16/06/2024
нота.мк
Политичка нота

Политичарот-играч на сметка на другите


„Не постои политичар кој не е способен за својата должност. Затоа што таа е над секој можен дух“

– Пол Валери

Централна ознака на секоја дефиниција на политиката на нашето време е моќта, способноста другите да се доведат до одредено однесување, задолжително да се одлучува за нивното однесување. Моќта, власта, па и онаа задолжителната, што може да се спроведе, присилната власт на човек над човек постои секаде и во сите времиња во коишто луѓето живееле заедно. Политичката формула-политиката е еднаква на моќ и е еднаква на власт, нужно го доведува во корелација и поимот етика, но сите големи политички теории не можат да одговорат на прашањето: дали политиката и етиката заемно се исклучуваат, или пак, една со друга се сфаќаат како нужно зло?

Моќ и власт

За волја на вистината, политиката не треба да се сфаќа како есхатологија. Политиката не е повикана да го гради темелот на световниот крај на човештото. Политиката има одредена должност кон некоја заедница, во одредена област: да обезбеди внатрешно единство и надворешна одбрана. За политика може да станува збор само доколку станува збор за дејствување кое непосредно или посредно допира во областа на државата, односно дејство кое влијае или тежнее да влијае на распределба на општествената моќ. Таа нема власт во уметноста, економијата, религијата, и покрај вкрстувањето на овие области. Таа овие области не ги супституира по сопствен поредок. Успешен е оној политичар што ја исполнува целта на политиката во склад со целите на другите области.

Со централните поими на западната политика како што се одговорност, правда, уставност-поимот политика не е поврзан на ниеден начин. Тој се однесува единствено на власта „како таква“. Подрачјето на политиката стана општо: за негово разграничување и ограничување постојат само природните критериуми. Неговата специфична структура не може да се доодгатне. Веберовото разбирање за политиката (борба и моќ) и дефиницијата на политиката од Брокхаус „дејствување ориентирано не на вистинската вредност, туку на вредноста на моќта, постигнување на цели без осврнување на нивната природа“-покажува дека речиси е невозможно политиката дефинитивно да се одреди.

Разликата помеѓу владетелите и оние со кои се владее, која според античкото сфаќање, секогаш треба да е привремена-граѓаните треба да живеат заедно во заемен однос на владеење и потчинување-во модерното разбирање се разрешува со крутото разликување на суверениот и поданикот, со кое се прави диференцирање на политичарот и обичен граѓанин. Според  модерното сфаќање политиката станува она што го порачуваат политичарите, граѓанинот станува примач, корисник на постигнувањата што ги нудат политичарите. За овие постигнувања, тој мора да плаќа, меѓу другото, како и за сите други услуги.

Стравот од политиката не се објаснува со фактот дека политиката веќе неколку векови била повикувана на разни начини за да го ослаби или повторно да се препушти на духот. Решението можеби била во тоа што политиката се ставала во мирување заради лекување, како што сметал францускиот ситуационист од 1968 година Мафестоли, кој предлага политичарот да го оставиме на мир, затоа што е болен. Овој предлог интелектуално е привлечен, но историски е неадекватен. Поединецот може да го прифати кога ќе се измори, но, животот на еден колектив не се потчинува на ритамот на поединецот, затоа што се открива пред виртуелниот или потенцијалниот непријател. Ако политичарот мора да оди во санаториум за да се лечи, непријателот нема да нѐ чека дури ние ја лечиме нашата држава“ (Жилијен Фројнд).

Недефинирани правила на однесување

Што едно демократско општество го врзува и обврзува? Секако, најнапред е обврската кон демократското владеење. Макс Вебер и Јозеф Шумптер укажаа на специфичните слабости на оној слој луѓе кои себе се сметаат преодредени да владеат, или пак, покажуваат таква склоност. Навистина е тешко, или речиси невозможно, да се востановат правила на однесување во една област каква што е политиката, која во суштина е ирационална дејност во смисла дека нема однапред утврдени правила како би требало да се постапува во одредена ситуација.

Политиката е „најживиот и најприличниот израз на човековата несовршеност“ (Михајло Ѓуриќ), затоа што секогаш постои можност за судир и борба меѓу луѓето. Политичката власт се разликува од другите облици на власт по тоа што заповеда во име на целото општество, што нема повисока власт што ќе ја ограничува. Ниедна етика во светот  не е е во состојба да ги утврди условите на политичката борба и прописите како и на кој начин политичарот треба да се однесува кон своите противници. Нема никакви општи правила (ни морални ни обичајни) кои политичарот ќе може механички да ги применува на секој конкретен случај.

А правила нема затоа што политиката е сочинета од нееднакви поединци-„кои се разликуваат по гласовите, мускулната, психичката сила, по желбите, по истрајноста, навиките, по лековерноста, храброста, одлучноста, самодовербата“ (Пол Валери). Основно прашање е стратегијата и тактиката на дејствување. Навистина, нема поголема мудрост од таа да знае кога треба да се дејствува, а најтешко е секако да се даваат ветувања: „Зборовите ги прават ветувањата немоќни, со тоа што ја празнат и трошат моќта што е дел од онаа моќ што ветува“ (Фридрих Ниче). А опасностите не се полесни само затоа што еднаш такви ни се причиниле: „Тие повеќе ги залажувале луѓето отколку што им се заканувале“ (Франсис Бекон).

Кој ги бира политичарите?

Големите зборови не служат за ништо ако не ги следи и конкретна акција. Напротив, потребна е сила на духот и цврстина и само тие се во состојба да ги надминат границите. Не станува збор за херојство, туку за неприфаќање на оскудноста на тековното политиканство. Како што говореше Вебер: „Возможното никогаш не би се постигнало, ако светот секогаш и непрестано не се атакува на невозможното“.

politicar

Што е важно денес за еден политичар, за припадникот на еден политички систем, за професионално политичко дејствување? Важно е, најнапред, како и на кој начин се одлучува за нешто. Кај политичарите кои се кријат зад правници постои бегство од одговорност: „Така стои во законот, правниците тоа така го дефинирале: тој мора да процени, тоа е законот, правото, ние не ги носиме одлуките“. Но, правото не владее како на платоновото небо. Правото е законот што го спроведуваат политичарите. Политичарите не смеат да заборават дека тие го создават законот. Тие се одговорни за законот што го носат, и не се потпираат на одлуките што  правниците  немаат храброст да ги донесат.

Но, за политичарите тоа не е најважно. За нив е најважно повторно да бидат избрани. И тоа е човечки: повторното бирање е мерка за неговиот успех во професијата. Проблемот е во тоа што политичарот не го бира народот, туку оние што на непосреден начин се избрани од народот- политичките партии, т.е. нивното потесно партиско раководство. Во тој случај за политичарот најважно е да воспостави цврста врска со партискиот врв, затоа што таму се одлучува за неговата политичка судбина. Затоа една од најголемите тешкотии на уставниот поредок е формирањето министерства на парламентарни или партиски начела. Секоја политичка партија тежнее и си го расчистува патот за да ја презеде извршната власт. К.П. Победоносцев тоа одамна го воочи: „Ако државната глава се приклонува на малцинството а не на мнозинството и од него ги бира своите министри, поддржувачите на на партијата на министерот секогаш ќе гласаат за владата: тие во секој случај мораат да застанат зад неа – не затоа што ја поддржуваат власта, не заради усогласени мислења, туку затоа што владата ги држи членовите на пратијата на власт, им обезбедува привилегии, корист и добивка“.

Возачи на тркалото на историјата

Историјата на сите политички партии на Западот псоред Вилхелм Хенис, без исклучок, е историја на инструментализација на партиските инструменти: „Неразбирањето на политичката власт највоочливо се покажува во нашето погрешно разбирање на карактерот на политичките партии. Тие историски настапиле на местото на семејството-како институции во кои политиката се социјализира, регрутира и се бира политичкото водство“. Слабоста на политичката класа, според него, се огледува во тоа што таа претставува слој на луѓе кој не сака да владее сѐ додека не стекнат услови како елита да се подготват за таа задача.

Фридрих Ниче бил скептичен во поглед на остварувањето на таа задача, па затоа порачал: „о, вие јадници во големите градови на светската политика, вие млади надарени, со славољубие измачени луѓе, кои го сметате за своја обврска да го изнесете своето мислење за сите случувања-а секогаш нешто се случува. Поверувајте дека ќе бидете историско тркало! Ја губите моќта на создавање, затоа што секогаш наслушувате, го демнете моментот во кој ќе го уфрлите својот збор!“

Исполнувањето на задачите честопати е претешко, со оглед на усвоеното мислење дека политиката представува сѐ, таа е семоќна. Во случајот кога политиката и политичарите не одговорат на зададените задачи и не дадат соодветни решенија, тогаш се вели дека политиката е немоќна, а политичарите неспособни. Оттука често доаѓа и негрижата за политиката и обратно, негрижата на политичарите, особено кога ќе зачестат барањата за „политички“ решенија на сѐ и сешто.

Прашањето што е особено актуелно за нашата политичка сцена на која политичката култура и правилата на политичкото однесување се уште во пелени е: како политичарот во одлучувачка ситуација да покаже лична храброст и со своето политичко дејствување да се ослободи од товарот на партиската припадност, т.е. да работи за јавниот интерес? Особено ако знаеме дека сферата на политиката има „вредносна парадигма за целиот човечки живот“ (Михајло Ѓуриќ). Во некоја смисла, политичкото дејствување е прототип за целото опшстествено дејствување. Судбината на политичарот во голема мера е заедничка судбина на сите луѓе.

Но, ако ја одредуваме судбината на сите луѓе, политичарите би требало да се разумни луѓе, правични, чесни, луѓе со карактер кому не му требаат човечки закони. Големиот српски филозоф Божидар Кнежевиќ пишуваше вака: „Штом врвот на општеството го заземаат ниски, обични луѓе, сурови души, троми мисли, нечисти чувства, настанува изопаченост, опаѓање и пропаѓање“. Или обратно, како што мисли создавачот на модерниот либерализам Карл Попер: „Не ни се толку потребни добри луѓе колку што ни се потребни добри институции, затоа што и најдобриот човек-ако му дадете власт која нема контрола-ќе стане еден од најлошите“. А Јован Дучиќ пак рекол: „На една земја не и потребна диктатурата на најдобрата и најпосветената нечија волја, туку диктатура на добри државни закони“.

Дали е во ред политичкиот кибицер да мора да плати ако трпеливото набљудување ја сочинува содржината не неговиот живот? „Кога не би била политиката граѓанинот ќе го има само својот духовен живот-значи ништо што не можело да го исполни“, рекол Карл Краус. Дали професионалниот политичар е личноста што може да го исполни?


Автор: Томислав Гавриќ

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading