16/11/2026
нота.мк
Аналитичка Нота

Милионски инвестиции, долги реконструкции и асфалт што не трае на улиците во Битолa

Асфалт што пука по неколку недели, реконструкции што траат со години и улици  што се поправаат уште пред да бидат пуштени во употреба – серија инфраструктурни зафати во Битола  ги отворија прашањата за квалитетот на изведбата, надзорот и контролата на јавните инвестиции.

Само неколку недели по поставувањето на новиот асфалт, кон крајот на април машините повторно се вратија на булеварскиот влез во Битола од правецот на Прилеп. Работници ги отворија штотуку завршените делници и повторно копаа по веќе асфалтираниот коловоз, троторите, мостовите…

Токму ваквата слика со месеци го следеше проектот што локалната власт го претставуваше како еден од најзначајните капитални зафати во градот. Делницата долга 1,3 километри вредна речиси 2 милиoни евра беше најавена како современ булеварски влез во градот. Почетокот на реконструкцијата пред две години го означи премиерот Христијан Мицкоски, кој тогаш изрази очекување дека работите брзо ќе завршат.

„Задоволство е да се одбележи почетокот на овој проект кој ќе значи многу за битолчани. Очекувам брзо да се заврши овој влез, со што ќе биде заокружена една целина“, рече Мицкоски на 26 јули 2024 година во Битола.

(премиерот  Мицкоски го означи стартот на реконструкција на Булеварскито влез-фото Е.М)
(премиерот Мицкоски го означи стартот на реконструкција на Булеварскито влез-фото Е.М)

 Но, една година подоцна,  во јуни 2025 година, кога изврши увид во изградбата на новиот булеварски влез, тој оцени дека реализацијата значително доцни.

„Морам објективно да кажам дека не сум задоволен од динамиката на изведување на работите. Имаме уште седум-осум месеци до рокот, а не е ни 30 проценти од тоа што е договорено завршено. Очекувам да се забрза динамиката и да се испочитува рокот, бидејќи тоа предизвикува непријатно чувство и фрустрација кај битолчани“, изјави  премиерот  Мицкоски во јуни 2025.

Наместо тоа, по асфалтирањето следуваа нови ископи, корекции и дополнителни градежни интервенции.

(се подигна асфалтот по првиот дожд-фото Е.М)
(се подигна асфалтот по првиот дожд-фото Е.М)

Првите проблеми се појавија во октомври 2025 година, откако Општина Битола соопшти дека работите се во завршна фаза. Еден есенски дожд ги откри сите недостатоците. На делови асфалтот се подигна, на други пропадна и се појавија деформации. По првичните поправки, во април годинава повторно беа отворени делови од веќе асфалтираниот коловоз.

Независната советничка група „Поинаку“ објави видео на кое советникот Иван Чулкаовски со доза на иронија ги коментира сосотјбите со оваа улица.

„Сега ќе видите како изгледа еден од најголемите проекти на Коњановски. Оп, пак копано. Овде има дупка, изгледа лопатата ја загубиле, па ја бараат. Оп, уште една дупка. Асфалтирај си – копај си“, рече Чулакоски и предизвика лавина рекации на социјланите мрежи.

Случајот повторно го отвори прашањето што се поставува речиси по секој поголем инфраструктурен проект во Битола – зошто улици што чинат милиони денари бараат дополнителни интервенции уште пред целосно да бидат завршени?

Од Општина Битола потврдија дека изведбата има недостатоци. По заеднички увид со надзорниот орган и претставници на изведувачот, беше констатирано дека дел од работите мора да се коригираат.

„За првата фаза, во должина од 840 метри, се постапува по забелешките на надзорот и стручните служби на Општина Битола. Од изведувачот е побарано да ги коригира забелешките и да достави динамика за изведба на 11 позиции“, изјави секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски.

(булевраскито влез по вторпат се коригира-фото Е.М)
(булевраскито влез по вторпат се коригира-фото Е.М)

На поставените прашања, од битолсктаа локална самоуправа одговорија дека најголемиот дел од забелешките на булеварскиот влез веќе се отстранети и дека веќе се работи на хортикултурното уредување. Долготрајната реконструкција објаснуваат дека се должи на повеќе фактори „проектот не претставува само асфалтирање на коловозот, туку вклучува реконструкција на атмосферската канализација, тротоари, велосипедски патеки, зелен појас, експропријација и инфраструктура која, како ниту една претходна локалана влат не усепа до крај да ја реалзира

Но, и по извршените корекции, булеварскиот влез не е целосно завршен. На две крстосници се уште има импровизирани кружни текови, а од Општината појаснуваат дека станува збор за времено решение. Во следната фаза на проектот на овие локации се планира поставување семафори

(Импровизиран кружен тек на Булевраскито влез-фото Е.М.)
(Импровизиран кружен тек на Булевраскито влез-фото Е.М.)

Долгата реализација и повторените интервенции на веќе изведени делови кај граѓаните создадоа впечаток дека дел од инфраструктурните проекти се  почесто се поправаат уште пред да бидат пуштени во употреба.

Улица од над 600.000 евра почна да пука по еден месец

Булеварскиот влез не е изолиран случај. На индустриската улица „Бурса“, реконструирана со средства од Светска банка во рамки на Проектот за поврзување на локални патишта, асфалтот почна да се распукува безмалку еден месец по асфалтирањето.

(Еден месец од асфалтирањето распука „Бурса“-фото Општина Битола)
(Еден месец од асфалтирањето распука „Бурса“-фото Општина Битола)

Реконструкцијата чинеше 37,6 милиони денари, односно повеќе од 600.000 евра, а опфати 2,5 километри  коловоз. По реакциите во јавноста, Општина Битола изврши увид и соопшти дека е констатирана девијација на горниот слој на коловозот.

„Општински средства може да се исплатат само за успешно завршена работа согласно договорот. Недостатоците ќе бидат коригирани на трошок на изведувачот“, соопшти локалната самоуправа.

(се преасфалтира Бурса-фото Општина Битола)
(се преасфалтира Бурса-фото Општина Битола)

Но ниту „Бурса“ не беше првата улица на која новиот асфалт не издржа долго. Во мај минатата година по втор пат  беше асфалтрана и улицата кај трговскиот центар „Блис“, само шест месеци по нејзиното завршување.

„На барање на Општината, изведувачот започна со подготовка за целосно преасфалтирање поради констатирани оштетувања“, кажаа од Општина Битола.

(нова асфалт и на улицата кај Блис-фото Општина Битола)
(нова асфалт и на улицата кај Блис-фото Општина Битола)

Анекс на догворот за кружниот тек кај Ветеринарна

Еден од најилустративните примери за проблемите со инфраструктурните проекти во Битола е кружниот тек кај поранешната Ветеринарна станица.

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) покажува дека прашањето не е само зошто асфалтот се оштетил по еден месец, туку и дали проблемите можеле да бидат спречени уште пред почетокот на изградбата.

Општина Битола во април 2023 година склучи договор со компаниите „Јоскатранс-Трејд“ од Демир Хисар, како носител на договорот, и „БВ Инженеринг“ од Битола, како член на групата изведувачи. Договорот имаше вредност од околу 190 илјади евра.

Според договорот, кружниот тек требаше  да биде изграден за 60 работни дена од воведувањето во работа. Наместо тоа, асфалтирањето заврши дури во ноември 2023 година.

Но, вистинските проблеми започнаа по завршувањето на градежните работи. Анализата на ЦГК покажува дека тогаш било утврдено оти проектната документација има недостатоци и не е целосно усогласена со важечките стандарди и прописи. Наместо овие пропусти да бидат откриени пред почетокот на изградбата, тие се констатирани дури откако кружниот тек веќе беше изграден. Поради тоа, изведувачите побарале дополнителни и непредвидени работи.

(двапати се асфалтираше кружниот тек кај Ветеринарната станица-фото Е.М)
(двапати се асфалтираше кружниот тек кај Ветеринарната станица-фото Е.М)

Општината го прифатила барањето и во декември 2023 година склучи  анекс-договор вреден околу 37 илјади евра, што е речиси максималниот законски дозволен износ од 20 проценти. Со тоа, вредноста на проектот порасна на околу 230  илјади евра.

Според анализата на ЦГК, документацијата не покажува дека било побарано мислење од проектантот, иако тоа било предвидено со договорот. Наместо тоа, постои  само мислење од надзорниот орган. Во анализата се поставува прашањето дали токму поради ваквиот пристап дополнителните работи, наместо да бидат на товар на одговорните субјекти, биле финансирани со јавни средства.

„ Останува фактот дека кружниот тек не е изграден во согласност со првично договорените рокови и дека за тоа не е барана одговорност. Дополнително, останува прашањето дали на фирмите требало да им се одобри анекс-договор поради неусогласеност со проектната документација во завршната фаза од реализацијата. На овој начин, цената за тие недостатоци ја платија граѓаните, а не фирмата што го изготвила проектот или изведувачите“, се наведува во анализата на ЦГК.

(Студија на случај Центар за граѓански комуникации)
(Студија на случај Центар за граѓански комуникации)

Но, проблемите не завршија тука. Само еден месец по пуштањето во употреба, на кружниот тек се појавија  деформации на асфалтот, поради што вториот слој мораше  повторно целосно да се асфалтира.  Општината соопшти дека повторното асфалтирање е  на товар на изведувачите. Но, ЦГК забележува дека јавноста никогаш не доби  објаснување што ја предизвика деформацијата, ниту дали е утврдена нечија одговорност.

(Асфалтирање на кружниот тек кај Ветеринарна фото Општина Битола)
(Асфалтирање на кружниот тек кај Ветеринарна фото Општина Битола)

„Општината го потврдува проблемот со деформациите набргу по пуштањето во употреба. Велат дека било утврдено оти вториот слој треба повторно целосно да се асфалтира. Сепак, нема објаснување зошто се случило тоа и дали е испочитувана договорната обврска за лабораториска контрола на квалитетот на вградениот асфалт“, наведуваат од ЦГК.

Со овој случај ЦГК  ги отвора прашањата за квалитетот на проектната документација, надзорот и контролата на јавните инвестиции.

Различни изведувачи, различен надзор – исти проблеми

Покрај булеварскиот влез,  улицата во индустрискиот дел на градот „Бурса“, улицата кај новиот трговски центар  „Блис“ и кружниот тек кај Ветеринарната, во последните неколку години  веднаш по асфалтирањето деформации на коловозот, пропаѓање на асфалтот или потреба од дополнителни интервенции се појавија и на делови од Булевар „1 Мај“, улицата „Стив Наумов“, „Солунска“, улици во населбата Недопирливи.

(Пропадна асфалтото на улица во Недопирливи-фото Е.М. )
(Пропадна асфалтото на улица во Недопирливи-фото Е.М. )

За  граѓаните, ваквите случаи веќе не се изненадување.

„Ако треба десет сантиметри асфалт, тие ставаат два. Ако треба два камиони песок, ставаат половина. Повеќе гледаат пари да останат во џеб отколку во асфалтот“, вели еден битолчанец.

Друг жител смета дека реконструкциите не се прават да траат.

„Гледав како ги правеа велосипедските и пешачките патеки. Нема ни пет сантиметри асфалт. Ако веќе прават, нека направат нешто што ќе трае, а не денес да го правиме, утре повторно да го раскопуваме.“

Според Општина Битола, ваквите деформации не се невообичаени во градежништвото и можат да бидат последица на тешка механизација, карактеристиките на тлото или временските услови за време на изведбата. Тврдат дека корекциите се целосно на товар на изведувачот

„На ниту еден инфраструктурен објект на кој се вршени корекции ( напоменуваме постапувано по забелешки од надзорен инженер) не се исплатени дополнителни средства од буџетот на Општина Битола, бидејќи ниту надзорот такво нешто потпишал, ниту Општината и сето тоа оди на товар на изведувачот“, наведуваат од Општина Битола.

Асфалтот се испитува, но причините за оштетувањата се уште се утврдуваат

Сепак, по серијата случаи на оштетувања на новоасфалтирани улици, Општина Битола годинава за првпат преку јавна набавка ангажира независна лабораторија за испитување на квалитетот на вградениот асфалт. Досега, согласно договорите, ваквите испитувања беа обврска на изведувачите, а новата рамковна спогодба треба да овозможи дополнителна контрола на квалитетот.

Од Општина Битола велат дека „по асфалтирање на секоја улица задолжително се зема примерок од вградениот асфалт и се носи на испитување, а доколку има отстапки од дозволените гранични вредности, се вршат дополнителни лабораториски испитувања.“

Првата улица што се испитува преку лабораторијата ангажирана од Општината е индустриската улица „Бурса“, каде само неколку недели по реконструкцијата се појавија оштетувања на коловозот.

„Такви испитувања се извршени на улица „Бурса“ и резултатите се испратени до Министерството за транспорт“, одговорија од Општина Битола.

Во меѓувреме, од Општината појаснија дека досегашните анализи не покажале проблем со квалитетот на асфалтната смеса. Поради тоа, се проверува и друга можност – дали причината за оштетувањата е во носивоста на коловозната конструкција и значително зголемениот товарен сообраќај, кој не бил предвиден кога бил изработен проектот.  Станува збор за стотици камиони кои од граничниот премин Меџитлија, преку Битола,  секојдневно транспортираат јаглен од Грција кон РЕК „Битола“. Таков интензитет на товарен сообраќај, велат од Општината, не бил земен предвид при проектирањето на улицата, па токму затоа, покрај квалитетот на асфалтот, се анализира и дали коловозната конструкција може да го издржи сегашното оптоварување.

Доколку и дополнителните лабораториски испитувања потврдат дека асфалтот ги исполнува пропишаните стандарди, од Општината најавуваат дека ќе биде преиспитан целиот проект за да се утврди причината за оштетувањата, по што ќе се одлучува за понатамошните интервенции, вклучително и можноста за повторно асфалтирање на делницата.

(улица Бурса)
(улица Бурса)

Повеќе од една година кал, прашина и неизвесност

Додека на едни улици се поправа новиот асфалт, на други граѓаните со месеци чекаат да завршат реконструкциите.

Во април 2025 година  започна реконструкцијата на четири улички во центарот на Битола – „Козара“, „11 Март“, „Чеде Филиповски“ и „Панде Николов“. Проектот, вреден околу 13 милиони денари, беше финансиран од Министерството за транспорт и Општина Битола.  Она што требаше да биде краткотрајно градилиште, за жителите се претвори во повеќе од една година секојдневно справување со кал, прашина и раскопани приоди до домовите.

„Ова е срамота. Прашина голтаме секој ден. Не знам дали некој мисли како живееме овде. Колку време им треба да направат една улица? Ова е неодговорност “, велат жителите на улицата „Козара“.

Под притисок на јавноста, градоначалникот Тони Коњановски им се извини на жителите. Според него, доцнењето не е  предизвикано од градежните работи, туку од административните процедури, бидејќи улиците се наоѓаат во старото градско јадро, каде што за дел од интервенциите се потребни согласности од надлежните институции.

(Улица „Панде Николов“ повеќе од една година чекаше асфалт -фото Е.М.)
(Улица „Панде Николов“ повеќе од една година чекаше  асфалт -фото Е.М.)

-Точно е дека дел од проектите имаат доцнење во изведбата. Некаде се условуваат и објективни проблеми на терен, меѓутоа гледаме да ги решаваме. Во  градот навистина имаме проблеми поради старата градска архитектура, која не овозможува секогаш проектите да се реализираат во предвидените рокови. Не постои улица што ја реконструираме, а претходно да не биде направена комплетната инфраструктура – канализација, водовод, подземни инсталации и коловоз. Постојат повеќе фази во реализацијата на еден инфраструктурен проект и се води сметка улиците да не се асфалтираат пред да завршат сите подземни работи, рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Тој кажа  дека локалната самоуправа инсистира и на роковите и на квалитетот на изведбата, но дека проблем претставува и недостигот од доволно градежна оператива која треба истовремено да ги следи големиот број инфраструктурни проекти.

По година и четири месеци чекање за 550 метри вкупна должина, улиците „Козара“, „11 Март“ и „Панде Николов“, беа асфалтирана на 6 август 2026 година, додека на 12 август започнаа работите на улицата „Чеде Филиповски“, која е дел од истиот проект.

Од Општина Битола тогаш соопштија дека „од објективни причини во изминатиот период беше забавено темпото на реализација“.

(По 16 месеци, конечно асфалт на „Козара“-фото О.Битола )
(По 16 месеци,   конечно асфалт на „Козара“-фото О.Битола )

Одговорност без виновници

Поправки на новоасфалтирани улици, пробиени рокови и дополнителни интервенции се повторуваат кај повеќе инфраструктурни проекти во Битола.

Општина Битола уверува дека корекциите се на товар на изведувачите. Но, случајот со кружниот тек кај Ветеринарната, анализиран од Центарот за граѓански комуникации оставаат отворени прашања за квалитетот на проектите и контролата на нивната реализација.

За 2026 година Општина Битола испланира повеќе од 900 милиони денари за инфраструктурни проекти. Прашањето што се наметнува  е дали овие инвестиции ќе донесат поквалитетна инфраструктура и поефикасна контрола на нивната реализација или граѓаните повторно ќе сведочат на долги изведби и поправки веднаш по завршувањето на градежните работи

Емилија Мисирлиевски

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Заедници со интегритет“, поддржан од Владите на Швајцарија и Шведска во Северна Македонија и имплементиран од Националниот демократски институт (НДИ). Содржината на овој текст е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на проектот, донаторите или имплементаторот.  Швајцарија и Шведска не мора нужно да ги делат ставовите изразени во овој текст.

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading