16/11/2026
нота.мк
Аналитичка Нота

Струмичката дилема: зошто соларните панели мора да се бараат надвор од најплодните ниви

„Јас сум за соларни панели, ама не на земјоделско земјиште. А сведоци сме дека во Струмица довчерашните ниви се претворени во соларни платажи. Тоа ме загрижува искрено. Земјата е за храна”, вели Зоран Цветанов од Струмица.

Во градот и околните населени места тешко е да се зборува за соларна енергија, а да не се спомене земјата. Не онаа апстрактната „зелена транзиција” од кампањите, туку конкретната почва од која со децении живее регионот. Од една страна е државната потреба од повеќе струја од обновливи извори, од друга – земјоделската рамница во која секој хектар не е само парцела на хартија, туку производствен ресурс што секоја година дава принос.

Жителите на Струмичко, впрочем, не се против соларната енергија – тоа е првото нешто што треба да се разбере пред да се влезе во темата. Она што ги вознемирува е поинакво: зошто токму земјата што денес храни луѓе мора да биде онаа на која се гради иднината.

„Слушаме дека соларната енергија е добро да се произведува, дека е еколошка и не можеме да сме против такво нешто. Ама не сум за тоа што е треба сега кај нас, на плодни ниви. Ги имаат сувите ридови околу, со прнари, со деградирана шума, таму”, вели Марајн Стоилов.

На неговото прашање, всушност, веќе постои одговор – и тоа доста прецизен. Само треба да се погледне во една научна анализа направена токму за ваков вид дилеми.

Проблемот не е недостиг на сонце

The Nature Conservancy, во соработка со Македонската академија на науките и уметностите и „Еко-свест”, изработи мапа за паметно лоцирање на соларни и ветерни централи во Северна Македонија. Идејата не била едноставно да се обележат местата со најмногу сончеви часови, туку да се пронајде простор каде производството на обновлива енергија би влегло во најмал можен судир со природата, земјоделството и луѓето што живеат таму.

Соларниот слој на мапата го дели теренот во три класи – од 2,1 до 3,8, од 3,8 до 4,2 и од 4,2 до 5,0, при што последната е највисоката. Според проценките на TNC, само во подрачјата оценети над 4,2 државата има потенцијал за околу 50 GW соларна моќност. Дури и ако целосно се исклучат Important Bird Areas и Important Plant Areas, потенцијалот остава на околу 11 GW. Тоа е бројка која, кога човек ја стави покрај струмичкиот случај, го менува целиот агол на гледање.

Ако низ земјава постои толкав простор погоден за соларна енергија, тогаш реалното прашање веќе не е каде да се најде следната нива за панели, туку кои од илјадниците хектари со висок потенцијал воопшто не се проблематични ниту за земјоделството, ниту за природата. Самата TNC е прилично директна во заклучоците: обновливите извори треба првенствено да се градат на деградирани и веќе преобразени земјишта, а високовредното земјоделско земјиште да се остави настрана. Токму тоа е точката во која мапата станува битна и за Струмичката Котлина.

Црвената боја не е покана да се градат нивите

На мапата на TNC, највисоката соларна категорија – 4,2 до 5,0 – се појавува и во поширокиот простор на Југоисточна Македонија. Струмица влегува во регион со значителен удел во националниот потенцијал; техничката студија за Југоисточниот плански регион, повикувајќи се токму на TNC анализата, наведува дека околу четвртина од идентификуваниот потенцијал за обновливи извори лежи во овој регион. Но црвената боја на картата не значи „градете тука” – таа само покажува висока соларна погодност. За вистинската локација мора да се земат предвид и другите параметри.

solar energy

За Струмица тоа, практично, значи дека највисоко оценетите полигони треба да се бараат надвор од интензивно обработуваното дно на котлината – првенствено во ридските и деградираните појаси околу неа. Околу Василево, Босилово и Ново Село постојат терени вредни за проверка токму по оваа логика: дали навистина спаѓаат во TNC зоната 4,2–5,0, дали се веќе деградирани или со ниска земјоделска вредност, и дали немаат значаен судир со природата.

Ова, се разбира, не значи дека целото подрачје околу овие општини е погодно – напротив, во истите општини има и високопродуктивни парцели кои треба да останат целосно надвор од игра. Затоа најдобрата локација и не е „Василево” или „Ново Село” како општинско име, туку конкретниот полигон со висок TNC резултат кој, по дополнителна проверка, се покажува како деградирана или нисковредна површина со пристап до електричната мрежа и без сериозен природен конфликт.

Три појаси што заслужуваат подетална проверка

Ако мапата се чита од Струмица кон околните терени, можат да се издвојат три појаси како кандидати за понатамошна анализа. Првиот е ридско-падинскиот простор западно и северозападно од градот, кон Василево и Вељуса. Тука треба да се бараат полигони од највисоката соларна класа, но само оние надвор од највредните земјоделски површини – самиот факт дека теренот е ридест не е доволен, туку треба да се провери наклонот, пристапноста, сопственичката структура, близината на далекуводите и еколошките ограничувања.

Вториот појас е просторот над земјоделската рамница кон Василево и Босилово, кој е особено интересен затоа што се наоѓа непосредно над еден од најинтензивно обработуваните делови на регионот – токму затоа принципот овде мора да е построг, панелите да одат кон деградираните и нисковредните површини, а не само од една нива на друга.

Третиот е јужниот и југоисточниот раб на котлината, кон Ново Село и повисоките терени близу границата, каде TNC мапата исто така покажува потенцијал во поширокиот регион. Тука, пак, треба да се внимава на нешто друго: „необработено” не значи автоматски „безвредно”. Сувото земјиште понекогаш е биолошки значајно, а деградираната шума не мора да е погодна за градба само затоа што изгледа запуштена.

Токму затоа TNC во анализата вклучува и податоци за чувствителни природни подрачја. Мапата, со други зборови, не е дозвола за градба – таа е филтер што покажува каде воопшто вреди да се продолжи со детална анализа.

Она што мапата не го покажува, а е клучно за Струмица

TNC покажува каде постои добар просторен резултат за соларна енергија, но локалната одлука треба да оди чекор понатаму. За секој приоритетен полигон во Струмичко треба да се провери барем пет работи – катастарската намена, фактичкото земјоделско користење, квалитетот на почвата, близината и капацитетот на електричната мрежа, и природната чувствителност на просторот. Дури тогаш се прави разликата помеѓу „добра соларна локација” и „добра локација за соларна централа”.

solar energy

Тоа е важно затоа што најлесното решение за инвеститорот често е рамна, приватна, лесно достапна нива – а она што е најлесно за инвеститорот не мора да е најдобро за регионот. И токму тука лежи суштината на проблемот со кој се соочува Струмица.

Кога индивидуалниот интерес станува просторен проблем

„Јас сум земјоделец и околу мене многу мои соселани ги продадоа нивите за да се прават плантажи и тоа е разбирливо кога земјоделието не е на цена. Ама од долгорочен аспект мислам дека се греши, не е добра таа пракса”, вели Ацо Филчев.

Оваа изјава ја отвора економската страна на случајот. За сопственикот на една нива, продажбата често е рационален избор – земјоделството носи ризик, цените варираат, трошоците растат, додека соларната централа нуди стабилен и долгорочен приход. Ако државата не понуди доволно силни механизми за заштита на земјоделското земјиште, пазарот сам по себе ќе ја турка земјата кон онаа употреба која носи повеќе и посигурно.

Проблемот е што просторот не функционира како збир на изолирани приватни одлуки. Кога една нива станува соларна централа, промената е локална и лесно се проголтува. Кога тоа се случува со стотици хектари, постепено, парцела по парцела, промената станува регионална – и тогаш прашањето веќе не е дали сопственикот имал право да ја продаде земјата (се разбира дека имал), туку дали регионот сè уште има доволно земјоделска површина за да продолжи да произведува храна. Тоа е прашање на просторно планирање, не на носталгија по некое минато.

Вредност што не се гледа во цената на парцелата

Плодната нива има пазарна цена, но нејзината вистинска вредност е поширока од онаа што некој е подготвен да ја плати за неа денес. Таа е дел од земјоделскиот систем, од локалната преработувачка индустрија, од работните места, од трговијата и транспортот, од снабдувањето со храна – вредност што се создава секоја сезона одново, а не само во моментот кога сопственикот потпишува договор за продажба. Затоа „земјата е за храна”, како што вели Цветанов, не е романтична реченица за некој постар начин на живот. Тоа е тврдење дека земјоделското земјиште носи општествена и стратешка вредност која цената на една парцела едноставно не ја опфаќа. Со климатските промени ова добива дополнителна тежина – производството на храна станува понесигурно, притисокот врз водата и почвата расте, а во таков контекст трајната пренамена на висококвалитетно земјоделско земјиште треба да биде последна опција, не прва.

solarni paneli

Струмица не мора да го измислува тркалото кога станува збор за развој на соларна енергија на деградирана земја – примерот веќе постои во земјата. Во Осломеј соларен парк се развива на просторот на некогашен рудник за лигнит, а TNC токму овој пристап го наведува како пример за транзиција што ги пренаменува просторите изгубеле некогашната функција, наместо да навлегува во недопрени или високовредни земјишта.

Уште поважен е еден друг наод на TNC: во Северна Македонија има двојно повеќе деградирани, brownfield и конвертирани земјишта отколку што реално се потребни за да се произведе целата енергија од обновливи извори што ѝ треба на земјата. Со други зборови, аргументот „мора да се градат централи на нивите затоа што нема доволно друга земја” едноставно не држи вода – истражувањето покажува дека избор постои, и тоа сериозен.

Разумен модел би бил локалната власт прво да ги земе сите TNC полигони со оценка 4,2–5,0 во струмичкиот простор, па потоа да ги преклопи со катастарските и земјоделските податоци. Од таа листа треба да отпаднат високопродуктивните и интензивно обработуваните површини, подрачјата заштитени како значајни за птиците и растенијата, теренот со сериозни просторни или инфраструктурни ограничувања, како и локациите каде приклучокот на мрежата би барал несразмерно голема нова инфраструктура. Она што ќе остане би можело да прерасне во локална листа на приоритетни соларни зони.

Тоа би бил многу посериозен пристап од сегашниот, во кој секој инвеститор ја бара својата парцела сам, а јавноста реагира дури откако проектот веќе е готова работа. И можеби тука е и најважниот дел од целата приказна: TNC не ја нуди мапата само како академска вежба. Организацијата препорачува податоците за brownfield, деградирани и конвертирани земјишта да влезат во националните и локалните плански документи и да се користат при идното планирање на обновливите извори, а за локалните власти советот е соработка со заедниците, невладините организации и државните институции при изборот на локации.

Струмица може да биде пример за поинаква транзиција

solar energy

Можеби најголемата грешка во оваа дебата би била соларната енергија да се претстави како непријател на земјоделството. Всушност и двете се дел од иднината на регионот. Струмица ќе бара чиста енергија исто колку што ќе бара храна, инвестиции исто колку земјиште, нови извори на приходи исто колку зачувани ресурси кои не се обновуваат лесно. Затоа изборот на локација е е развојна одлука со последици за години наназад.

На мапата постојат полигони со највисока соларна оценка, а поширокиот Југоисточен регион носи значителен дел од националниот потенцијал. Но помеѓу таа црвена зона и реалната соларна централа треба да стои уште еден филтер: дали земјата произведува храна, дали природата зависи од неа, и дали постои друга површина на која истиот број мегавати може да се добие со помала штета. Ако одговорот е да – а во случајот на Струмица често е – тогаш изборот треба да биде јасен: централата треба да оди таму, а не на нивата.

Ова не е став против обновливата енергија. Тоа е став дека обновливата енергија треба да се планира така што една зелена инвестиција нема непотребно да уништи друг ресурс од кој регионот зависи. Во Струмица дилемата, всушност, не е сонце или земја – туку дали ќе успееме да најдеме земја на која сонцето може да произведува електрична енергија за нас, без земјата што нè храни да престане да произведува храна за нас.

Related posts

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading