03/03/2024
нота.мк

„Северна Македонија беше означена како земја на лажните вести откако во 2016 година се откри дека во Велес се водени голем број лажни веб-страници и Фејсбук профили, кои ширеа дезинформации во САД за време на тогашните претседателски избори. Како одговор на овие сајбер закани и согласно заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност, Владата работи на акциски план за справување со дезинформациите на системско ниво. (1) Владата ќе иницира организациите, кои се бават со проверка на фактите да создадат регистар за утврдување и разобличување на дезинформациите и листа од изворите, кои ги шират невистините. (2) Надградба на безбедносните протоколи за дигитална комуникација за сите државни службеници за безбедно користење на Интернет, службена електронска пошта. (3) Владата ќе започне процес на креирање национална стратегија за медиумската писменост, во чии рамки ќе бидат опфатени активностите на институциите, медиумите и граѓанскиот сектор. Медиумската писменост ќе биде многу позастапена во образовните програми на Министерството за образование и наука. (4) Република Северна Македонија ќе поттикне соработка со Европската комисија и ќе побара вклучување во системот за брзо предупредување за ширење на дезинформациите, т.н. Rapid Alert System“, изјави на прес-конференцијата на 24.07.2019 година тогашниот премиер Зоран Заев, презентирајќи го Предлог планот за одлучна акција против ширење дезинформации и напади врз демократијата.

Заев

 

Вака беше најавена владината битка против дезинформациите. Точно четири години потоа прашавме – што е реализирано од ветеното? Одговор од Владата во јули 2023: „(1) Од страна на Владата не е формиран регистар. (2) Постојат одредени позиции кај државните службеници, кои излегуваат надвор од пропишаното работно време, како што се, на пример, лицата за односи со јавноста и државните службеници ја искористат приватната мејл адреса за да дадат одговор. (3) Веројатно станува збор за недоразбирање или дезинформација, бидејќи национална стратегија како таква не е иницирана како процес, од проста причина што БРО преку МОН работи на пилотирање на проектот за инкорпорирање на медиумската писменост во формалното образование. (4) Уште во 2020 година Владата побара да биде вклучена во Rapid alert системот на ЕУ, заедно со останатите земји од Западен Балкан, но во тој период истиот беше на располагање само за ЕУ-членките. Во моментов повторно има активен обид за вклучување во овој систем“.

 Во Здружението на новинари на Македонија се изразува сомнеж за намерите на Владата, бидејќи тие изостануваат од нејзиниот план.

Секуловски

„Колку што знам ниту една граѓанска организација не е дел, ниту пак новинарско здружение или синдикат, и тоа е проблем само по себе, бидејќи овој таканаречен план беше критикуван од страна на локалната медиумска заедница, поради неколку аргументи. Прво, ако ја видиме структурата на тој план, практично повеќе личи на ПР презентација отколку на план којшто има цел, има активност, има одговорно лице или институција, којашто ќе ја спроведе, има дата кога ќе се случи, таму каде што се мерливи категории, и има да речеме графа колку од тој план или таа активност е исполнета или не е исполнета. Терминот лажни вести како Здружение на новинари го избегнуваме да го користиме, од причини што Европската федерација на новинари констатира дека не може нешто да биде лажна вест, кога самото по себе не е вест. Од друга страна, свесни сме дека во изминатите години терминот лажни вести беше и злоупотребуван од страна на некои политичари, како што е поранешниот претседател Трамп, со цел да се дискредитираат новинари и медиуми коишто се критични кон него“ вели Драган Секуловски, извршен директор во Здружението на новинарите на Македонија.

Од Владата, пак, без да прецизираат тврдат дека веќе воспоставиле дијалог со „група односно иницијатива на повеќето релевантни претставници на медиумските и граѓански организации“ со кои се работело на мерките за справување со дезинформациите.


Секој закон против лажни вести на крајот би ја ограничил слободата на медиумите и на говорот, или барем би се заканувал да ја ограничи. Гледаме во други земји каде со наводна борба против дезинформации и лажни вести се преземани мерки против слободниот печат. И тоа со сигурност не го сакаме.

— Паул Ешенхаген, референт за дигитална комуникација и заменик портпарол на Германскиот сојуз на новинари – ДЈВ

Вакви се стравувањата во најголемото германско новинарско здружение: во борбата со дезинформациите да не настрада слободата на говор. И во македонското се свесни за злоупотребата од страна на политичарите.

Отсекогаш имавме дезинформации. Откако има информации има и дезинформации. Има луѓе кои нешто ветуваат за себе. Дезинформацијата отсекогаш беше резултат на идеолошка операција, а идеологија има откако има луѓе. Има секако и така да се каже чиста доминација, пропаганда, која не е зависна од аргументација и рационалност. Лажните вести, кои никого не повредуваат, може да се прифатат како информација што е слушната и е погрешна. Тоа веројатно не е драматично. Но, лажните вести се тогаш проблематични, кога притоа луѓе се оштетени или луѓе страдаат. Тогаш лажните вести се многу проблематични. Во таквите случаи тие се и кривичноправно релевантни“, вели професорот д-р Андреас Зудман научен работник во одделот за медиумски студии на Бонскиот универзитет.

Судман

Професионалните здруженија со години бараат начини како да се смести регулирањето на дезинформациите во рамките на постоечките кодекси и нормативи.

Есенхаген

Против лажни вести како такви не постојат закони, но постои забрана за невистинити фактички тврдења. Против тоа може да се дејствува. Се подразбира дека има забрана за навреда, за омаловажување со префрлање кривично дело или за клевета ит.н. Против тоа може да се дејствува. Постои и Медиумскиот кодекс и правилата на Германскиот совет за печат, кои на пример овозможуваат исправка во медиумите и така натаму“, вели Паул Ешенхаген од ДЈВ.

Кратењето на буџетите за професионалци во медиумите остава голема можност за ширење на дезинформации. Тоа барем е случај со македонските медиуми. Долгогодишни новинари ја напуштаат професијата, а редакциите ги губат луѓето во кои се вложени децении искуство, знаење, едукации.

„Имаше специјализирани одделенија и специјализирани групи внатре во самите медиуми, коишто строго известуваа на одредени теми, поврзани со култура, здравство, економија, финансии, надворешна политика. Од денешна гледна перспектива, ретко кој медиум има ваков тип на поделеност внатре на новинарскиот тим. Се работи во услови каде што новинарите стануваат дефицитарен кадар и најчесто имаме ситуација медиум да погреши кога новинар, којшто не е обучен да известува по одредени прашања, приморан од страна на уредникот, менаџментот или под притисок на времето, ќе земе да работи на тема којашто не е во негов домен и притоа настануваат грешки. Како институт демант, или извинување, тоа е предвидено и во нашата регулатива и не е грев и најпрофесионалниот медиум да погреши и притоа да се извини на публиката. Напротив, така покажува доблест, интегритет дека се случува оние што работат, и оние најдобрите, да погрешат понекогаш. И кога тука нема намера, нема интенција таа грешка да се повторува, верувам дека тоа публиката го препознава и простува и на тој начин дополнително медиумите си го градат кредибилитетот“, вели извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски.

Најчесто е трката за кликови, коишто носат пари, а втората работа е поради тоа што реално се човек-портали, или човек-медиум. Еден човек ги одржува тие и нема доволно, ниту пак сакаат да имаат доволно вработени професионални новинари, коишто ќе ги проверат информациите. И, секако секогаш е трката со времето за да бидеш прв, па после и ако стигне демант, тој ќе се наслови како реакција или како втор став ит.н. и нема ни да биде класичен демант“, оценува новинарката Душица Мрѓа.

Мрѓа

Дезинформациите во македонските портали доаѓаат и со пласирање текстови од постови на социјалните мрежи, без да се провери веродостојноста на напишаното. Текстови од портали, кои пишуваат сатира, се пренесуваат како вистинити или назнаката дека се работи за шега е најдолу во текстот и не е на прв поглед видлива, поради големината на буквите, што доведува до забуни. Често дезинформациите доаѓаат од преведени текстови од странски медиуми, без да се проверат извори. Кој уште шири дезинформации? Во кои кујни се готват лагите што честопати се сервираат и во медиуми со долга традиција и професионални редакции?

Dusica Mrga

„Во Македонија се чини дека сите произведуваат лажни вести. Стартот е секако на социјалните мрежи. Социјалните мрежи во последно време станаа страшен производител на fake news, меѓутоа тука се и оние што јас ги викам човек-портали, а секако меѓу најголемите производители на лажни вести се политичарите и политичките партии. Ако сакате од најбенигната работа да тргнеме: проверете ги предизборните ветувања и колку од нив се остварени? Меѓутоа, во последно време станува многу честа појавата на оние секојдневни обвинувања за криминал од одредени високи функционери во една или во друга партија, на пример, никогаш,ли ретко некогаш не завршуваат со судска одлука, пресуда или, пак, инситуциите ги процесурираат“ – Душица Мрѓа

„Би рекол, ако треба да направиме некаква градација каде најчесто тие се појавуваат, јас би посочил прст кон повеќето политички партии. А, ако некој ме праша: зошто, би одговорил: доволно е само да се земат ветувањата во изборните програми, без разлика дали станува збор за локални избори или парламентарни избори и ако се провери што навистина е направено после година, две, три или четири и ќе воочиме дека голем дел од оние работи коишто биле разговарани и ветувани биле впрочем или лажни или, пак, биле преценети и констатирале дека немаат капацитет истите да ги реализираат“ – Драган Секуловски

Секуловски

Гледаме од пред неколку години раст на лажни вести и пропагандата од Русија. Сега, пред сѐ од почетокот на агресорската војна против Украина, дополнително засилено, но и претходно ги имавме видено фабриките на тролови од Санкт Петербург, од Москва како работат. „Раша тудеј“ беше во Европа, поточно во ЕУ, забранета, но и натаму има други организации од Русија, кои се присутни со пропаганда и дезинформации. Но, има и други актери кои мешаат прсти. Да, шират пропаганда и лажни вести во Германија, во Европа и на целиот свет. Видовме како беше нападнато во американската изборна кампања, видовме дека беше пробано да се влијае на англиската изборна кампања, изборната кампања во Франција, изборната кампања во Германија, вели Паул Ешенхаген од ДЈВ.

Дезинформациите на социјалните мрежи организирано се шират од тролови и ботови. Троловите се луѓе кои сакаат да провоцираат со изразување исклучиво негативна критика. Целта е преку вознемирување со објавување на лажни или подбуцкувачки коментари, текстови, фотографии и видеа да се попречуваат читателите. Додека троловите се луѓе, ботовите се автоматизирани профили на социјалните мрежи, управувани од алгоритам и тие се создадени за да прават постови без човечка интервенција.

Како еден од татковците на троловите се спомнува Евгениј Пригошин. Тој учествувал во измислувањето на т.н. координирано тролање, кога пуштил тролови да ги напаѓаат на Интернет родителите кои ја критукувале храната во училиштата направена од неговата фирма. И така ги замолчил. Потоа таргет му станале западноевропски политичари. Како што информирашебританската влада на почетокот на мај минатата гидина, фабрика на тролови била лицирана во стара фабрика за оружје во Санкт Петербург. Планот бил со коментари оркестрирано да се напаѓаат профилите на социјалните мрежи на британскиот премиер, германскиот канцелар, шефот нанадворешната политика на ЕУ, како и на западноевропски медиуми. Инфлуенсери на ТикТок биле платени за да го засилат афирмативниот вокабулар во однос на политиките на Кремљ. На тој начин се направил обид да се манипулира јавното мислење, знаејќи дека медиумите на Интернет доминираат во однос на телевизијата.

Линеарната телевизија е да речеме диносаурус, којшто полека, полека изумира. Младата генерација веќе не седи пред телевизор. Тоа сите го знаат. Најголемиот дел од нашите корисници, тоа се 1,4 милијарди месечно, доаѓаат преку социјалните платформи, преку социјалните медиуми“, вели Горан Чутаноски, новинар и фото-уредник во Дојче Веле.

Чутановски
Милошевска

Како се информира мојата генерација за актуелните случувања? Верувам дека тоа се случува главно преку социјаните медиуми. Едноставно, преку секојдневното користење. А, многу и преку поткаст. Сѐ повеќе луѓе слушаат поткаст, затоа што независно од времето може да се добијат информации. Сеедно дали се работи за актуелни случувања, бекграунд информации, фичрс, документарци – сето тоа е независно од времето и местото. Припаѓам на малкумината кои слушаат радио, едноставно затоа што самата правам радио и многу патувам со автомобил и верувам дека сум една од малкумината кои скоро секојдневно онлајн го отвораат градскиот весник, за да видам што локално се случува“, објаснува Тијана Милошевска, студентка на мастер студии, новинарка и радио водителка.

Според ЕУРОСТАТ, младите луѓе во просек за 10 % повеќе од возрасната популација прават проверка на факти за содржините што ги наоѓаат на Интернет. Во Македонија, според статистиката на ЕУРОСТАТ од 2021 година, повеќе од 30 проценти од младите меѓу 16 и 29 години ги проверуваат информациите што ги наоѓаат на Интернет, што е отприлика на просекот во ЕУ. Во останатите кандидатки за членство тие проценти се значително пониски.

Младите на дигиталните платформи често се сочуваат и со дезинформации.

Да, со сигурност сум имала лично искуство со лажни вести, макар и несвесно. Посебно темата војна во Украина и корона го подели мислењето. Делумно имаше дискусии под постови на Инстаграм кои се распалија, под сериозни извори, под сериозни студии и тогаш човек почнува да го доведува во прашање сопственото мислење. Мислам дека генерално социјалните медиуми се поподложни за лажни вести. Таму делумно се споделуваат само фрагменти од информации. На пример, фрагменти од некоја студија. Малкумина ги читаат оригиналните извори, а камоли текстот под постот. Истото важи и за Јутјуб, каде се бираат насловни слики за да се генерира вниманието на гледачите и гледачките. Малкумина потоа го гледаат целото видео, односно се прашуваат од каде би можела да дојде таква една изјава. “, вели младата новинарка Тијана Молешевска.

Мислам дека ќе станува навистина сѐ потешко да се разликуваат лажни вести, и дезинформации и пропаганда од сериозно новинарство. Што ни треба е соодветна количина на компетентност за вести и медиуми. Тоа ни е потребно како училишен предмет, тоа ни е потребно навистина како образование за луѓето и со тоа да научат што е сериозно новинарство, на што можат да се потпрат и што имено се дезинформации и лажни вести“, вели Паул Ешенхаген.

Дезинформациите најчесто и најлесно се поврзуваат со настани од висок јавен интерес, како пандемијата со Ковид-19 или војната во Украина. Во тој контекст масовно се пренесе и веста дека имало обид за атентат врз министерот Османи во Молдавија, вест пласирана од медиум во молдавскиот проруски сепаратистички регион Транснистирја и од портпаролката на руското МНР, Марија Захарова. Потоа медиумите собираа информации и дознаа дека оваа вест е лага.

Владата со Планот за акција против дезинформациите,објавен пред четири години, предвидуваше јавна кампања во која ќе се објаснува штетното влијание од дезинформациите, но таа никогаш не се спроведе. Акцискиот план предвидуваше и утврдување стандарди за интернет порталите, но и тие се засега само намера. На 05. Јули 2021 тогашната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, објави дека се носи Стратегија за справување со хибридни закани и дека е отворена расправа за нејзината содржина. Околу година и половина потоа:

„Во декември 2022, Владата формираше и Оперативен тим за справување со хибридни закани“, стои во одговорот од Владата.

Последно во февруари годинава се донеле мерки за подобрување на безбедноста на информациските системи на институциите, а од нив се побарало и определување на одговорно лице за информациска безбедност за навремено пријавување инциденти и размена на информации за закани и безбедносни ризици.

Владата вели дека соработува со сите организации што се занимваат со факт-чекинг, но ја спомнаа само Метаморфозис како организација која за време на пандемијата иницирала проект за проверка на дезинформациите. За таа цел се создала вацап група во која членувале повеќе новинари, кои испраќале прашања поврзани со дезинформации, а претставници од министерствата за брзо време ги давале точните одговори.

Европската унија проблемот со дезинформациите го нотира уште во 2015 и реагира во однос на него. Направен е обемен Акциски план и се инвестира во систем за брзо предупредување за ширење дезинформации, наречен Систем за брзо предупредување. Еден од столбовите на тој план е поддигнувањето на свеста преку таргетирани кампањи во Европа и надвор од неа, нешто што Гугл веќе го почна.Колегите од двете новинарски здруженија се согласни дека борбата со дезинформациите мора да се води преку едукација и професионализација. Повик за внимателност што се „конзумира“ на Интернет доаѓа и од Баварската централа за интернет криминал.

Секогаш се препорачува претпазливост кога човек се информира на Интернет, без разлика на кои теми и на кои веб-страници. Генерално темата лажни вести е многу значајна. Човек треба да види кој е изворот, од каде доаѓа тоа, се работи ли за нешто сериозно или не“, вели вишиот јавен обвинител д-р Нино Голдбек.

Голдбек

„Во основа би апелирал на здравиот разум, да се застане и да се размисли: може ли ова што го читам да е точно? Го имам ли тоа прочитано, на пример, и во други медиуми? Наоѓам ли дополнителни информации во сериозен информативен медиум, во магазин, во весник, во онланј извор кому му верувам? Или тоа стои сега, на пример, само тука на Твитер, на Фејсбук или на оваа вебстраницасо веројатно малку чуден изглед и не наоѓам никаде ништодополнително“, советува Паул Ешенхаген од ДЈВ.

„Спрема тоа, мораме да излеземе некако од оваа криза на веродостојноста, која моментално постои. Бидејќи новинарите имаат дарба побргу да сортитаат, да филтрираат лажни вести или погрешни информации од просечните конзументи на медиуми, би било како мисија тоа знаење да се сподели со читателите и читателките, слушателите и слушателките и гледачите и гледачките, на пример“, вели новинарката и радиоводителка Тијана Милошевска.

Германскиот статистички портал Статиста, во 2019 година измерил годишни трошоци на светско ниво во висина од78 милијарди долари предизвикани од лажните вести. Тука се вклучени загубите на берзите, трошоците од финасиските лажни информации, потрошените пари за безбедноста на брендовите, трошоците за подобрување на репутацијата, штетите од лажните информации во здравството, издатоците за подобрување на безбедноста на онлајн платформите, како и трошоците во политиката.

Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева

IKS
ne veruvaj proveruvaj

Овој производ е изработен во рамките на проектот ,,Користи факти”, кој го спроведува Институтот за комуникациски студии, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

Related posts

Негување медиумска писменост кај децата – зајакнување на нивната отпорност на дезинформации

Димитар Мицев

Вештачката интелигенција – нова алатка за креирање дезинформации

Сузана Мицева

Со дезинформации во маркетиншки цели до милионски заработки

Сузана Мицева

Остави коментар

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading