22/04/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

Сведок на ОЛАФ тврди: исти лица во Македонија продолжуваат со проневера на европски пари

По објавувањето на информацијата за истрагата на ОЛАФ и барањето од Македонија да се вратат 2,2 милиони евра, Нота.мк можеше да разговара со лице испрашувано од претставници на ОЛАФ за тој случај. Ова лице има потпишано записници со клаузули дека нема да открива детали од испрашувањата и затоа Нота.мк нема да го открие ни полот, ниту идентитетот и ќе го користи изразот сведок. За потврдување на веродостојноста, Нота.мк доби извадок од писмениот запис од испрашувањето.

OLAF pokana za soslusuvanje

„Уште во периодот кога ме контактираа од ОЛАФ ми беше напоменато дека не смеам да контактирам со трети лица и дека целата истрага се води со назнака SENSITIVE (ЧУВСТВИТЕЛНО, н.з.), согласно инструкциите објавени на веб-страницата на Европската комисија во полгавјето ‘Anti-fraud’ (Борба против измама, н.з.). Притоа потпишав изјава со назнака SENSITIVE и во самите записници од сослушувањата беше експлицитно напоменато тоа. Станува збор за стандардна процедура, која важи за сите инволвирани во процесот“, објаснува сведокот.

Лицето повеќе години било вклучено во процесите, кои се воделе во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, „а се поврзани со средства од европските образовни програми на Европската комисија“. Нота.мк нема да открие детали од ангажманот, поради можноста сведочењето да не биде земено предвид.

„Суштински, како сведок во постапката, нема пропишано казни, но доколку го откријам мојот идентитет, моето сведочење нема да биде земено предвид, иако мојот идентитет, заедно со моето сведочење, веќе е достапен на Јавното обвинителство. Во јавноста има доста шпекулации, но суштински само ОЛАФ знае колку сведоци има сослушано“, вели сведокот.

Државата веќе еднаш била суспендирана од ЕУ-фондови поради исто лице

Прашан во која година и каде се одвивало сослушувањето, сведокот објаснува дека двапати бил сослушан во периодот од 2019 до 2022 година и дека одговарал пред истражители на ОЛАФ. Притоа сведокот на истражителите им дал над 30 писмени докази.

EU delegacija Skopje

„И двата пати сослушувањето беше во просториите на Делегацијата на ЕУ во Скопје. Првиот пат на сослушувањето беа тројца истражители, додека пак вториот пат, во 2022 година, двајца истражители. Првото сослушување траеше осум часа со паузи, додека пак второто сослушување траеше повеќе од девет часа, исто така со паузи. Првото сослушување се однесуваше на проневерата од 2,2 милиони евра од страна на неколку здруженија од државата и странство, како и на туристички агенции и т.н. сервиси, како и вработени во средни училишта. Второто сослушување исто така е за проневера на средства, но со малку понов датум, во кој повторно се појавуваат скоро истите актери, но овој пат и актуелното раководство на Националната агенција има замешано прсти“, тврди сведокот на ОЛАФ.

Нота.мк го праша сведокот дали има сознанија каде завршуваат парите од злоупотребените европски фондови, односно со каква цел се прави злоупотребата?

„Од самото основање на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, па сѐ до ден денешен ја тресат скандали со неправична распределба на средствата, кои Европската комисија ги издвојува за образовни програми, а се наменети за нашата држава. Најинтересно од сѐ е дека скоро сите тие скандали се поврзани со една особа и неколку нејзини блиски соработници. Тоа е првоосомничената особа во вашиот текст со двојното државјанство. Заради таа особа нашата држава беше веќе еднаш суспендирана од Еразмус + програмите“, тврди сведокот.

OLAF dokument

Нота.мк доби допис, кој ОЛАФ во 2013 година му го испратил на посоченото лице, со кој го потсетува дека во претходната година било информирано дека било под истрага за неправилности и измама во ЕУ-проекти и дека откако се вратени парите од страна на Националната агенција во висина од 152.181,67 евра, случајот од страна на ОЛАФ е затворен.

Сведокот во изјавата го посочува текстот, кој во понеделникот беше објавен на Нота.мк. Во него, покрај информацијата за барањето на ЕУ да ѝ се вратат 2,2 милиони евра од државниот буџет и обидот да се сокрие пријавениот случај, беа пренесени и делови од пријавата за злоупотреба на тие пари, поднесена од тогашната директорка на Националната агенција, Лидија Димова. Пријавата во Обвинителството е против 23 лица, од кои првопријавеното лице е македонски и бугарски државјанин. Европските пари завршувале во две фирми. Во таа злоупотреба на средства, како соучесници и покритие биле вклучени двајца грузиски државјани и претставници на училишта во Македонија.

„Станува збор за класична злоупотреба на средства низ мрежа на здруженија, компании, туристички агенции, како и основни и средни училишта. Едно нешто се кажува дека ќе биде реализирано во проектите, друго нешто се реализира на терен, трето нешто стои во завршните извештаи. Секако оваа мрежа има своја логистика во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Без нив не може да се одобрат проектите, кои оваа мрежа на криминалци ги поднесува до Националната агенција, а не може ни да се одобрат финалните извештаи и да се затворат проектите на начинот на кој се затвараат истите. Злоупотребите се од лукративни причини, за личен бенефит и лично богатење на грбот на децата, кои треба да се крајни корисници на бенефитите од овие европски прогами и мобилностите“, објаснува сведокот на ОЛАФ.

Високопозиционирани лица вклучени проблемот

Прашан дали има сознанија за инволвирање на високопрофилирани политички лица во овие злоупотреби, сведокот вели:

„Лицето со двојно државјанство има своја логистика директно во кабинетот на Премиерот, т.е. тој со години е политички ментор и блисок пријател на еден од Националните координатори во Владата“.

Lidija Dimova

Поранешната директорка на Националната агенција, Лидија Димова, за Нота.мк тврдеше дека пред тоа лице, кое сега работи во Владата како Национален координатор, а претходно беше пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и гласаше за промена на уставното име, во седиштето на СДСМ од тогашниот врв на партијата ѝ било побарано да ја повлече пријавата поднесена за злоупотреба на 2,2 милиони евра – пари од Европската унија. Димова одбила и, според неа, поради тоа ѝ се случил медиумски линч и судски процес. Пред пријавата во Обвинителството, Европската комисија била информирана од колешка на Димова, а и од неа самата, за злоупотребите на фондовите.

Пријавата и фајловите со доказите исчезнале во македонското обвинителство, па, како што веќе објавивме, ОЛАФ извршил притисок врз Финасиската полиција да прими копии, кои добиле третман на оригинали. Димова никогаш не била испрашувана од ОЛАФ, но други вработени биле повикани да сведочат пред истражители на ова европско тело за спречување злоупотреба на пари од ЕУ. ОЛАФ ѝ има испратено потврда дека против неа била направена истрага, која е затворена поради немање докази за сторена злоупотреба на европски пари.

За кривичната одговорност се задолжени домашните институции

Сведокот го прашавме зошто ОЛАФ делува навидум бавно во справувањето со злоупотребите и дали се остава прво да се види како националните органи ќе се справат со злоупотребите?

OLAF inspektor

„ОЛАФ е многу внимателна и темелна во своите истраги, затоа и процесот оди толку бавно. Притоа, доколку се констатира одредена злоупотреба и тие средства бидат вратени во касата на Европската комисија, тогаш завршува работата на ОЛАФ. Впрочем ова веќе еднаш и се случи на нашата држава во 2013 година, кога после отворена истрага Националната агенција во касата на ЕУ врати 152.181 евра и со тоа постапката беше затворена и виновниците не беа санкционирани од домашните институции. Доколку и сега се случи истото, доколку тие 2,2 милиони евра бидат вратени во касата на ЕУ од страна на Националната агенција, ОЛАФ ќе ја затвори истрагата. Понатаму постапката на кривичната одговорност треба да ја спроведат институциите во нашата држава“, нагласува сведокот на ОЛАФ.

Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за Нота.мк информираа дека:

„По добиено известување од Управата за финансиска полиција и реализирани работни средби со претставници на ОЛАФ, предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција активно спроведува предистражна постапка. Со оглед на тајноста на постапката не можат да се споделат повеќе детали“.

zaklucok vlada

За барањето да се вратат парите назад се расправало и на седница на Владата во декември минатата година.

„Владата на Република Северна Македонија, на седница одржана на 19 декември 2023 година, ја разгледа Информацијата за поврат на средства согласно Извештајот од ОЛАФ ОС/2019/0983/В4 и согласно расправата на седницата Владата ги задолжи Секретаријатот за европски прашања и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност да го побараат официјалниот Извештај на ОЛАФ и потоа да го достават, за истиот да се разгледа на затворена седница на Владата со цел натамошно постапување“, стои во соопштението од Владата. Оттаму не одговорија дали таа седница затворена за јавноста се случила, односно дали тој извештај е веќе разгледуван и до кога е рокот за враќање во Европската комисија на злоупотребените пари.

Related posts

Два месеци плус пролонгирање на враќањето на злоупотребени ЕУ пари

Потврда на прес во Влада дека Македонија ќе враќа 2,2 милиони евра

ОЛАФ без наоди затворил истрага против Лидија Димова

ОЛАФ бара Македонија да врати 2,2 милиони евра од злоупотребени европски фондови

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading