16/11/2026
нота.мк
Аналитичка Нота

Обвинение за милионски злоупотреби во РЕК Битола: како јавните набавки станале алатка за измама

Основното јавно обвинителство Битола поднесе обемно обвинение против осум физички и едно правно лице за сериозни злоупотреби и измами поврзани со јавни набавки во РЕК Битола – најголемиот енергетски капацитет во државата. Станува збор за случај што открива системско кршење на законите, фаворизирање на однапред избрана компанија и исплата на милионски суми за работи кои, според истрагата, никогаш не биле извршени.

Според обвинението, клучната улога во злоупотребите ја имале петмина обвинети кои во 2023 година извршувале функции директори и раководители на подружници во РЕК Битола, меѓу кои и тогашниот директор на комбинатот. Тие се товарат за продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.

Наместо да постапуваат законито и совесно, обвинетите, според обвинителството, ги прекршиле основните начела на јавните набавки – економичност, ефикасност, конкурентност и сразмерност. Клучниот проблем бил тендерот за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во рудниците на РЕК Битола, со кој требало да се воспостави нов транспортен систем за рудата.

Истрагата покажала дека обвинетите биле свесни оти ваквиот транспортен систем е технолошки несоодветен и спротивен на основниот проект за експлоатација. Рудникот „Живојно“, поради неправилната форма на површинскиот коп и релативно краткиот век на експлоатација од околу 14 години, не предвидува користење континуирана технологија со роторни багери и транспортни ленти – токму онаа што требало да се дислоцира од „Осломеј“.

И покрај тоа, обвинетите го навеле Управниот одбор да го измени Годишниот план, отворајќи пат за реализација на набавката. Условите на тендерот биле, според обвинението, намерно „предимензионирани“ така што да одговараат само на една компанија.

Тендер без конкуренција, вреден 1,7 милиони евра

Со ваквите услови, обвинетата компанија се јавила како единствен понудувач и го добила тендерот вреден 90 милиони денари без ДДВ, односно над 106 милиони денари со ДДВ – сума која изнесува околу 1,7 милиони евра.

Сопственикот на фирмата, двајца вработени и самото правно лице се обвинети за злоупотреба на постапка за јавен повик, бидејќи, како што наведува обвинителството, свесно доставиле невистинита документација. Во неа тврделе дека работите на монтажа на погонските станици се завршени, иако опремата, според утврденото, била само донесена и расфрлана во кругот на РЕК Битола.

Незавршените работи биле наплатени врз основа на таа невистинита документација, со што компанијата се стекнала со значителна противправна имотна корист. Ова, според обвинението, било овозможено од уште тројца директори и раководители во РЕК Битола, кои во текот на 2024 година потпишувале записници и извештаи за наводно извршени работи, иако знаеле дека тие не одговараат на фактичката состојба.

Со ваквите дејствија, обвинетите го довеле РЕК Битола да изврши незаконита исплата и сториле продолжено кривично дело – измама во службата.

Јавниот обвинител побара од судот одземање на целокупниот износ исплатен по спорниот тендер. Во рамки на истрагата, со помош на меѓународна правна соработка, биле лоцирани и обезбедени околу 1,2 милиони евра, над 500.000 евра на сметки во домашни банки, како и златни монети и златна плочка во банкарски сеф во Белград, сопственост на првообвинетиот.

Дополнително, замрзнати се и 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година преку фирма во Србија, кои исто така можат да бидат предмет на конфискација.

Истрагата открила дека првообвинетиот поседува две компании во Србија, од кои една е основана кон крајот на 2024 година, како и дека постои јасна тенденција за префрлање на финансиски средства кон тие компании. Поради блиските врски со странство и можноста за располагање со средства надвор од државата, обвинителството оцени дека постои сериозен ризик од бегство.

Поради тоа, до судијата на претходна постапка е доставен предлог за продолжување на мерката притвор, со цел обезбедување на обвинетиот за време на судската постапка.

Овој предмет повторно ги отвора прашањата за контролата на јавните набавки, одговорноста на раководните структури во државните компании и штетата што ваквите злоупотреби ја нанесуваат не само на буџетот, туку и на енергетската стабилност на државата. Судската разрешница ќе покаже дали институциите ќе успеат да испратат јасна порака дека ваквите практики нема да останат неказнети.

Nota.mk неодамна го објави истражувачко-документарниот филм „Јаглен на раскрсница“ од новинарите Александар Методијев и Сузана Мицева. Истражувањето открива бројни нерегуларности во работата на РЕК, за што сведочи и денешното обвинение.

Во текот на истражувањето дознавме дека во минатото во РЕК Битола се правеле измами со количините на јаглен со внесување, изнесување и повторно внесување на исти камиони со јаглен, а злоупотреби се правеле и во лабораториите со лажно прикажување на поголема калориска вредност на јагленот. Разликата била во неколку милиони евра. Дополнително дознавме дека од комбинатот се ваделе пари и така што услуги не биле извршени, а се праќале фактури. Имало и случаи на непочитување на договорените количини за испорака. Така договорот со фирмата „Марковски компани“ бил раскинат лани во ноември, откако фирмата неколку пати била предупредена дека продолжува да не ги испорачува договорените количини јаглен. Таа и го поткопала јагленокопот, доведувајќи ја околината во опасност. „РЕК ‘Битола’ мораше да направи дополнителна набавка на јаглен од увоз и дополнително со неиспораката на договорените количини на јаловина го поткопа јагленокопот – состојба којашто моментално тешко ја надминуваме за да дојдеме до потребниот јаглен за поризводство на електрична енергија. На раскинувањето му претходеа повеќе укажувања и опомени од страна на договорниот орган – од страна на РЕК ‘Битола’, но и покрај тоа тој продолжи со несериозниот однос и ние пристапивме кон раскинување на договорот и активирање на банкарската гаранција“, објаснува директорот Тони Петрушевски и додава: „Кога велиме дека е нарушена геомеханичката стабилност велиме дека геомеханичката стабилност влијае врз процесот понатаму за производство на јаглен од тој рудник. Значи, ги доведуваме во опасност и вработените и нели опремата, којашто се користи при ископ на јаглен и јаловина“. „Марковски компани“ имала бројни договори со РЕК „Битола“ – за копање во рудниците Брод Гнеотино и Суводол, за помошна механизација и за ремонт во комбинатот. Името на фирмата се јавува во 49 договори за јавни набавки во РЕК „Битола“ за две години – од 2022-2024 година. 11 од нив се потоа раскинати. Марковски компани добивале тендери речиси до почнувањето на истрагата. Последниот тендер од околу еден милион евра фирмата го добила во октомври 2024 година. Во текот на ова истражување Обвинителството отвори случај против фирмата „Марковски компани“ за кривични дела поврзани со јавна набавка за демонтирање, пренос и монтажа на опрема од термоелектраната „Осломеј“ во рударско-енергетскиот комбинат „Битола“ – нешто што воопшто не било потребно, при што биле злоупотребени повеќе од 1,7 милиони евра. Работејќи на темата дознавме дека услугата не била ни извршена, а средствата биле исплатени. Договорот бил со траење од 24 месеци, но на  12 месеци биле исплатени сите средства, вклучувајќи ја и банкарската гаранција, со што завршиле обврските. Договорот всушност сѐ уште требаше да биде активен во декември минатата година, кога го објавивме истражувањето. Во српскиот Регистар на трговски друштва ја најдовме фирмата на Марковски основана во 2009 година. Се работи за „Хаза изградња“, која на сајтот нуди од одржување и ремонт до рударски работи и ископ на јаловина. Сепак, во јавните набавки во Србија оваа фирма се појавува единствено за изградба на шумски патишта и главен налогодавач е јавното претпријатие „Србија шуме“.

Целиот филм може да се погледне на следниот линк

Related posts

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading