16/11/2026
нота.мк
Актуелна Нота

Топли домови или празни паричници: скриената цена на енергијата

Шест до осум илјади денари минимум за греење во зимските месеци. За домаќинство во кое двајца членови живеат на минимални плати, тоа е трошок што значително го стеснува просторот за другите потреби. Во Струмица, Марија Митушева и нејзиниот сопруг греат само една просторија во семејната куќа. Прозорците ги замениле со пари од кредит, но фасадатa и покривот останале нереновирани. Топлината и натаму се губи, а сметките и трошоците за огрец секоја зима повторно го оптоваруваат домашниот буџет.

„Некогаш навечер кога е најстудено пуштаме електрична греалка во спалната. Е сега, за оваа комбинација од дрва и електрична енергија месечно треба да издвоиме меѓу 6.000-8.000 денари, зборувам за зимно време. А ние сме двајца на минимална плата, децата не живеат со нас. Кажете ми дали може да се опстане?“ прашува Митушева. Нејзиното искуство отвора прашање што ги надминува границите на едно домаќинство: колку чини пристојно загреан дом и дали семејствата со ниски приходи можат да си го дозволат без да се задолжуваат или да се откажуваат од други основни потреби? Промената на начинот на греење може да донесе заштеди, но не секогаш ги решава проблемите. Старите згради, недоволната изолација и неможноста да се вложи во енергетски поефикасни решенија ги ставаат домаќинствата во нееднаква положба уште пред да пристигне сметката за струја.

Енергетската сиромаштија, затоа, не е само прашање на цената на енергијата. Таа е поврзана со приходите, квалитетот на домувањето и достапноста на институционалната поддршка. За Цонка Ѓоргиева од Струмица, преминот од греење на дрва кон инвертер-климатизер бил обид да се намалат трошоците и да се олесни секојдневието. Климатизерот го купиле на рати, откако огревното дрво станало сè поскапо, а неговото складирање во станбена зграда дополнителен проблем.

„Од лани преминавме на греење со инвертер-клима, од продавницата за бела техника ни ја дадоа на рати. Претходно се греевме на дрва. Но, како што цената на огревното дрво растеше, стануваше понеисплатливо, а и складирањето дрва во зграда си бара посебни услови. Сега е полесно, иако енергија се губи, затоа што зградата е стара и нема термоизолациона фасада“, вели Ѓоргиева.

Нејзиното искуство покажува дека промената на енергенсот може да го олесни греењето, но не ги отстранува сите проблеми. Кога станбениот објект нема соодветна изолација, дел од топлината се губи, а со неа се намалува и ефектот од вложувањето во поефикасен уред.

Нееднакви можности за енергетска ефикасност

Податоците на Државниот завод за статистика за 2024 година покажуваат дека 10,6 проценти од домаќинствата во Северна Македонија секогаш се соочувале со финансиски тешкотии при плаќањето на сметките за електрична енергија или при набавката на енергенси за греење. Наспроти нив, 40 проценти од домаќинствата изјавиле дека никогаш немале такви тешкотии. Иако овие податоци не се однесуваат на Струмица, тие укажуваат дека финансиската способност за обезбедување енергија значително се разликува меѓу домаќинствата. Во локален контекст, вистинската слика би можела да се добие преку податоците за приходите, трошоците за греење, квалитетот на домовите и бројот на семејства што добиваат институционална поддршка. Енергетската ефикасност често се поврзува со изборот на современ уред или со преминот кон почист извор на енергија. Но, без соодветна изолација на ѕидовите, покривот и прозорците, и ефикасниот систем за греење може да не ги даде очекуваните резултати. За домаќинствата со ограничени приходи, подобрувањето на домот подразбира инвестиции што тешко можат да ги покријат од сопствени средства. Така се создава круг од кој тешко се излегува: домаќинствата што живеат во енергетски неефикасни објекти трошат повеќе за да ги загреат, а поради високите трошоци имаат помалку можности да инвестираат во подобрувања што би им донеле долгорочни заштеди.

drva

Грантови за зелена енергија: можност и предизвик

Прашањето за енергетската сиромаштија ја отвора и одговорноста на локалната самоуправа: дали граѓаните имаат пристап до информации за достапната поддршка, дали мерките се доволно познати и дали стигнуваат до семејствата што најтешко ги поднесуваат трошоците за енергија. Општина Струмица, во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Фондот за зелено финансирање, обезбедува поддршка преку грантови за зелена енергија. Програмата опфаќа инвестиции во термоизолација, замена на прозорци и врати, поефикасни системи за греење и ладење, соларни колектори и фотоволтаични системи, меѓу другите мерки.

Ова е важен чекор кон намалување на потрошувачката на енергија, но самото постоење на програма не одговара на сите прашања. За да се оцени нејзиниот ефект врз енергетската сиромаштија, потребни се податоци за бројот на пријавени домаќинства од Струмица, бројот на одобрени грантови, критериумите за избор, висината на поддршката и реалните заштеди што ги оствариле корисниците.

фотоволтаици соларни панели
© Adobe Stock

„Се надевам дека голем број граѓани во Струмица ќе ја искористат можноста за подобрување на енергетската ефикасност на нивните домови преку овие грантови за зелена енергија. Задоволни сме од интересот и нашата цел е и понатаму да се бараат начини да се поттикне и да се поддржи транзицијата кон одржливо користење на енергијата, особено зелената енергија, рече Петар Јанков, градоначалнимна Општина Струмица.

На национално ниво, Министерството за енергетика во 2025 година објави мерки за заштита на ранливите потрошувачи, меѓу кои финансиска поддршка за сметките за електрична енергија и помош за набавка и инсталирање инвертер-клима уреди. Сепак, пристапот до ваквите мерки зависи и од тоа дали граѓаните се информирани, дали ги исполнуваат условите и дали можат навреме да ја соберат потребната документација. За дел од домаќинствата, проблемот не е само недостигот од пари, туку и недоволната информираност за можностите за помош.

Енергетската сиромаштија не може да се реши само со еднократна финансиска помош. Потребна е комбинација од краткорочни мерки за олеснување на трошоците и долгорочни инвестиции во изолација, ефикасни системи за греење и обновливи извори на енергија. Притоа, најранливите домаќинства треба да имаат приоритет, бидејќи токму тие најтешко можат самостојно да ги финансираат промените.

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading