Природните богатства, семејното искуство и традиционалните начини на производство се основа за развој на малите бизниси во Потпелистерските села. Во Дихово, Нацо Јовчевски го поврзува пчеларството со руралниот и апи туризмот, додека во Трново, семејството Георгиевски веќе три генерации се занимава со одгледување овци и производство на сирење. Потпирајќи се на природните ресурси, традиционалното знаење и квалитетот на домашните производи, двете семејства создаваат понуда што ги поврзува локалното производство и туризмот. Нивните приказни покажуваат дека автентичните искуства, природната храна и производите од локално потекло можат да придонесат за развој на руралниот туризам и да отворат нови можности за малите семејни бизниси под Пелистер.
Апи-туризам под Пелистер – пчелите како туристичка атракција
Кога пред 21 година го доби првиот пчелен сандак од дедо му, Нацо Јовчевски од потпелистерското село Дихово не ни замислуваше дека пчеларството еден ден ќе му стане професија. Она што почна од љубопитност, денес е семеен бизнис со околу 500 пчелни семејства. Покрај производството на мед, во својот пчеларник БН во Дихово, Јовчевски развива и апи-туризам, а заедно со семејството нуди сместување и традиционална македонска храна за посетителите.
„Од 2005 година се занимавам со пчеларство. Идејата беше моја, а потоа се вклучи целото семејство. Имаме околу 500 пчелни семејства, а медот го пласираме низ целата држава. Го купуваат и странските гости што доаѓаат кај нас“, вели Нацо Јовчевски.
За него, пчеларството не е само производство на мед. Во 2014 година почнал да ја развива и туристичката страна на пчеларењето, на предлог на негов сосед и угостител од Дихово. Во обид да ги привлече гостите и да го продолжи нивниот престој во селото, соседот му предложил да ги носи во пчеларникот, каде што ќе можат одблизу да се запознаат со пчеларството.

(апи туризам- во пчеларникот БН во Дихово)
„Интересот за апи-туризмот беше голем, па одлучив дополнително да го развивам. На студиско патување во Словенија, каде што овој вид туризам е многу поразвиен, стекнав нови искуства. Во 2016 година, меѓу првите во Македонија, поставив и апи-комора, во која посетителите можат да го искусат вдишувањето воздух од пчелните кошници преку специјални маски. Овие комори ги користам исклучиво како дел од туристичката понуда, за да им понудам на гостите, од кои 99 проценти се странци, уште едно уникатно искуство што ќе го паметат. Задоволен сум од посетеноста. Гостите се интересираат како функционира пчеларникот БН, како живеат пчелите и како е организирано едно пчелно семејство“, вели Јовчевски.
Посетителите се запознаваат со традиционалното пчеларство, ја набљудуваат работата на пчеларите и имаат можност да видат како живеат пчелните семејства. Освен тоа, можат да дегустираат мед и други пчелни производи. Јовчевски им ја претставува и македонската медоносна пчела (Apis mellifera macedonica), како дел од природното богатство на земјата.
Климатските промени се одразуваат и на пчеларството
Покрај ливадскиот и шумскиот мед, Јовчевски произведува и други пчелни производи. Веќе десет години работи со сертифицирано органско производство, а пчелните семејства ги чува на повеќе локации во Потпелистерието, водејќи сметка за условите во кои ги поставува кошниците.

(Пчеларник БН Дихово)
Сепак, приносите не се исти секоја година. Климатските промени сè повеќе се чувствуваат и во пчеларството, а разликите се забележуваат дури и меѓу локациите на кои се поставени кошниците.
„Секоја година е различна. Оваа година имавме потпросечни приноси, но не секаде беше исто. Пчелите ги чувам на шест различни локации и на секоја од нив состојбата беше различна“, ддава Јовчевски.
Дополнителен проблем се и мечките од Пелистер, кои понекогаш доаѓаат до пчеларниците и ги уништуваат кошниците. Тоа е уште еден предизвик за производство што директно зависи од природните услови.
Традиционална храна и сместување во Дихово
Паралелно со пчеларството, семејството Јовчевски го развива и руралниот туризам. Старата плевна и другите помошни објекти во дворот на семејната куќа ги адаптираа во ресторан, каде што гостите можат да пробаат традиционална македонска храна. На менито има домашно тавче-гравче, тас-ќебап, полнети пиперки, турлитава, подварок, пинџур и домашни десерти што ги подготвува неговата сопруга.
Семејството располага и со четири соби со вкупно десет легла во вилата „Old house“. За гостите организира прошетки низ Дихово, а зависно од нивниот интерес и времето што го имаат на располагање, и планински тури кон Големо Езеро, Јоргов Камен и други места на Пелистер.
„Ова ни е семеен бизнис и сите сме вклучени. На гостите им подготвуваме традиционална храна, ги запознаваме со пчеларството и им овозможуваме одблизу да видат како се работи со пчелите и директно да ги пробаат производите“, вели Јовчевски

(Вила „Old house“ Дихово)
Годинава, според неговите податоци, ги посетиле повеќе од 2.000 луѓе. Така, пчеларникот постепено прераснал во место каде што посетителите не доаѓаат само за мед, туку и за да ги запознаат локалната храна, традицијата и природата под Пелистер.
Приказната на семејството Јовчевски покажува како основното производство може да се надгради со дополнителни услуги. Пчеларството е основата на бизнисот, но поврзувањето со храната, сместувањето и туристичките активности создава повеќе причини гостите да го посетат Дихово и подолго да останат во селото.
Три генерации го чуваат производството на овчо сирење во Трново
Слична посветеност на традицијата има и во потпелистерското село Трново, каде што семејството Георгиевски веќе три генерации се занимава со одгледување овци и производство на сирење. Во „Мандра Пелистерски овчи производи“ семејното искуство го надградуваат со нови производи, а денес имаат стадо од околу 300 овци и произведуваат шест видови млечни производи.
„Со ова се занимаваме веќе три генерации. Порано произведувавме сирење за домашни потреби, а во последните години го проширивме производството. Пред две години се регистриравме како преработувачи. Денес имаме околу 300 овци и шест производи – бело сирење, биено сирење, кашкавал, пекорино, крем-сирење и урда“, вели Дејан Георгиевски од „Мандара Пелистерски овчи производи“

(Дејан Георгиевски-Мандра Пелистерски овчи производи)
Квалитетот на млекото и традиционалниот начин на изработка се важен дел од производството. Семејството ги зачувувало старите рецепти, но истовремено го проширува асортиманот со производи што бараат дополнително знаење, посебна технологија и подолго време за подготовка.
„Нашите производи се разликуваат од индустриските затоа што ги правиме на традиционалниот начин, според рецепти што се пренесуваат од дедо и прадедо. Целта ни е да направиме квалитетен производ, од природни состојки и во чиста средина“додава Георгиевски
Покрај традиционалните сирења и кашкавалот, во мандрата произведуваат и пекорино – сирење за кое се потребни посебна технологија и долго зреење. Иако интересот на пазарот е голем, неговото производство бара трпение и посветеност

(Сирење од мандара Пелистерески овчи производи)
„Пекориното го воведовме пред неколку години како нов производ и интересот е голем. Мора да зрее најмалку една година пред да го пуштеме во продажба. Годишно произведуваме околу 300 килограми. И кашкавалот бара подолго зреење, од седум до осум месеци“, вели Георгиевски,
Производите ги продаваат директно на потрошувачите, без посредници. Мандрата ја посетуваат и туристи кои престојуваат во потпелистерските села, а дел од нив доаѓаат директно за да купат млечни производи. Продажбата од праг им овозможува на посетителите да се запознаат со локалното производство и да купат сирење и други производи непосредно од семејството што ги произведува.
Во работата е вклучено целото семејство, но за да го зголемат производството, потребни им се дополнителни работници.
„Сите сме ангажирани во семејниот бизнис. Имаме и еден вработен кој се грижи за овците, но најголем проблем ни е да најдеме работници. Тоа е главната причина што не можеме да го прошириме производството. Инаку, со пласманот немаме проблем, производите се барани“ посочуваат од Мандрата

(Стадото на семејството Георгиевски од Трново)
За да ги промовираат своите производи и да стекнат нови знаења, членовите на семејството посетуваат саеми и студиски патувања во земјава и во странство. Таму разменуваат искуства и се запознаваат со нови техники за производство. Целта им е да го зачуваат традиционалниот начин на работа, но и да го развиваат асортиманот во согласност со интересот на потрошувачите.
Традицијата како основа, развојот како предизвик
Иако едното семејство го поврзува пчеларството со туризмот, а другото го надградува производството на овчо сирење, двете приказни покажуваат дека традицијата може да биде основа за развој на семеен бизнис. Во Дихово, пчеларникот е дел од туристичката понуда, додека во Трново, наследените рецепти се основа за производство на различни млечни производи што ги бараат и локалните купувачи и туристите.
Заедничко им е тоа што работата ја развиваат со вклученост на целото семејство, потпирајќи се на локалните ресурси и сопственото искуство. Но, предизвиците се различни: кај пчеларството, приносите зависат од природните услови и климатските промени, додека кај производството на сирење, недостигот од работници го ограничува понатамошното проширување.
Нивните искуства покажуваат дека природните богатства и традицијата се важен почеток, но за семејните бизниси да продолжат да се развиваат, потребни се и услови за одржливо производство, зачувување на квалитетот и проширување на понудата. Под Пелистер, поврзувањето на наследеното знаење со новите можности отвора простор за развој на малото производство и руралниот туризам.
Емилија Мисирлиевски

