04/03/2024
нота.мк

Филмуваните видеозаписи за русалиите – жива слика и драгоцен архивски извор.

Ритуалните игри, како активност, го поврзуваат човекот со времето на длабоката древност, време кога играта се прифаќа како начин на комуникација на човекот со природата и со мртвите предци. Во минатото, главни собори за игра биле зимските празнувања, коишто сепрактикувале во периодот на т.н. некрстени денови, кога, човекот излегувал на мегдан со злото. Неговата основна потреба и целта биле да се одбрани од злите сили, коишто ја манифестираат својата надмоќ преку: природните катастрофи, болестите, уништувањето на родот и воопшто, преку загрозувањето на опстанокот на заедницата. Играта на русалиите, нивната доминација за време на некрстените денови, чувството на некаков притаен страв, но и спокојството и надежта што ја внесувале во куќите во кои влегувале, денес се чувааткако записи во пишана форма или како усни кажувања на информаторите: „… ем се бојааме, ем сас душа ги чекааме“, велеше баба Евдокија од с. Секирник.

rusalii

Истражувањето на русалиските игри, како дел од ритуалните обредни игри во македонската обредна традиција, претставува посебен предизвик како за македонските, така и за странските истражувачи. Во македонската фолклористика се познати истражувачките потфати на: Вера Кличкова, Михајло Димовски, Вера Гошева, Киро Козаров, кои ги направиле првите посериозни чекори во научното толкување на овој обреден феномен, како и во неговото документирање на терен. Русалиската традиција во Македонија била жива до втората половина на XX век кога, русалиските дружини, сѐ уште ги крстосувале селата во југоисточниот дел на Македонија. Имено, русалиските игри во нивната изворна (автохтона) форма и обредната практика што произлегува од нив, повеќе не се среќаваат. Тие одамна ја изгубиле својата вистинска форма и содржина, како и целта.

Дигиталното време наметна нови современи начини на архивирање на културното богатство, а со тоа и нови начини на негово собирање и, се разбира, презентирање. Фолклорот во периодот на забрзана дигитализација како да добива поширок простор за презентација, односно, можност да излезе надвор од архивите на институтите, на музеите и да стане леснодостапен. Идејата за пренесување на фолклорното богатство на еден народ и надвор од физичкиисцртаните гранични линии, денес веќе е реалност, која самата за себе станува правило, во смисла, сѐ што постои како архива, да се дигитализира и да се стави на показ на научната и на истражувачката фела, но и на оние што, од најразлични побуди, сакаат да имаат пристап до таквите содржини.Видеозаписот, без разлика дали е во формат на: репортажа, документарен филм или аматерски снимено видео, претставува многу значаен извор на информации за истражувачите. Сосема сме свесни за тоа дека видеозаписите не ја пренесуваат, во целост, оригиналната форма на фолклорниот материјал, но ако се изостави ова, тогаш останува да го подвлечеме значењето на пораката што ја пренесува видеозаписот. Кога станува збор за русалиските игри од минатото, тие денес се чуваат како значаен дел од нашата колективна меморија, а сеќавањата за нив полека бледнеат. Но, е важно да кажеме дека наследниците на некогашните вистински русалии, денес ја негуваат традицијата како дел од културниот живот на местото во кое живеат, а кое некогаш било познато по русалиските дружини. Нивната игра денес, како дел од културно-уметнички перформанс, всушност претставува алузија на некогашната вистинска игра на русалиите, кои ги крстосувале селата со однапредпоставена цел. Најубав пример за тоа како се чува и како се негува традицијата е КУД „Русалии“ од с. Секирник, група формирана во далечната 1972 година. Како наследници на вистинските русалии, игроорците, на најавтентичен начин, ја пренесуваат традицијата на своите претходници и со голема уверливост го прават тоа.Првиот публикуван пишан запис за русалиите во медиумите е објавениот текст во белградскиот дневен весник „Политика“ на 18 јануари 1928 година. Станува збор за русалиите од селото Мрзенци, коишто тргнуваат во поход за да соберат пари за обнова на црквата „Св. Константин и Елена“,која била разрушена за време на Првата балканска војна во 1912 година. На страницата 7 е објавена статија под наслов „Русалиите во Белград“, во која авторот, потпишан само со иницијалите В. Т., ќе го изрази воодушевувањето од играта на македонските русалии на „Малиот Калемегдан“. За овој древен и живописен народен обичај од Македонија, авторот ќе напише:

rusalii

Утринските шетачи на Калемегдан вчера застанаа збунети. Од пустиот Мал Калемегдан се слушаа силни удари во тапан и писок на зурли. Час гласно, час жално, се слушаше свирка на „нашите јужносрбијански“ (македонски) сточари и земјоделци. Музика која може да се слушне само дванаесет дена во годината, од Божиќ до Богојавување, кога водата се свети и кога „Русалиите“ се враќаат од својот Богоугоден пат. Од собраните пари се градат и се поправаат цркви и манастири, и се помагаат сиромашните.

Длабока чувствителност, доминација на тага и достоинство се неисцрпни. И насекаде богатство, скриено благо на народната уметност онаква каква народот во својата суровост сам ја создал. Како вреден запис би го спомнале и записот за гостувањето на русалиите од с. Петрово во Велика Британија. Имено, Филип Петковски, цитирајќи ги Дунин и Вишински, посочува дека русалиите од Петрово биле поканети да настапат на Пријателскиот фолклорен фестивал во Лондон, во јануари 1939 година.

Самата појава на телевизијата отвора можност за екранизација на етнолошки и етнографски единици и нивно претставување пред поголема и побројна публика. Она што недвосмислено недостасува во режираните видеозаписи секако е спонтаноста во играта, нејзиниот природен тек, изворната фасцијална експресија на учесниците, коишто, трансформирајќи се во русалии, влегуваат во една друга димензија на постоењето.Аудиовизуелниот медиум го визуализира пишаниот или уснокажаниот текст и со тоа станува документ достапен за широка употреба. Имено, уснокажаната информација, пренесена во форма на пишан запис, ја чува својатаосновна форма, но кога истата таа информација ќе добие и свој аудиовизуелен формат, тогаш самата, можеби, губи сегменти од својата изворност, но добива на широчина, во смисла, добива поширок простор за рецепција. Зачуваните филмувани видеозаписи за русалиските игри во Македонија, денес постојат како највредни документи за една традиција, која исчезнала со текот на времето. Самите записи претставуваат едно дело режирано од режисерот на документарниот филм, но од друга страна, пак, гледачите добиваат чиста информација, која речиси во целост е усогласена со изворниот текст. Автентичните народни носии, реквизитите неопходни за играта на русалиите, оригиналниот звук на: зурлите, гајдите и тапаните, етнокореолошките особености на ората, динамиката на обредните етапи, социјалниот и културолошки момент, сето тоа е забележливо и достапно во филмуваните видеозаписи за македонските русалии. Кога станува збор за етнокореологијата и за нејзиното значајно место во архивирањето на македонската орска традиција, неприкосновен е, секако, Михајло Димоски, истражувач на македонските ора, а меѓу нив и на русалиските ора. Од богатата оставина на Димоски, 24 видеозаписи остануваат со трајна вредност, а денес тие, во дигитална форма, ѝ се достапни на истражувачката јавност.

Првиот краток видеозапис за русалиите е записот во документарниот филм „Пред октомвриските фестивали“, снимен 1948 година, во продукција на „Вардар филм – Скопје“, според сценарио и режија на Благоја Дрнков, кој е и снимател. На годишнината од 11 Октомври 1941 година во Битола и во Штип се одржале првите фестивали на народни песни и ора. Во овој филм, во помалку од 30 секунди, е дадена играта на русалиите од Гевгелиско, со пригоден настап, пред публиката. Во 1955 година во продукција на „Вардар филм – Скопје“, снимен е филмот „Ритам и звук“ според сценарио и режија на Трајче Попов, снимател е Љубе Петковски, а композитор е Живко Фирфов. Во овој филм Ансамблот „Танец“, под раководство на Емануел Чучков, во еден автентичен амбиент изведува повеќе македонски ора, а дел од филмот е и играта на русалиите со дрвените сабји, коишто севкрстуваат во воздух. Првиот подолг документарен филм „Русалиски обичаи во Гевгелиско“ е филм во продукција на Етнолошкиот музеј од 1957 година (22 мин., црно-бел, HD-видео), според сценарио на Вера Кличкова, а во режија на Благоја Дрнков. Вера Кличкова е првиот етнолог во Македонија што пишувала сценарија за филм.

Треба да се спомене и документарниот филм „Песни и танци крај Места“, во режија на Лада Бојаџиева, снимател Кирил Тошев, снимен во 1958 година. Во филмот, покрај другите танци, даден е танцот на русалиите од Петрич, во изведба на Ансамблот за народни песни и танци „Јане Сандански“ од градот Неврокоп (денешен град Гоце Делчев), кој е основан во 1946 година. Документарниот филм како медиум на поврзување на минатото и сегашноста, на стварноста некогаш и стварноста денес, претставува точка од која тргнува визуелизацијата на самата обредна игра на русалиите. На програмата на Телевизија „Скопје“, во Редакцијата на народна музика, под уредништво на Петре М. Андреевски, во 1976 година е снимен документарниот видеозапис со наслов „Русалиите од Петрово“.Во филмот е претставен и моментот на влегувањето на русалиите во црквата и благословот што го добиваат од локалниот свештеник. Со сета своја храброст и возвишеност, русалиите ги играат русалиските ора, а она што посебно остава впечаток се лицата и експресивните реакции на локалните жители што ги набљудуваат.

Многубројните фестивали и културно-забавните манифестации што се одржувале во Македонија, биле сосема соодветни места за претставување на русалиските групи пред поширок аудиториум. На тие манифестации публиката можела одблиску да го доживее звукот на тапанот и зурлата, да ја види совршената игра на русалиите и да се соживее со нив. Освен домашните, за народните игри се интересирале и странските истражувачи. Американскиот фолклорист Роберт Хенри Либман, во периодот од 1967 до 1973 година, снимил вредни материјали од фолклорните фестивали што се одржувале во: Македонија, Србија и Хрватска, но и материјали од свадби и од селски собири во различни краеви на Македонија. Во неговата архива се зачувани материјали од фестивалите: „Смотра фолклора“ во Загреб, „Београд Сабор“, „Балкански фестивал“ во Охрид, „Илинденски денови“ во Битола, „Сабор стваралачког фолклора“ во Лесковац и многу други. Во 1972 година Либман го посетил фестивалот „Смотра фолклора“ во Загреб, Хрватска, на кој, според Стојанче Костов, „во фокусот му биле македонските фолклорни групи, а особено аматерските игроорни групи, кои доаѓаат од руралните средини“. На овој фестивал играорната група од Петрово се претставила со русалиски ора, кои ги изведуваат мажи, карактеристични за етничкиот предел Бојмија, а особено за селата: Петрово, Миравци и Богданци. Според записите на Либман, се работи за Поврнечка русалија и Капидан аваси.

Документираните записи што ги имаме денес, се највредниот показател за тоа како нашите предци ја негувале древната традиција и со колкава љубов ја пренесувале на поколенијата по нив. Видеозаписите за русалиските обредни игри во Македонија, денес претставуваат најбогатиот извор на драгоцени податоци за една традиција што одамна не постои во својата изворна форма.

Самите записи претставуваат жива слика за обред, кој, кога се гледа на филмска лента, е навистина свечен, а човек само може да замисли какви чувства се раѓале кај луѓето кога го гледале сето тоа пред себе. Поставеноста на учесниците, движењата на телото, гестикулациите и емоциите стануваат видливи и за онаа публика, која никогаш не ги засведочила ваквите обредни поворки. Благодарение на филмот како медиум и на дигиталните медиуми денес, традицијата се архивира за трајно да остане на показ на идните генерации. Прашањето коешто останува да лебди е: што правиме за да ги сочуваме од заборав?!

Целиот труд е достапен овде.

Related posts

Во Секирник се негува музеј – реликвија на македонската традиција и култура

Сузана Мицева

Некрстените денови од 6-19 јануари-време на обредните русалиски игри

Остави коментар

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading