22/04/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

Состојбата во Маврово би била многу полоша без меѓународниот притисок

koj plaka koj profitira

Во септември 2019 пет европски и светски организации за заштита на природата објавуваат извештај „Хидроенергија на Западен Балкан: Кој плаќа, кој профитира?“, во кој наведуваат дека околу една третина од малите хидроелектрани се сопственост на три субјекти, односно фирми на Кочо Анѓушев, Христијан Мицковски и на браќата Ѓоко и Зоран Стерјоски, кои се сопственици на спортска обложувалница.

Во извештајот се наведува дека бумот со малите ходроцентрали во земјата се врзува блиску со тогашниот заменик премиер за економски прашања, Кочо Анѓушев.

„Анѓушев и неговиот кабинет се тесно вклучени во изготвувањето и подготовката на спроведувањето на законодавствот во однос на искористувањето на обновливите извори на енергија и енергијата воопшто“,стои во извештајот „Кој плаќа, кој профитира“?

mala hidrocentrala tresonce

Во извештајот се нагласува и дека со изградбата на три мали хидроцентрали на реката Тополка повластените тарифи што ги добива неговата компанија ќе се зголемеле за меѓу 850.000 и 1.000.000 евра годишно.Договорот со владата гарантира откуп на целата произведена електрична струја по загарантирана цена.

„Со еден таков договор инвеститорот во која било банка во светот може да добие кредит. Кога имате договор со Владата тоа гарантира поврат на инвестицијата. Добиваат кредит, ги градат малите хидроцентрали. Повратот на средствата, во зависност од издашноста, е некаде за некој период од седум до девет години. Станува збор практично за заработка“, објаснува Ѓорѓи Митревски, проектен координатор за заштита на води во организацијата Екосвест.

Gorgi Mitrevski

Малите хидроелектрани имале најниска повластена тарифа

Marko Bislimoski

„Од сите повластени тарифи што сме ги имале во државата, и сега дел ги имаме, таа е убедливо најниска повластена тарифа. Значи, тврдењата дека е два ипол пати повисока се неточни, затоа што треба да разграничиме што е пазар, слободен пазар, а што е регулиран пазар. На слободниот пазар цената во Македонија е некаде, во зависност од годината, помеѓу 55 и 60 евра за мегават час, до пред да започне кризата. И, откако започна кризата, на пример оваа енергија којашто е од повластените производители, вклучувајќи ги и малите хидроелектрани, имаше периоди кога беше пет до шест пати поевтина. А, кај малите хидроелектрани и до осум-девет пати“, тврди претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, м-р Марко Бислимоски.

Државата не им ја градела инфраструктурата и поврзувањето на мрежата. Доколку во дистрибутивната мрежа има испади, концесионерите добиваат обештетување од државата. Критичните точки биле во Западна Македонија. Конкретна сума не добивме, но добивме тврдење дека таа не била драматична.

„Согласно нашиот Закон за енергетика, доколку операторот, доколку малата хидроелектрана не е задоволна со квалитетот на мрежата, има право да поднесе кај нас барање за обештетување и такви барања добиваме веќе од повеќе мали худроелектрани, кога има чести испади во мрежата, и поради тоа трпи загуби во своето работење. И, тогаш ние определуваме колку и како треба да му се надомести. Има посебен Правилник за обештетување на потрошувачи и производители и носиме одлука колку треба да му се надомести. Се разбира, наша одлука е и ние сме првостепен орган. Вообичаено, досега кога сме носеле одлуки тие понатаму завршувале на суд“, објаснува м-р Бислимоски.

hidrocentrala tearce

Спор пред Бернската конвенција

Една друга одлука – да се градат мали хидроелектрани во национални паркови и заштитени подрачја, предизвика друг спор поради прекршување на Бернската конвенција за зачувување на европскиот див свет и природните живеалишта. Таа е меѓународен договор на Советот на Европа кој има за цел заштита на европските диви животни и растенија.

isusena reka tresonce

Процесот пред Бернската конвенција, кој бил отворен пред десет години по намерата да се градат хидроелектраните Луково поле и Бошков мост, е проширен со градењето мали хидроцентрали во национален парк. Препораките во годишните одлуки се повторуваат, што покажува дека нивната имплементација нема.

Состаноците на Бернската конвенција се одвивааат во Советот на Европа и на нив присуствуваат претставници од владините институции од сите земји потписнички и претставници од невладините организации или други организации, коишто поднеле предмет на разгледување. Владини претставници презентираат што е направено во минатата година, а обраќање имаат и граѓанските организации, кои исто така се обврзани да испраќаат редовен извештај. По презентирањето на наодите, претставниците на институциите гласаат дали случајот треба да остане отворен и какви препораки да се дадат. Граѓанските организации не учествуваат во гласањето.

„Северна Македонија треба да ја спроведе одлуката на Постојаниот комитет и секако Препораките 184 (2015) и 211 (2021). Меѓународните конвенции како нашата не можат да ги принудат земјите да сторат нешто: процесот може да трае многу години и ние се обидуваме да ја поттикнеме соработката меѓу владините чинители и засегнатите страни на граѓанското општество, за да се обидеме да постигнеме компромис и резултати. Всушност, познато е дека Бернската конвенција многу помогна во конкретниот случај и дека ситуацијата во Маврово би била многу полоша без препораките и меѓународниот притисок“, стои во дописот од Бернската конвенција.

bernska konvencija

Препораките се подолга листа со барања, меѓу кои стои да се суспендираат одобрените концесии и оние планирани за градба и да се спроведе забрана за мали, средни и големи хидроцентрали во национални паркови, заштитени подрачја и места на светско наследство. Од Владата се бара и спроведување на новите меѓунардони стандарди за забрана на хидроцентрали во локалитети од светското наследство, како што се буковите шуми во Маврово и да се ​​обезбеди соодветна имплементација на ЕУ директивата за води во врска со еколошкиот проток и да се спречи прекумерното повлекување на водата.

На Запад и во ЕУ терминологијата е „еколошки проток“, додека во Македонија „биолошки минимум“ за количеството вода во реките оставено во делот во кој е пренасочена водата кон турбините на малата хидроцентрала. Прашавме – што е разликата?

voda tresonce

„Биолошки минимум не е поврзано никако со животот на реката. Податоците викаат дека мерењата во различни сезони од годината велат дека реката просечно има, не знам, карикирам со бројки – 200 литри во секунда проток. Тоа значи дека 10 проценти од тоа значи дека 20 литри во секунда мора секогаш да биде оставено низ речното корито. Еколошкиот проток, од друга страна, значи кое е минималното количество на вода неопходно за функционирање на екосистемот. Ако минималното количество е 100 литри во секунда, тоа значи дека не е 10 проценти, туку е веќе во нашиов случај 50 проценти од тоа што треба да биде оставено“,

објаснува Ѓорѓи Митревски, проектен координатор за заштита на води во организацијата Екосвест. „Инаку никој не го мери, тоа е одговор на тоа прашање. Во постоечкиот Закон за води е пропишано дека ќе има подзаконски акт, којшто ќе ја дефинира методологијата за мерење и референтна метода за мерење. Тој подзаконски акт никогаш не е донесен, а во новиот Предлог закон за води повторно стои таа иста празнина“.

Инспекција во Маврово

Експертите од Бернската конвенција доаѓале во Маврово за да ги анализираат терените, кадешто се изградени две мали хидроелектрани и за да контролираат дали нешто друго на подрачјето се гради.

Tom Gorgoski

„Комуницирале ли со Вас овие експерти“, го прашуваме раководителот за заштита на шумите во НП Маврово, Томо Ѓорѓевски. „Да, да…“, вели тој. „Што бараат од Вас“, го прашуваме натаму. „Да ги видат последиците коишто ги предизвикува изградбата и постоењето на вакви мали хидроелектрани“, вели Ѓорѓевски и додава: „Непридржувањето на биолошкиот минимум во онаа делница од каде што е водозафатот до произвотствениот капацитет е сериозен проблем на којшто не се обрнува внимание од производителот“.

Дека барањето на Бернската конвенција во однос на еколошкиот проток е основано можевме да видиме на терен кај хидроцентралата во Тресонче. На таблата стоеше Хидро Енерџи Груп. Можевме со видео снимки да документираме дека речното корито е скоро суво од производството на оваа зелена енергија. Преку снимки направени подолу од централата некоја минута потоа документиравме надојдена вода. Снимките покажуваат колкава количина вода се зема од реката за производство на струја.

„Формирани се, согласно закон, комисии за надзор и тие комисии за надзор се од двете министерства – од Министерството за економија и од Министерството за животна средина. И, преку овие комисии треба постојано да се контролира работата на малите хидроелектрани. Значи, тоа се теренски посети и исто така во случај да има нешто што граѓаните сметаат дека не е во согласност со закон во секое време можат да испратат претставка до Државниот инспекторат за животна средина, којшто може да направи вонреден надзор, да речеме на работата. Значи, ако сметаат дека има некакво загадување или дека минимумот е загрозен, тогаш секако треба да се обратат до надлежните органи во државата“, вели министерката за животна средина, Каја Шукова. Ѝ кажавме дека такво непочитување видовме во Тресонче, на што таа одговори:

Kaja Shukova
„Тогаш треба да се реагира. Треба да се направи инспекција, да се види зошто инвеститорот или оној којшто управува – концесионерот, не го запазува минимумот“.
reka tresonce

Малата хидроцентралата произведуваше јак звук, што можевме да го чуеме и кај други мали хидроелектрани. На таков проблем од прегласно работење при производство на струја ни се жалеа повеќе лица во националните паркови Маврово и Шар Планина. Силниот звук им пречи како на жителите, така и на животните.

Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева

Овој текст и документарниот филм „Синото срце“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe.

journalismfund
Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading