Така. Значи ова е организирано со шумското претпријатие во Струга и некои фирми од Велешта, коишто имаат работници пред сѐ од соседната држава Албанија. Полицијата им има направено неколку пати акции, но пак луѓево не престануваат со овие пустошења на шумава“, вели Мехмедовски.

„Имаме голема бесправна сеча од страна на неколку лица – како физички лица, така и правни лица, кои доаѓаат организирано со помош на Македонски шуми, дирекција Струга и вршат бесправна сеча, пустошење со сеча и тоа континуирано цела сезона“, објаснува м-р Алија Ќазими, правник во здружението „Натуралаб“ во Лабуништа.

Aloja Kazimi

Активистите тврдат дека во минатото дозволите за сечење дрвја се злоупотребувале и во реалноста се сечело повеќе од тоа што стоело на хартија. При сечење на дрвјата во шумите може да се случи некое од нив да падне и да оштети друго дрво, кое не било планирано за сеча. Поради опасност тоа дрво да падне и повреди луѓе, смее да се исече и потоа се информираат шумските инспектори, кои треба да стават дополнително печат на исеченото дрво, ни објаснија во Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство. Но, очигледно е дека таквата можност остава простор за манипулација. Документиравме со снимки на кои се гледа дека додека младите стебла стојат исправени, постарите и подебелите се исечени. Тие не беа обележани за сечење и немаа печат врз пресеченото стебло, додека други имаа.

Alija Kazimi

„Сечата, оголувањето на шумата е веќе поголемо, бидејќи истите тие кои сечеле порано, претходно сечеле во мали размери, бидејќи немале толку голема клиентела, но со самото продавање на тие црни дрва, кои ги продавале претходно, фатиле веројатно некој поголем канал на продажба и врз основа на тоа се врши, можеме да речеме до трипати повеќе, во поголеми размери бесправна сеча на шумата“, вели м-р Алија Ќазими, правник во здружението „Натуралаб“ во Лабуништа.

„И каде завршуваат овие дрва? Дали можеби знаете каде се продаваат“, го прашавме Азис Мехмедовски. .„Па, дрвата ги извезуваат од Лабуништа. Сигурно е дека за населението во Лабуништа не се овие дрва“, вели Мехмедовски. Под извезуваат од селото жителите на Лабуништа подразбираат продавање на дрвата во други градови низ државата.

Alija Kazimi

„На црниот пазар дрвата се движат, според наше сознание, од 65 до 75 евра на кубен метар. При што по некогаш, во зависност од сезоната, кога ќе дојде при крајот на сезоната – да рчееме во предзимскиот период, ако некој не се снабдил со дрва, некогаш знаат да ги накачат на 100. А, доколку се работи за пазар надвор од границите на општина Струга, особено во Скопје, некогаш сумата се крева од 100 до 120 евра на метар кубен“, додава Ќазими.

Кога човек е далеку од шумата не може да го забележи проблемот. Но, во неа, а посебно од птичја перспектива, тој е повеќе од очигледен.

Снимајќи во Баловски лазови во реоните 99 и 100 наидовме на пат блокиран од трупци дрва. Тука правникот во здружението „Натура лаб“, кое со години со средства и сили на членовите се бори за заштита на Јабланица, ни објасни дека со години пријавувале во сите можни институции, но соодветна реакција немало.

„Имаме претпоставка дека започнува од шумарите, шумската полиција, ЈП Национални шуми – дирекција Струга, ЈП Национални шуми – дирекција Скопје, па сѐ до Обвинителството – ОЈО Струга. Ни се случи ние да дојдеме и да ги затечеме тие коишто вршат кражба, односно кривични дела, како што се пустошење на шума и кражба. Ги затекнавме, ги задржавме. Дојде Шумската полиција. Шумската полиција почнува со записник, но интересна работа е во тоа што Шумската полиција почнува да ги прикрива самите факти, врз основа на кои може да се докаже дека се вршела таа сеча“, сведочи м-р Ќазими.

Alija Kazimi

Незадоволството кај активистите е големо од малиот исход на акциите во кои била направена заплена или биле затекнати албански државјани без работна дозвола.„Тука беше и налогодавачот. Интересен случај е што СВР Струга, по спроведување на акцијата – нормално нам ни кажаа дека мора да бегаме од лице место, бидејќи тие треба да вршат записници и слично, истите лица од Албанија ги приведоа, другите лица ги оставија тука и механизацијата, која вие денес можевте да ја видите и да ја снимите. Истата механизација беше тука. Не беше допрена. Односно не беше земен ниту еден материјален доказ, со што се вршело кривичното дело. И така се заврши случајот. Се случило да има кривична пријава за одредени лица за бесправна сеча. Значи, со запленување дрва без жиг и сечени дрва, кои не се маркирани. Врз основа на тоа што се одзел камион ПМВ МАН, мислам имаше во конкретната ситуација, и истите се дадени со кривична пријава во Обвинителството. Имаме сознанија дека две недели по кривичната пријава, истите го вратиле МАН-от во своја сопственост“, објаснува м-р Ќазими.

Таква пресуда, во која се враќаат запленети 11 м3 дрва и камион можевме да видиме во една од институциите. Во пријавите се среќаваат повеќе лица со исти презимиња Бојку и Ќура и со исто место на живеење – Велешта. Две од овие лица се сопственици на фирми, кои во минатото имале дозволи за сеча со дотур, но во известување од ЈП Национални шуми од 27.03.2023 година до „Натуралаб“ стои дека нивните договори завршиле на 31.12. минатата година. Во мај оваа година, една од овие фирми склучува два договори за купување 200 м3 огревно дрво од Национални шуми и на 150м3 „дрвни сортименти покрај пенушка соборено“. Тоа е формулација за дрво што е оштетено од снег, ветар, градежни активности, но и оставено по сеча во шума. Договорите се за откуп, а не и за сечење на дрвјата.

Alija Kazimi

„Моментално имаме документ и сме известени од ЈП Национални шуми дека во оддел 99 и 100 нема тендер и тендерска документација за сеча во 99 и 100. Бидејќи претходно ние доставивме докази во Министерството за шумарство и водостопанство, дека во овој дел ни течат изворите – пивливи, со кои вршиме водоснабдување на населението. Врз основа на тоа немаше последен тендер“, објаснува Ќазими.

Но, на Јабланица се сече. Отидовме да прашаме – кој ја сече шумата?Најдовме албански државјани, кои се сместени во овој објект без прозорци, во кој се наоѓаа и самари и сено за коњите. Очигледно беше дека коњите се сместени во истиот објект. Наместо прозорци на отворите имаше најлони. Се претставивме дека снимаме и човекот на еден од прозорците доброволно зборуваше. Во текот на снимањето се случи звучна интерференција.

Што работите тука?

Со дрва. Имаме шефови. Не сме само ние.

Кој е Вашиот шеф?

И. Бојку.

Кој?

И.Бојку.

Колку Ве плаќаат?

Па, 40 евра на ден.

prozorec

Човекот кажа и дека дозволата за престој и работа е кај неговиот шеф во Велешта. Но, помалку од еден месец од снимањето шефот беше уапсен заедно со еден нелегален дрвосечач од Албанија. Откако институциите разбраа дека новинари истражуваат на темата, а здружението во коментар на Фејсбук пост на МВР напиша дека за континуираната, неконтролирана и незаконска сеча од големи размери на планината Јабланица е запознаен и министерот Оливер Спасовски, но дивеењето и пустошењето не запира, МВР спроведе акција на 04.10.2023 година. По неа медиумите беа информирани за акцијата:

MVR

„На 06.10.2023 година Одделението за внатрешни работи Струга поднесе кривична пријава против И.Б.(51) од струшкото село Велешта, против правен субјект од истото село како и против Н.Ф.(41) од Либражд, Република Албанија, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ‘кражба на дрва’ и ‘пустошење шуми’. (…) Истите извршиле бесправна сеча на 178 метри просторни букови дрва, сопственост на шумското стопанство ‘Јабланица’ во состав на ЈП ‘Национални шуми’ при што предизвикале материјална штета од 3.920.721 денар“.

Покрај дрвата, полицијата го нашла и багерот, пили, секрира и други предмети. Нема информација што се случило со коњите, коишто исто така ги снимивме.Основниот суд Струга нѐ информираше дека до крајот на септември оваа година, значи до пред октомвриската акција дека: „во оваа година нема ниту една пријава од Подружницата на шумското стопанство Јабланица Струга, односно ниту една не е со акцент на Јабланица“.

Од 2019 до крајот на септември 2023 година имало вкупно 75 пријави до судот во Струга во однос на нелегална сеча. Од нив, само 29 се осудителни мерки со казни. Другите се со ослободителни пресуди, осудителни со алтернативни мерки или со други мерки. Судот во овие години водел и 10 постапки за нелегален престој на странски работници од Албанија.

Во септември на Јабланица снимивме и разговор со уште еден од работниците од Албанија, кој не сакаше да зборува пред камера и рече дека тие дента не сечеле дрва. Ни кажа дека тие само товарале дрва, а работниците што претходно сечеле – избегале.

„А, зошто избегале тие“, го прашавме работникот од Корча. „Така им било наложено. Ќе одат дома“, вели тој. „А, дали имаат често контрола овде? Дали чул дека има контрола?“„Да, да“.„А, имало ли некогаш некои што биле собрани“, продолжуваме да го прашуваме работникот од Корча.„Да, да. Бегаа и ги земаа“, одговори тој. Зошто?“„Останал само еден. Немал дозвола. Не знам, тоа го слушнав“, вели тој. „А, овие сите колеги сега имаат дозвола, така?“„Да, да. Газдата ја има дозволата“.„А, како ги најде газдата нив“, прашавме дополнително. „Газдата има врски таму и нѐ донесе овде“, вели работникот од Корча.

МВР нѐ информираше дека од 2019 до септември 2023 година открило 12 странски државјани, кои нелегално престојувале и се движеле на планината Јабланица. Овие албански државјани добиле забрана за влез во земјата. Во допис до здружението „Натуралаб“, МВР открива дека шест од тие 12 албански државјани се фатени само во една акција годинава.

MVR

„На ден 08.06.2023 година (…) на место викано Челов Камен биле затекнати шест лица, албански државјани, како извршувале физичка работа (…), кои не ги поседувале потребните документи за работа во РС Македонија и за истите е донесена пресуда од Основниот суд Струга“.

За шумите освен МВР се грижи и шумската полиција, која е дел од Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, како и јавното претпријатие Национални шуми. При контрола, доколку Шумската полиција констатира прекршок поднесува пријава до основен суд, а доколку констатира кривично дело тогаш поднесува пријава до оновно јавно обвинителство. Од 2010 до 2022 година, на територијата на цела држава, се поднесени 20.789 прекршочни пријави, а 2.570 пријави се поднесени до основно јавно обвинителство. Во Шумската полиција сметаат дека казнената политика го стимулира дрвокрадството. Поради исходот од пријавитесе критикува работата на судовите и обвинителствата. Не секогаш судовите ги обработувале прекршоците согласно Законот за шуми, каде што казнените одредби се од 3.500 до 4.000 евра за физички лица, туку ги казнуваале според Законот за прекршоци, каде казнените одредби се многу мали: од 100 до 500 евра. Во многу мал процент се решавале и кривичните пријави до основните јавни обинитества. Според Шумската полиција, судиите требале да казнуваатсо затворски казни, според Кривичниот законик. Во Шумската полиција се свесни дека од една страна нивните вработени добиваат закани, напади, им биле разлабавени тркала или пресечено црево за кочници за да направат сообраќајна несреќа, но од друга страна потврдуваат дека покрај лица од други институции, во овој криминаал се инволвирани и лица од своите редови. Откриените вработени вмешани во дрвокрадство биле отпуштени од работа. И во третата институција, која се бори против дрвокрадците – ЈП Национални шуми, потврдуваат дека кражбата на дрва е масовен феномен.

Valentin Gruevski

„Според нашите податоци, на годишно ниво, исечена дрвна маса или она што ние го запленуваме, е некаде околу 35.000 кубни метри. И ова е штета која сме ја нашле ние во шумата испосечена и сме ја заплениле. Има и друга која не сме ја нашле. Според официјалните податоци, она што го имаме како податок и го доставуваме до сите институции, од јануари до јуни 2023 година одземени се околу 11.000 кубни метри дрва нелегално испосечено во шумите во Македонија. Од јануари до јуни 2023 нашата шумочуварска служба поднела, во зависност од количината којашто ја нашле, околу 130 прекршочни пријави и 40 кривични пријави. Така што, тоа се отприлика случаи коишто постојано ги имаме и редовно се случуваат. Да не речам дека секојдневно имаме, меѓутоа сигурно на два или три дена имаме таков случај, за што како претпријатие соодветно известуваме и на нашите социјални мрежи, кадешто поставуваме и слики, што е откриено и каде е најдено“, вели Валентин Груевски, директор на ЈП Национални шуми.

Додека директорот ги покажува сликите од запленетите дрва, објаснува дека дрвокрадците нив ги транспортираат со возила чија пазарна вредност е сто евра. Таквите стари и скоро неупотребливи возила се оставаат при бегство и така загубата за дрвокрадците е мала. Најголема нелегална сеча регистрирале во западниот дел од државата, а како црни точки можат да се посочат неколку места.„Од она што ние го откриваме и од она што ние го имаме како податоци има неколку места каде што најмногу откриваме посечено дрво, меѓутоа тоа не значи дека на другите места нема, не се краде и дека нема дрвна маса што се сече. Според подружниците кои ги имаме, „Караџица“ Скопје, „Црн Бор“ во Прилеп, „Лопушник“ во Кичево и Струга се можеби четирите точки на кои најмногу се евидентира ваквата бесправна сеча“, објаснува Груевски.

Од институциите побаравме одговори што се случува со запленетото дрво за кое е завршена постапката или кое е оставено од непознат сторител?

„Ако се работи за познат сторител, тие се чуваат додека не заврши судската постапка. Ако се работи за непознат сторител, тогаш со тоа дрво располага корисникот, односно во случајов Национални шуми односно Национални паркови. Тоа не е согласно европските регулативи. И во новиот закон за шумите, усогласувајќи се со европските директиви, односно регулативи, во случајов ЕУТиаР (EUTR), ќе биде оневозможено пуштање во промет на такви дрва и истите ќе може да се користат само како донација за социјални случаи или на определени државни установи“, објаснува Саша Јовановиќ, раководител на секторот за шумарство во Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство.

Sasa Jovanovik
Valentin Gruevski

„70 проценти од тоа дрво ние како Национални шуми можеме да го продадеме. А, 30 проценти го подаруваме и го даваме на институции кои се формирани од државата. Приходот од тоа дрво кое го продаваме, 80 проценти завршува во нашиот буџет, а 20 проценти завршува во буџетот на Република Северна Македонија“, нагласува Груевски.

На прашањето дали покрај нелегална сеча, МВР има откриено обиди за шверц со дрва не добивме одговор. Во различни институции ни тврдеа дека тоа не е можно – и поради теренот, и поради тоа што македонското дрво било поскапо од тоа во околните земји, но и поради ригорозната процедура за извоз со барање потекло на дрвото, кое треба да е произведено на одржлив начин, и договор од каде е набавено.

„Врз база на сите тие документи, испратници и докази, Министерството дава одобрение за извоз. Така што, што се однесува за тоа дали од нашата држава може илегално дрво да биде изнесено, односно шверцувано, одговорно тврдам дека тоа е тешко остварливо. Исто така, уште потешко остварливо е тоа да се пренесува или превезува по некои си шумски патишта, бидејќи тоа мислам е тешко изводливо и мислам дека е неисплатливо за тие што тоа би го чинеле. Во околните држави цената на дрвото, на трупците е поевтина отколку кај нас. Значи, и техничко дрво иогревно дрво, така што нема голема побарувачка. Има нешто извоз на опожарена дрвна маса во соседните држави, претежно во Република Бугарија, коешто се користи за производство на пелети, односно на суровина којашто се користи како енергенс за затоплување“, објаснува Саша Јовановиќ, раководител на секторот за шумарство во Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство.

sasa jovanovik

Многу од пожарите намерно се подметнуваат за од изгорената површина да може да се користи дрвната маса, којашто во тој случај е со многу пониска цена“, објаснува Никола Николов, професор на Шумарскиот факултет и раководител на регионалниот центар за Југоисточна Европа за следење пожари на Глобалниот центар за следење на шумски пожари.

Nikola Nikolov

На пазарот во Германија и во Европа има дрво, кое во форма на пелети се продава и во маркети и за кое постои сомнеж за потеклото, бидејќи често на пакувањето како место на потекло стои само Европа. Во Германија се спроведуваат форензички методи, кои чинат и време и пари, за утврдување на потеклото преку дата податоци со генетски материјал на дрва од различни земји во Европа и светот.

„Значи, уништувањето на шумите е голем проблем, претпоставувам го знаете тоа подобро, особено во Албанија, но исто така и во Северна Македонија во меѓувреме, а исто така се сомневаме дека тоа во иднина ќе се влоши, поради зголемената побарувачка на огревно дрво или генерално користењето на дрво за производство на енергија. Имаме и показатели дека се сечат повеќе шуми за да се произведат пелети, кои потоа се носат во западноевропските земји, како Австрија и Италија, на пример“, објаснува Анете Шпангенберг, шефица на одделот за конзервација во фондацијата „ЕуроНатур“.

Anete Spanenberg
Aleksander Held

„Од мојата перцепција, и зборувам само лично за мене, Македонија е земја, да кажеме на ранглистата на сомнителни земји. Во споредба со Романија и Бугарија не треба да стои на прво место. Тоа е поврзано со тоа што количините на дрво, кои доаѓаат од Македонија, не се споредливи со количините, на пример, од Романија. Нелегалната сеча на дрвја и нелегалната трговија со дрва се не само на Балканот или во Југоисточна Европа, туку низ целиот свет еден драматичен проблем и голем предизвик. Имаме дефинитивно законски рамковни услови, кои се обидуваат нелегалната трговија со дрва да ја потиснат, да ја регулираат, но спроведувањето, значи имплементацијата на овие прописи и закони е секако често врзана со недостаток на перонал и со корупција“, вели Александер Хелд, виш експерт во Европски институт за шуми – ЕФИ.

Граѓаните во Македонија пријавувале неправилности во стопанисувањето со шумите и во Државната антикорупциска комисија.

„Во однос на шумите сме имале пријави. Колку што јас досега прибрав информации, 15 предмети се оформени во донос на работењето на ЈП Македонски шуми. Еден дел од таквите пријави се однесуваат на неправилности при спроведување на јавни набавки за сечење и дотур на дрва. Еден дел се однесуваат со директни наводи на злоупотреби при превоз на дрва, при сечење од некомпетентни правни лица или без дозволи и лиценци за превоз ит.н. Има и уште пет предмети во судир на интереси, каде се случува тие дефицитарните кадри, како што се инженери за шумарство и за водостопанство, да се вработени во ова претпријатие, а дополнително работат и за приватни фирми. Работеле во фирми кои се јавиле како економски оператори на објавените јавни набавки.

  • Па, тоа не ли е судир на интереси?

Да. Ние сме дале… Ние сме дале не препорака, туку сме изрекувале и глоби во овие случаи“, објаснува Нури Бајрами, член на Државната комисија за спречување корупција.

Nuri Bajrami

Таков е случајот со лице од Струмица, кое било вработено во три фирми што вршеле сеча и дотур, а во исто време како вработен во шумското стопанство имал обврска да ги контролира. Национални шуми повеле дисциплинска постапка и го казниле вработениот со 30 проценти од една нето плата. Во борба со оваа нелегална сеча, од која се заработуваат многу пари, експертите гледаат клучна улога во локалното население. Затоа треба да се работи на свеста на луѓето, за препознавање на вредноста на шумата – не само како економски фактор, туку и како основа за живот.

„На појавата на човекот на планетава му претходела појавата на шумата. Човекот не е свесен колку е зависен од шумскиот екосистем. Нема шумски екосистем, нема услови за живеење на човекот“, нагласува професор доктор Никола Николов.

„Кога оваа свесност ќе преовлада, дека шума претставува неверојатна вредност, тогаш верувам дека ќе имаме влијание на една друга свесност и тогаш нелегалната трговија со дрва и нелегалната сеча на дрвја општествено нема да биде прифатлива. Имаме сега примери во Централна или Северозападна Европа, каде ценењето на шумата меѓу населението е толку големо, што други делови од светот практично се смешкаат или се потсмеваат со љубовта на Германците кон шумата. Но, преку оваа љубов кон шумата природно се создава свест и внимание кај населението, што ја прави нелегалната сеча или кражбата на дрво речиси невозможна, бидејќи сите внимаваат на тоа и сите го отфрлаат тоа“, објаснува Александер Хелд, виш експерт во Европскиот институт за шуми – ЕФИ.

Gabriel Svaderer

„И за мене локалното население е клучно. Бидејќи нелегалната сеча во поголеми размери и против противењето на локалното население е многу тешка. И вообичаено, барем некои од локалните жители, некако соработуваат со оние што прават нелегална сеча, затоа што имаат корист од тоа. Но, ако локалните жители се усогласени, ако сфатат дека тоа се нивни шуми и тие се важни, затоа што создаваат умерена микроклима, ги спречуваат поплавите, затоа што ја задржуваат водата, ја спречуваат ерозијата, затоа што ја чуваат почвата и ако навистина разберат дека шумите се клучни за нивната сопствена иднина, ова би можелода се промени, затоа што тогаш локалните жители ги штитат нивните шуми“, објаснува Габриел Швадерер, директор на германската фондација „ЕурoНатур“.

Таков позитивен пример за свесност кај локалното население најдовме во Доброште на Шар Планина, каде здружението на граѓани „Шари беар“, формирано во 2018 година, се грижи за шумата.

Irfan Selimi

„И ние во 2001 видовме војна и што во шумата, во планината ни се случи. Дрвокрадците, криволовците – хаос беше тука. И сега, ние видовме дека мора да преземеме нешто, со свои раце да го чуваме ова. Ова е наша природа. Ние сме имале проблем кога беше 2010, 2012 до тука сме имале многу сечење без контрола. Немаше контрола овде ни од шумското, ни од полицијата, ни ништо. И видовме дека мора да преземеме нешто. И видовме дека мора да преземеме нешто, да ги пријавиме и сами да ги сопреме тие да не сечат. Ова е наше богатство. Ако не го гледаме ние од селото тука како наше богатство, директорите од шумското се четири години, министерот е четири години и ќе замине. Тој нема многу интерес за нашата шума. Ние сме тука цел живот. Треба да го чуваме како наше богатство“, објаснува Ирфан Селими, претседател на месната заедница Доброште и на здружението „Шари беар“.

Здружението ги прихранува мечките и така нема проблем со нив во селото. Нешто што е голем проблем во соседниот национален парк – Маврово. Причинатае во тоа што го нема и што го има во шумата.

„Во природата на територијата на паркот буквално нема никаква природна храна. Значи, оскудно е од овошките, од дренки, јаболка, сливи, круши ит.н. Значи, сѐ што претставува нејзина храна. Затоа и се зачестени нападите во населените места. Мора да ги затвориме депониите. Основна причина за вакви штети во населени места се отворените депонии“, објаснува Томо Ѓорѓевски, раководител за заштита на шумите во НП Маврово. – А, имате ли диви депонии? „Премногу“. – Премногу диви депонии? „Да“. – Во националниот парк… „Пемногу“.И, не се прави ништо за да се исчистат? „Премногу микро депонии, коишто пробуваат и невладините со помош… Ако ви кажам дека сега ги прочистуваме, за една недела можеби двојно е поголемо. Како да се прави со намера, да ви кажам“, додава Томо Ѓорѓевски од НП Маврово.

„Во природата на територијата на паркот буквално нема никаква природна храна. Значи, оскудно е од овошките, од дренки, јаболка, сливи, круши ит.н. Значи, сѐ што претставува нејзина храна. Затоа и се зачестени нападите во населените места. Мора да ги затвориме депониите. Основна причина за вакви штети во населени места се отворените депонии“, објаснува Томо Ѓорѓевски, раководител за заштита на шумите во НП Маврово.

– А, имате ли диви депонии?

„Премногу“.

– Премногу диви депонии?

„Да“.

– Во националниот парк… „Пемногу“.

И, не се прави ништо за да се исчистат?

„Премногу микро депонии, коишто пробуваат и невладините со помош… Ако ви кажам дека сега ги прочистуваме, за една недела можеби двојно е поголемо. Како да се прави со намера, да ви кажам“, додава Томо Ѓорѓевски од НП Маврово.

Во паркот немаат регистрирано дрвокрадство и тоа се препишува на едуцирањето на населението, но и на отселувањето од паркот. Но, националниот парк Маврово има друг проблем, кој е увезен од соседна Албанија.

Tom Gorgoski

„Ова е меѓународно прашање. Нашите пожари на територијата на паркот се увезени. Не само кај нас, туку увезени се и на Шар Планина. Ова сега што го гледаме е границата на Република Македонија со Република Албанија. Ова баш сега што го гледаме – крајната точка на хоризонтот. Што значи тоа? Пожарите нам ни доаѓаат од другата страна – од пасиштата. Зошто ова ви го тврдам? Ви го тврдам затоа што ние пасишта и напасување на стока на Кораб немаме. Ова треба да биде малку на повисоко ниво, кадешто ќе треба да се вклучи и Министерството за надворешни работи и да има некоја билатерална средба. Бидејќи ова се прашања од билатерален карактер. Не е наш проблем. Не е наш проблем. И кога ќе дојде, пожарот се шири, а оттаму никој не презема ништо, бидејќи поентата не е да го спречат, туку за да имаат во пролетниот период поквалитетни пасишта. И затоа тие не го гаснат. Кога ќе дојде на наша територија, ние трчаме како, да не речам, избезумени за да не зафати што поголема површина“, објаснува Ѓорѓевски.

„Да речам дека добро досега се справуваме и исклучиво сме препуштени сами на себе.

  • Што значи тоа?

„Ние националниот парк. Затоа што вработените во паркот сами учествуваат воглавно во гаснење на пожарите. Противпожарни друштва на териотријата на општината – нема. Во одредени делови каде што е достапно може да дојде, по наше барање, противпожарното друштво од Гостивар“, додава Ѓорѓевски.

Позитивен пример во паркот е селото Жировница, каде жителите сами се организираат да формираат доброволно противпожарно друштво.

„На секое едно ќоше има хидрант поставен со кутија, со црева, со пиштоли. Сега исто така очекуваме… Дијаспората ни обезбеди 40 униформи. Дечкото е во Швајцарија. Работи таму во противпожарна екипа. Цел камион ни стигнува сега за краток период – опрема од чизма до капа“, објаснува Аднан Салију, претседател на месната заедница во село Жировница.

– Ќе правите доброволно противпожарно друштво?

„Така. И ќе бидеме единствени во општинава, кои ќе формираме доброволно друштво, каде, не дај боже да дојде до такви несакани последици, да можеме да интервенираме најбрзо што може“, додава Салију.

Adnan Saliu

Пожарите, покрај дрвокрадството и болестите на дрвјата, се еден од факторите кои најмногу ги уништуваат македонските шуми.

„Во периодот од 2000 до 2021 година некаде се јавија вкупно околу 5.500-5.600 пожари. Значи, по околу 250-260 пожари се просечно годишно. Изгорената површина доаѓа вкупно во овие години околу 200.000 хектари, што е огромна бројка. Тоа се некаде 20 проценти од целокупната површина под шуми што била на некој начин опожарена со различен интензитет. Годишно ни гори некаде околу девет ипол до 10 илјади хектари шума и шумско земјиште, и некаде околу седум до осум милиони евра годишно имаме штета“, овјаснува Никола Николов, професор на Шумарскиот факултет и раководител на регионалниот центар за Југоисточна Европа за следење пожари на Глобалниот центар за следење на шумски пожари.„Кај нас немаме пожари коишто се јавуваат поради гром. Ние викаме дека тоа е некаде помалку од еден процент, за да не излезе дека немаме ништо. Значи, ние немаме проблем со такви пожари. Тоа значи дека човекот на различен начин се јавува директно, индиректно, намерно, ненамерно, како причина за тие пожари“.

Професорот Николов го отворил првиот Регионален центар за следење на шумски пожари во Источна, Југписточна Европа и Кавказ, кој е дел од советодавното тело на Обединетите нации за пожари. Во однос на пожарите – каде е Македонија во споредба со соседните држави?

„Ајде јас би рекол дека Македонија е некаде меѓу средината и максимумот. Значи, тука некаде сме ние. Малку сме над просекот. Други држави што се блиску до нас, да кажеме еве Црна Гора и Албанија имаат неверојатно многу проблеми со пожари. Имаме и ние. Но, повторно ќе кажам – зависи од годината. Ако генерализирам ќе кажам дека ние сме во горната половина од државите, коишто треба да поработат на заштита од пожари“, вели професорот Николов.

Приправноста на денови во црвена фаза и брзиот одговор при пожари се значајни за брзо сузбивање на огновите. Во време кога држави користат сателитски снимки и камери за детекција на пожари, Македонија има застарени возила и кусок на персонал. Тоа втора година по редго покажало истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

„Последното истражување покажа дека во земјава недостигаат 340 пожарникари за да се запази оној законски минимум според број на жители. А, што се однесува до бројот на возилата на 34-та единици за противпожарна заштита – нивната просечна старост е 27 години. Да кажам лошото е што во овие последни три години набавени се повеќе од 20 возила, меѓутоа повторно просечно се стари 17 години. Така што, само за три години возниот парк се подмладил за една година. Значи, не го обновуваме онака како што треба. Во однос на старост на возила тие се најстари, да кажам, во помалите противпожарни единици. Водат Старо Нагоричане, коешто има скоро 40 години стари возила, Кратово, Валандово и Крива Паланка. Спротивно, пожарникари најмногу недостигаат во најголемите центри. И тука предничат Скопје, Куманово, Битола, Тетово и Штип. Практично, петте најголеми градови се соочуваат и со најголем недостиг на број на пожарникари“, објаснува Герман Филков, претседател на Центарот за граѓански комуникации.

German filkov

Втора година по ред од пензија на работа во Валандово се враќа пожарникарот Ѓорге Илиев, за да помогне во гасење на пожари. Покрај во Македонија, годинава гасел пожар и во Албанија. Тој смета дека недостигаат многу повеќе пожарникари.

„Во територијалните противпожарни единици недостасува голем број на пожарникари. Мислам некаде во Македонија, по бројката која треба да ја има, недостасуваат 400 до 500 лица кои треба да бидат вработени во тие територијални противпожарни единици за барем со персонал да бидеме покриени. Покрај тоа, единиците имаат многу стара опрема, која не се обновува. Значи, тоа е од кога единиците поминаа под лукалната самоуправа. И, локалните самоуправи не се во можност да вложуваат толку средства, колку што се потребни, за единицата да се одржува во добра кондиција“, нагласува пензионираниот пожарникар Ѓорге Илиев.

Gorge Iliev

Ако возила и опрема може да се купат или добијат како донација, а персоналот да се привлече со атрактивни работни услови, тогаш еден трет проблем државата не може толку лесно да го реши – а тоа е грешката во минатото да не се пошумуваат мешани шуми. Мешаните шуми се поотпорни на болести и на пожари. Пожарот во шуми со еден вид дрвја се шири побргу, а за негово ширење придонесуваат и шишарките, кои при пожар летаат и прават нов пожар.

„При пожарите летаат шишарки, зголемуваат и побргу е ширењето на пожарот и тоа го имавме ние во пожарите во 2021 во Малешевијата, кога изгоре огромна површина. Нам тогаш ни изгореа, според нашите проценки, околу 400.000 кубни метри дрвен материјал“, објаснува директорот на ЈП Национални шуми.

„Значи, ние гледаме дека најранливите шумски формации, без разлика дали зборуваме за суша, за бури, за поткорници, за пожар се всушност еднослојните монокултури, односно класичната индустриска шума, која беше пошумена по Првата и Втората светска војна со цел брзо да се поттикне економијата. Во тоа време вистинска одлука, но секако на голема површина се работело со малку видови дрвja: смрека, бор, црн бор ит.н. Оваа шумска формација е секако нешто неприродно“,објаснува Александер Хелд од ЕФИ.

„Бидејќи во нашата држава составот на шумите е повеќе листопадни шуми, а многу помалку четинарски шуми се сметало во тоа време дека треба да се пошумува со четинарски или иглолисни видови. Не водејќи многу сметка на која надморска височина, односно на кое место растат, истите се саделе. Исто така се садеа и се создаваа чисти насади. Значи, не мешани насади, туку чисти насади, претежно од црн бор, помалку од бел бор и од чемпрес“, наглсува Јовановиќ од МЗШВ.

„Ако гледаме шуми слични на природните тогаш таму гледаме многу разновидни видови дрвја, слично на сликата зад мене. Стари дрвја, големи дрвја, мали дрвја, дебели дрвја, млади дрвја, различни видови дрвја“, додаваАлександер Хелд, виш експерт во Европскиот институт за шуми – ЕФИ.

Онаму каде што имаме случајно мешање или направен некој обид да се направи некое мешање, а тоа е во време на садење, кога правеле некои експерименти, таму состојбата е сосема друга и се приметува дека и во случај на пожар како таму пожарот го намалува својот интензитет, па може таму да се изгасне, па дури може и да се стопира. За болестите е слично“, објаснува професорот Никола Николов.

Пожарите и климатските промени се стрес фактор за појава на болести, габи и на поткорници – инсекти, чии ларви под стеблото го јадат дрвото и доведуваат до негово сушење. Од боров четник, преку жолтомешка, до увезена болест пред 60 години од Италија и кисели дождови – нападите врз дрвјата во македонските шуми доаѓаат од различни страни.

„Ако земеме дека нашата држава има милион хектара (шума, н.з.), боров четник зафаќа некаде околу 12.000 до 13.000 хектари шума. Во минатото се вршени авиотретирања за сузбивање на овој инсект, меѓутоа во последните десетина години не се чини тоа, туку се наложува механичко уништување на гнездо на овој инсект. Зошто не се прави тоа? Затоа што од нашата држава се врши извоз на споредни шумски производи, како што се разни видови на шумски плодови: смрека, мов итн., и каде што земјите коишто се увозници на тие производи бараат потврда од Министерството дека во последниве десет години не е вршено авиотретирање, бидејќи авиотретирање не се врши во земјите на ЕУ“, објаснува Јовановиќ.

„Од значајните да кажам проблеми, дури би рекол и перманентен проблем од аспект на габите, тука е габата Cryphonectria parasitica, којашто народски се нарекува рак по корен на костенот и го напаѓа питомиот костен. Не е само кај нас. Таа е распространета по цела Европа“, вели професор Николов.

„Може да кажеме дека голем процент или висок процент од популацијата на питомиот костен е исушена и е уништена. Оваа појава е забележана 1972 година. Увезена ни е болеста, така што не сме можеле да преземеме ништо во тој домен, бидејќи никој и не презел во светот за да може да ги заштити. И покрај костенот ќе го споменам и брестот, на којшто природно полулацијата полека, но сигурно згаснува. На крајот ќе ги споменам дабовите шуми од сите видови, коишто ги има во паркот. Имаме неколку видови. Се појавува најнапред сушењето од врвот кон коренот“, објаснува Томо Ѓорѓиевски.

Шумата освен што самата пробува да се обнови по напади од различни страни, и државата помага во таа обнова.

„Просекот кој го садиме како Национални шуми секоја година е околу еден милион нови садници и тоа го правиме најмногу во есенските денови и во пролетните денови, меѓутоа акцентот е на есенското пошумување. И, оваа година, заедно со Министерството за земјоделие планираме некаде околу над 400 хектари да посадиме и мислам дека оваа година реалната бројка ќе биде некаде околу 1.200.000 садници, кои ќе ги посадиме иако нашите желби на почетокот беа и поголеми за оваа година, меѓутоа имавме неколку поплави во пролетниот дел кои уништија дел од расадниците кои ги имаме на отворено. Значи, Национални шуми има 11 расадници во државата, во кои има различни садници“, објаснува директорот на Национални шуми. – А, каде беа тие уништени? Во кои делови?„Делчево. Во поплавите во Делчево во пролетниот дел. Исто и расадникот во Велес ни беше неколку пати поплавен со поројните дождови, кои ги имавме во пролетниот дел на територија на цела држава“, додава тој.

Ова е расадникот во Куманово, кој заедно со тој во Свети Николе, е модернизиран со пари од Јапонската амбасада во Македонија. Во него се одгледуваат садниците, кои треба да се искористат за пошумување. Пошумување се прави и со сеење.

„Учествуваме акциски. Одиме по шума, понесуваме вреќи со семе заедно со сѐ лушпа. Не го чистиме семето и ја имитираме природата. Онаму каде што сме интервенирале со одгледувачки мерки веднаш фрламе семе секоја година. Доколу не биде успешно овогодишното потсејување, го повторуваме сѐ додека не биде успешно. Што е целта? Целта е создавање на мешани шуми во паркот“, објаснува Ѓорѓевски од НП Маврово.

Во минатите седумдесет години површината под шума во Македонија е двојно зголемена – од околу 500.000 хектари на над 1.000.000 хектари. Една четвртина од таа површина е постигната со пошумување. Процентот на зафаќање на садниците со сегашните пошумувања во Македонија се движел од 10 до 60 проценти на различни места, информира директорот на Национални шуми, според кого ефектот од акциите „Ден на дрвото“, правени пред една деценија, бил од три до седум проценти. Пошумувањето без натамошна грижа е проблематично.

„Важно е овие млади дрвја да ги преживеат првите години. И ако само садите, а потоа не се грижите, тоа е бескорисно. Тоа е само расфрлање со пари и фондови, и нема никакво влијание. Значи, треба да бидете сигурни дека овие млади садници, а потоа и дрвја, ќе преживеат“, вели Габриел Швадерер, диерктор на фондацијата „ЕуроНатур“.

Во пошумувањето помага и Европската унија.

Тековната помош на ЕУ во шумарскиот сектор во Северна Македонија се фокусира на градење институции и законско усогласување за одржливо шумарство (…) со цел да се заштитат шумите од нелегална сеча, што е огромен проблем во земјата. Во исто време, поддршката на ЕУ за пошумување е можна и во рамките на ИПАРД помошта за рурален развој.

Статусот на шума и шумско земјиште не се губи, ако на него се случил пожар. Се губи единствено при пренамена за градба на далноводи, патишта, хидроцентрали и тогаш инвеститорите плаќаат за пошумување на друго место. И покрај тоа, над 23.000 хектари шума се згубени во 2022 година.

Едно друго финансирање предизвикува реакции во невладиниот сектор. Во германската фондација „ЕуроНатур“ има незадоволство од тоа што во македонскиот буџет нема пари за менаџирање на националните паркови.

„Мислам дека постои клучно прашање за националните паркови во Северна Македонија, а тоа е дека управувањето со националниот парк треба да биде самофинансирано. И ние мислиме дека ова е погрешно. Па ако…

– Што е погрешно? Дека не е финансирано од државата?

Да. Сметаме дека треба да има буџетски удел од националниот буџет за управување со заштитените подрачја. Сега управата на националниот парк е во непријатна ситуација, затоа што тие мора да заработуваат свои пари“,вели Габриел Швадерер од „ЕуроНатур“.„Имавме многу добра соработка со некои луѓе во владата, во локалните власти и со други имавме впечаток дека тие повеќе блокираат и дека навистина не се заинтересирани за подобрување. Многу сме среќни поради прогласувањето на Шар Планина за национален парк, но не забораваме и дека ова беше многу долга приказна. И Јабланица – предлагавме заедно со Македонското еколошко друштво пред 20 години национален парк. Така што не сме среќни што тоа сега заврши со мал споменик на природата околу изворите во Вевчани. Но, колку што слушнавме, има позитивна поддршка за проширување и подобрување на заштитата таму“, вели Габриел Швадерер од „ЕуроНатур“.

Жителите на Лабуништа тврдат дека шест камиони дневно со по 25 м3 дрва, или вкупно 150 м3 дрва дневно се изнесуваале од Јабланица и тоа во текот на 10 месеци во годината. Така годишно од планината се изнесувале по 45.000 м3 дрва. Според нив, тоа е спротивно на намерата Јабланица да се прогласи за национален парк.

„Од една страна имаме иницијатива за Национален парк, а од друга страна ги губиме вредностите поради кои треба да се прогласиме за национален парк“, нагласува м-р Алија Ќазими.

На албанска страна од границата Шебеник е национален парк од 2008 година. Во Лабуништа велат дека откако лицето Бојку добило пријава во октомвриската акција, на Јабланица се вратило лицето Ќура, за кое МВР ни потврди дека полицијата во 2021 и во 2022 година има поднесено кривични пријави за нелегална сеча и пустошење на шуми.Лицето Бојку излегло од притвор со гаранција од 11.000 евра и мерки на претпазливост: редовно јавување во суд и забрана за издавање патна исправа.

Сликата на Јабланица е слика и за други шуми во Македонија. Обновата на една уништена шума трае неколку децении. Времето ќе покаже, колку од овие кревки шуми ќе преживеат.

Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева

Овој текст и документарниот филм „Кревките шуми“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe.

journalismfund

Related posts

Видлив воздух, невидливи луѓе

Димитар Мицев

Странец се обидува да го подобри квалитетот на воздухот во Скопје

Димитар Мицев

Фалат 48 проценти од потребните инспектори за животна средина

Димитар Мицев

Остави коментар

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading