16/11/2026
нота.мк
Актуелна Нота

Струмица ја направи првата фаза во енергетската транзиција, но старите јавни објекти сè уште ја плаќаат цената на неефикасноста

Струмица со години важи за една од општините во Македонија која има поамбициозен пристап кон енергетската ефикасност и заштитата на животната средина. Замена на системите за греење со дрва и нафта на дел од јавните објекти, инвестициите во училиштата, замената на старата столарија и поставувањето термоизолација се чекори во вистинска насока. Но, зад оваа позитивна слика останува еден сериозен проблем – голем број јавни институции во градот сè уште функционираат со стара инфраструктура и користат нафта за греење.

Во време кога Европа забрзано се движи кон обновливи извори на енергија, намалување на емисиите и енергетски ефикасни згради, дел од јавните објекти во Струмица сè уште зависат од енергенси кои се скапи, загадуваат и создаваат дополнителен товар врз животната средина. Меѓу објектите кои со години претставуваат значајни потрошувачи на енергија се Старата општа болница, Нервното одделение, повеќето објекти на Министерството за внатрешни работи, зградата на Македонска пошта и Телеком, Завод и музеј Струмица, Централниот регистар и други државни институции.

Проблемот кај овие објекти не е само во видот на горивото. Голем дел од нив се градени во период кога енергетската ефикасност не била приоритет. Старите фасади, слабата изолација, дотраените прозорци и застарените системи за греење значат дека голем дел од произведената топлина се губи наместо да се искористи за подобри услови на граѓаните и вработените.

uciliste

„Енергетската ефикасност не значи само промена на еден котел или замена на еден енергенс. Таа подразбира целосна промена на начинот на кој објектите ја користат енергијата – од квалитетна изолација и современи системи за греење, до производство на сопствена енергија преку обновливи извори“, вели Петар Витанов, машински инжинер со долгогодишно искуство во оваа област.

Токму затоа, следниот голем предизвик за Струмица треба да биде енергетската реконструкција на најстарите јавни објекти. Доколку тие останат со старата технологија, градот ќе продолжи да плаќа високи сметки, а граѓаните ќе продолжат да ги чувствуваат последиците од загадувањето.

Училиштата направија чекор напред, но потребна е нова генерација системи за греење

Најголем напредок во енергетската ефикасност во Струмица е направен во образовните објекти. Основните училишта се префрлени на природен гас, а со гас се снабдуваат и дел од локалните јавни претпријатија преку системот на ЈП „Струмица-гас“.

„Овој чекор значеше значително подобрување во однос на старите системи на греење, бидејќи помалку директни загадувачки емисии во споредба со нафтата. Но, во иднина и гасот не треба да биде крајната цел, туку преодна фаза кон уште почисти решенија – обновливи извори на енергија, топлински пумпи и сончева енергија“, додава Љупка Вртева, машинска инженерка со меѓународно искуство во проектирање, дизјанирање и импелментација на системи за греење и ладење.

strumica gas

Повеќето основни и средни училишта во Струмица денес имаат заменета старата столарија со ПВЦ прозорци и врати, а најголем дел од објектите имаат поставена термоизолација.

„Во дел од училиштата се направени и дополнителни инвестиции со цел намалување на топлинските загуби. Општината во изминатите години реализираше проекти за замена на прозорци и подобрување на енергетските карактеристики на образовните објекти“, велат од Општина Струмица.

Сепак, состојбата не е целосно изедначена. Постојат три подрачни училишта каде што сè уште е потребно поставување соодветна термоизолација. Овие објекти, иако помали, не треба да останат без соодветни вложувања. Проблемот со овие училишта е што имаат доста мал број ученици, па се прават пресметки за исплатливоста на овие инвестиции, особено со процесот на оптимизација што го започна министерството за образование и наука.

Друг проблем кој останува во училиштата е нерамномерното греење. Во дел од училниците температурата е повисока, додека во други простории учениците и наставниците се соочуваат со недоволно загреани простории. Причината е во старите внатрешни системи за дистрибуција на топлината и недостатокот од паметни системи за регулирање на потрошувачката.

„Современото енергетски ефикасно училиште денес не значи само зграда со нови прозорци. Тоа значи систем кој автоматски ја регулира температурата, користи минимално количество енергија и произведува дел од потребната струја преку сончеви панели“, вели Вртева.

Во Струмица веќе постојат неколку училишта со соларни системи, но нивниот број е мал во однос на потенцијалот кој го има градот. Со оглед на големиот број сончеви денови во струмичкиот регион, јавните покриви претставуваат неискористен енергетски ресурс.

Од енергетска ефикасност до енергетска независност

Енергетската транзиција е значајна глобална тема за климатските промени. Таа директно се однесува на секој град, секое училиште и секоја јавна институција. Македонските експерти од областа на енергетиката со години укажуваат дека најголемата можност за намалување на потрошувачката е во подобрувањето на енергетската ефикасност на зградите. Професорката Весна Борозан од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во својата стручна работа се занимава со механизмите за поддршка на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност, што ја нагласува потребата овие две области да се развиваат заедно. Таа постојано укажува на важноста да се водиме од Стратегијата за енергетика на Европската Унија. „Стратегијата за енергетика на ЕУ, наречена Енергетска Унија, има пет меѓузависни поттикнувачки димензии, кои се дополнуваат и си помагаат при исполнувањето. Тоа се: енергетска сигурност, потполно интегриран пазар на енергија, енергетската ефикасност како многу важен елемент во целата стратегија на ЕУ и можност за намалување на потрошувачката на енергија, понатаму, климатска промена декарбонизација и истражување“, вели проф. Борозан.

За Струмица тоа значи дека идните инвестиции не треба да бидат насочени само кон замена на старите котли, туку кон целосна трансформација на јавниот сектор. Следните чекори во таа насока треба да вклучуваат: енергетска реконструкција на старите државни објекти, замена на системите на нафта со почисти технологии, модерни системи за автоматска регулација на греењето, подобрување на изолацијата кај сите објекти, постепено намалување на зависноста од фосилни горива.

solarni paneli

Општина Струмица веќе има поставено стратешка рамка за подобрување на енергетската ефикасност преку подготовка на стратешки документи за периодот 2025–2030 година, со фокус на подобрување на инфраструктурата, намалување на потрошувачката и поголемо користење на современи енергетски решенија. Но, вистинскиот тест ќе биде во реализацијата. Најголемите предизвици не се во новите објекти, туку во старите згради кои со децении трошат повеќе енергија отколку што е потребно.

„Струмица има потенцијал да стане пример за зелена локална самоуправа, но за тоа е потребно следната фаза да биде насочена кон оние објекти кои најмногу ја трошат енергијата и најмногу загадуваат“, велат од одделението за животна средина при Општина Струмица.

Related posts

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading