Деградираните рудници – нова шанса за соларната енергија
„Никој не е против сончевата енергија, ама нека се поставува таму каде што нема да се уништува земјоделско земјиште.“
Ова е пораката што најчесто се слуша од жителите на Пелагонија. Регионот со најголемото обработливо земјиште во државата во последните години стана и една од најатрактивните дестинации за инвестирање во фотоволтаични централи.
Во исто време, Македонија постави амбициозни цели за енергетската транзиција. Според Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и Националниот план за енергија и клима, до 2040 година се предвидува изградба на околу 1.400 MW соларни и 750 MW ветерни електрани, а повеќе од 80 проценти од електричната енергија треба да доаѓаат од обновливи извори. Денес, околу 80 проценти од домашното производство на електрична енергија се уште се обезбедува од електраните на лигнит.
Но, клучното прашање не е само колку, туку и каде ќе се градат овие капацитети. Токму затоа Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, во соработка со The Nature Conservancy и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), ги изработи Принципите и препораките за паметно енергетско планирање. Основната идеја е едноставна – државата најпрво да ги искористи деградираните површини, напуштените рудници и останатото земјиште што нема друга употребна вредност, а дури потоа да размислува за користење на други локации.
Во рамките на истиот проект, МАНУ ја изработи Студијата за користење на рудници и други браунфилд-локации, со која беа идентификувани околу 650 MW потенцијал за изградба на капацитети од обновливи извори на енергија токму на вакви деградирани површини.
Во втората фаза беше изработена и национална мапа на најсоодветните локации за изградба на соларни и ветерни електрани, при што како приоритет се издвоени токму деградираните земјишта. Според анализата, доколку само половина од овие одржливи локации бидат искористени, тие би можеле да произведуваат околу 7,7 терават-часови електрична енергија годишно, што претставува значителен придонес кон енергетската транзиција.
Пелагонија има подготвени локации за соларни централи
Анализата на Македонската академија на науките и уметностите покажува дека токму во Пелагонија веќе постојат локации што се оценети како најсоодветни за вакви инвестиции.
Не станува збор за обработливи ниви, туку за деградирани површини чија првична намена одамна е изгубена поради децениската експлоатација на јаглен.
Во студијата како едни од најперспективните браунфилд-локации се издвојуваат рудниците Суводол и Брод-Гнеотино, двата составен дел од РЕК Битола.
Изборот не е случаен, бидејќи станува збор за огромни површини на кои со години се врши експлоатација на лигнит, со веќе изградена енергетска инфраструктура, пристапни патишта и близина до далекуводната мрежа. Токму овие карактеристики ги прават погодни за нова намена – производство на електрична енергија од сонцето.
Овој пристап има и пошироко значење.
Пелагонија со децении е енергетското срце на државата. Со постепеното намалување на производството на електрична енергија од јаглен и затворањето на рудниците, регионот неизбежно ќе се соочи со економски и социјални предизвици. Европските политики за праведна енергетска транзиција препорачуваат новите зелени инвестиции да се насочуваат токму кон поранешните јагленски региони, со што се задржува нивната енергетска улога и се создаваат нови можности за вработување.
Во својата студија, МАНУ оценува дека „од правен аспект, најлесниот и најбрзиот начин да се реализира браунфилд-инвестиција во електрана за обновливи извори на енергија е постојните рударски локации преку урбанистичките планови да добијат нова намена – од земјиште за рударство во земјиште за производство на енергија од обновливи извори“. Според Академијата, со тоа би се забрзале процедурите и би се избегнало непотребното зафаќање на ново земјоделско земјиште.
Токму затоа Суводол и Брод-Гнеотино не се само поранешни рудници. Тие претставуваат можност Пелагонија од регион кој со децении произведуваше електрична енергија од јаглен да стане пример како деградираните индустриски површини можат повторно да се стават во функција – овојпат како извори на чиста енергија.
Рудник Суводол
Суводол е една од најперспективните локации за развој на соларната енергија во Пелагонија. Станува збор за рудник на само пет километри од Општина Новаци, со површина од околу шест квадратни километри, каде што, според анализата на МАНУ, би можеле да се инсталираат околу 450 MW фотоволтаични капацитети.
Локацијата веќе располага со клучните предуслови за ваква инвестиција – се наоѓа во близина на 400 kV преносна мрежа, има пристапна патна инфраструктура, а земјиштето е претежно неплодно и претставува пасишта во сопственост на АД ЕСМ. Според анализата, просечното глобално хоризонтално сончево зрачење изнесува 1.538,5 kWh/m², што ја прави погодна за производство на електрична енергија од сонцето.
Истовремено, студијата укажува дека изборот на локацијата не смее да се темели само на техничките параметри. Иако Суводол не се наоѓа во национален парк, заштитено подрачје или подрачје значајно за растенијата (IPA), дел од локацијата се наоѓа во подрачје значајно за птиците (IBA). Во непосредна близина, на околу 500 метри, се наоѓа и Суводолска Река. Тоа значи дека евентуалната изградба на фотоволтаична централа би морала да биде проследена со детални еколошки анализи и мерки за заштита на биодиверзитетот.

Рудник Брод-Гнеотино
Покрај Суводол, како една од најперспективните локации за развој на соларната енергија се издвојува и рудникот Брод-Гнеотино. Според анализата на МАНУ, станува збор за деградирана површина од околу два квадратни километри, на која би можеле да се инсталираат околу 160 MW фотоволтаични капацитети.
Локацијата се наоѓа на околу 12 километри од Новаци, во близина на 110 kV преносна мрежа, а пристапниот пат е оддалечен само околу 260 метри, што значително ги олеснува условите за реализација на ваков проект.
Анализата покажува дека Брод-Гнеотино има и добри природни предуслови за производство на сончева енергија. Просечното глобално хоризонтално сончево зрачење изнесува 1.552,9 kWh/m², што е дури и нешто повисоко од вредностите измерени за Суводол. Земјиштето е претежно неплодно, пасишта и делумно ниви, а е во сопственост на АД ЕСМ и државата, што дополнително ја олеснува можноста за негово пренаменување во енергетски капацитет.
Сепак, како и кај Суводол, студијата предупредува дека развојот на вакви проекти мора да биде внимателно испланиран. Иако Брод-Гнеотино не се наоѓа во национален парк или подрачје значајно за растенијата, локацијата се наоѓа во подрачје значајно за птиците (IBA), а во нејзина близина има и мало езеро. Тоа значи дека секоја идна инвестиција би морала да биде проследена со детални проценки на влијанието врз животната средина и мерки за заштита на биодиверзитетот.

Заедно, Суводол и Брод-Гнеотино нудат потенцијал од околу 610 MW нови фотоволтаични капацитети, што претставува речиси целокупниот потенцијал од 650 MW идентификуван од МАНУ на деградирани рударски и браунфилд-локации. Тоа покажува дека токму Пелагонија може да биде носител на зелената енергетска транзиција, без дополнителен притисок врз најквалитетното земјоделско земјиште во државата.
Токму ваквите локации ја илустрираат суштината на концептот на паметно енергетско планирање – приоритет да имаат деградираните рударски површини, кои веќе располагаат со инфраструктура и имаат потенцијал повторно да бидат ставени во функција, овојпат како извори на чиста енергија.

Соларните централи на деградирани површини, а не на ниви, велат граѓаните
Токму тоа го покажува и анкетата спроведена меѓу граѓаните од Пелагонискиот регион. Поддршката за зелената енергија не значи безусловна согласност за секоја локација. Во разговорите со жителите на Пелагонија доминира истата порака.
„Нека ги поставуваат на ридови и на деградирано земјиште. Го имаме во изобилие тоа земјиште, во близина на далекуводи, што значи дека ја има потребната инфраструктура. Потребно е прво тие да се искористат.“
„Има доволно пустелија. Зошто да се уништуваат нивите? Потребно е фотоволтаиците да се поставуваат на неплодно земјиште. Плодното земјиште да се остави за земјоделие.“
„Овие соларни инсталации не треба да се поставуваат во полето. Тоа земјиште треба да се обработува.“

Овие ставови се поклопуваат со препораките на експертите, според кои приоритет треба да имаат деградираните површини, напуштените рудници и другите браунфилд-локации, наместо обработливо земјоделско земјиште.
Енергетската транзиција е неопходна ако Македонија сака да ги исполни своите климатски цели и да ја намали зависноста од јагленот. Но, примерот на Пелагонија покажува дека прашањето не е дали ќе се градат нови соларни централи, туку дали тие ќе бидат поставени таму каде што ќе создадат најголема корист, а најмала штета.
Доколку се следат препораките на експертите, поранешните рудници како Суводол и Брод-Гнеотино би можеле повторно да станат симбол на македонската енергетика – овојпат не како извори на јаглен, туку како извори на чиста енергија.
Емилија Мисирлиевски

