03/03/2024
нота.мк
Културна нота

Некрстените денови од 6-19 јануари-време на обредните русалиски игри

Нашите предци имале слични светогледи кога станувало збор за заедничкиот добробит, за колективното добро. Тогаш се обединувале во идејата дека ништо не е позначајно од тоа да се заштитиш себе, семејството, заедницата и егзистенцијата на истата. Токму затоа, системот на верувања, обредната практика, негувањето на култовите и симболите имаат толку многу сличности во традицијата на балканските народи. Потребата за заштита од злите сили е примарна и врвна цел и ништо не е позначајно од тоа. Злото во потсвеста на луѓето е страшна и постојано обновлива сила, застрашувачка фурија која, како што се приближува до малиот човек, така станува сè посилна, разорна и нескротлива. Многу природно човекот сакал да се одбрани од таквата сила, да ја обезличи или да проба да го услиши нејзиниот заканувачки поглед.

rusalii

Нејзиното уништување е невозможно, човекот со соочил со таквото сознание уште со своите примарни обиди, но никогаш не престанал да му се спротивставува на злото и да се обидува да го неутрализира. Еден од начините да се стори тоа е играта како синкретична активност, а ползувана во функција на русалискиот обреден комплекс. Ритуални игри се древна појава чии зачетоци се длабоко во синкретичноста и тие претставуваат нераскинливо единство на човекот со неговиот прапредок. Обидот за реконструкција на ритуалните игри ја носи науката до примарните синкретични претстави во кои човекот прави обид за одбрана од налетите на злите сили. Кога зборуваме за обредниот танц треба да нагласиме дека тој скоро секогаш е поврзан со потребата да се влијае врз природата, да се истера злото и да се обезбеди добробит на заедницата.

Русалискиот обреден комплекс, кој до триесеттите години на XX век бил нерасинливо врзан со македонската народна традиција,најдиректно е засведочен во записот на Кузман Шапкарев (1834 – 1909)во 1884 година. Во записот на Шапкарев,во времето на т.н. погани дни(од прв ден Божиќ до Водици-Богојавление), по селата меѓу Ениџе-Вардар и Кукуш, северозападно од Солун, одат дружини наречени русалии, за да собираат пари и подароци за градење нова црква.Позната е општествената функција на русалиите, имено познато е дека нивната игра се изведува заради „вакуф“, или за општо добро.

Во минатото главни собори за игра биле зимските празнувања во периодот на т.н. „некрстени денови“ и тогаш Русалиите ги практикувале игрите. Русалиската дружина ја сочинуваат 20-60 мажи од 20-40 годишна возраст кои формираат 10-20 парови, секој пар претставува едно неразделно цело, а сите заедно формираат еден танц или едно оро. Дружината била толку сплотена и компактна, што никој не смеел да ја напушти групата (дури ни во случај на смрт во семејството), а ако еден заостане во маршот другиот го следи, или пак ако се најде во ситуација да не може да се брани, другиот со сабјата витла над неговата глава, штитејќи го од злите сили.

rusalii

Секоја дружина води со себе двајца свирачи на тапан и двајца свирачи на зурла. На чело на дружината стојат двајца кои ја предводат, едниот се нарекува балтаџија или прот, а другиот кесаџија, помогнати од јузбашијата (првиот од втората двојка кој го започнува орото), двајца чауши кои одат од страните, 2-4 слуги и двајца калаузи, предвесници, извидници или конарчии.

rusalii

Балтаџијата е највисокиот авторитет во русалиската дружина, кој поседувајќи ја секирата како обреден реквизит, има моќ да ја заштитува дружината од невидливите сили. Во некои верувања, на балтаџијата му се припишуваат и магиски моќи, се сметало дека ги познава тревките и нивната лековита моќ и со нив може да лекува и да растура магии. Заштитната функција е фундаментална во играта на русалиите, балтаџијата како предводник ја штити дружината, но сите заедно подредени на принципот на парови, ја штитат заедницата од болести и зло.

Патешествието на русалиите во треање од дванаесет дена, подразбира и почитување на одредени правила кои Шапкарев ги опишува на следниов начин:

1. Се почитува законот на безусловно молчење, русалиите не зборуваат меѓусебе, освен балтаџијата, кесаџијата и двајцата чауши, зборуваат само кога е нужно, кратко и тивко.

2. Не се крстат кога јадат, легнуваат или тргнуваат; не благословуваат; кога пијат вино, кога играат и воопшто при другите активности не наздравуваат.

3. Кога среќаваат луѓе или кога влегуваат во некоја куќа не ги поздравуваат.

4. Кога играат, одат или скокаат еден позади друг, треба секој да стапне на истото место каде стапнал претходникот од парот.

5. Не дозволуваат никој да застане помеѓу нив, без разлика дали играат (се држат за раце) или се движат. Русалиското оро може да го раскине само болниот кој влегува во средината на орото за да се излекува, а штом заврши играта, русалиите ги прекрстуваат мечовите на челото на болниот при што се верува дека ќе биде излекуван.

6.  Одејќи од едно место на друго, русалиите никогаш не газат во вода, ја одминуваат или ја прескокнуваат.

7. Ако се случај некој од која било причина да изостане, неговиот другар од парот не го напушта, стои над него мафта со сабјата со што го заштитива од опасности и зли сили. Ако пак над дружината или над некој нејзин член прелета домашна птица, ја убиваат и ја готват за вечера.

8. Кога застануваат да преноќат во некое село, се делат по толку куќи колку што има парови.

9. Балтаџијата и кесаџијата преноќуваат во најголемата и најширна куќа во која ќе се собере селото да ја гледа нивната игра.

10. Ако преноќуваат во село од кое потекнува некој од дружината, не е дозволено средба со блиските или преноќување во куќата на блиските, тоа се дозволува по завршувањето на Поганите дни.

11.Русалиската дружина се пречекува со почести како за најценети гости, се приготвуваат најубавите храна и пиење.

12. Пред пристигнувањето во некое село, калаузите од дружината одат напред за да ги предупредат селаните да го подготват неопходното за русалиите. Ако се случи во тоа село веќе да престојува друга дружина, оваа го одминува селото и заминува во друго.

rusalii

Денот кога русалиите го започнуваат походот започнува со силно чукање на тапанот пред изгрејсонце и секој нареден ден се повторува истото, звукот на тапанот ги буди и мобилизира русалиите кои преноќуваат во различни куќи. Сите заедно се собираат во куќата каде престојува балтаџијата, кој со секирата поминува преку нозете на членовите кои се наредени во круг. Извикувајќи „Ехее!“ тргнуваат, кога одат или играат, членовите на дружината не се држат за рака, бидејќи во десната рака ја носат сабјата која ја подигнуваат или спуштаат во ритамот на музиката, а левата им е слободна и прибрана.

Русалиите имале свој специфичен репертоар на ора што ги играле за време на походот кој траел дванаесет дена. Во минатото главни собори за игра биле зимските празнувања во периодот на некрстените денови. Во тој период од годината во овој предел влегувале во функција машките обредни поворки Русалии. (Јаневски, 2013, 58) Владимир Јаневски посочува дека русалиските ора имаат соборски карактер, се изведувале на големите собори, свадби и други свечености. Но во поновата историја кога се губела традицијата на народните ора, останале во една поинаква колективна свест како русалиски ора.

Единствено двете ора кои се играат на почетокот од процесијата, го даваат обредниот карактер на русалиските игри. Движењето во определен ритам и определена мелодија со која се одело од куќа до куќа се вика Алај, што означува движење, барање, одење и другото оро со кое се изведува магичниот круг околу куќата и стопанските објекти се нарекува Трчаник или Кушија. Најпознатиора кои до Балканските војни, а и подоцна се играле во гевгелиско-валандовскиот регион се: „К`лч – оро“, „Капитан-аваси“, „Мајадаг-аваси“, „Тодоре биро капидап“, „Злата“, „Гајда аваси“, „Карајусуфаваси“,К’рмази фустан“, „Али коч“ и други.

rusalii

Доколку дојдат на крстопат, извор (вода), суво дрво, гробишта или црква, ги обиколуваат три пати со оро, ги прекстуваат сабјите, со врвот ја допираат земјата и извикуваат „Ехее!“. Додека дружината ги изведува овие обреди, двајцата чауши придружувани од слугите одат во блиските куќи, ги прекрстуваат мечовите на челото на луѓето „за здравје“. Исто такво прекрстување прават на вратата на куќата, на огништето и на третото место кое кое заедно со првите две образува триаголник.Интересен е моментот на собирање дарови за црквата, ги собираат со левата рака (во отворена капа, фес), покрај пари домаќините ги дарувале брашно, жито, платно и слично. Русалиите не влегуваат во куќи каде има леунки, ако случајно леунката го сретне, таа бега и се крие од нив. Во куќите каде има болен, русалиите влегуваат поканети за да го „прекрстат за здравје“.

Русалиите се прибираат по куќите пред да зајде сонцето, веруваат дека ноќта не смее да ги дочека надвор од селото. Заминуваат во куќата каде престојува балтаџијата и таму во парови играат пред него. Последниот дванаесетти ден, ноќта спроти Водици, дружината се враќа во селото и заминува во црквата каде свештеникот чита молитва (се верува дека оној кој нема да отиде на молитва, ќе полуди). Влегуваат во црквата од левата врата, наредени во редица со мечовите подигнати со острицата нагоре, ја слушаат молитвата и бакнуваат крст, без да се прекрстат. Свештеникот ги попрскува со света вода по челото и сабјите, тие ги спуштаат и заминуваат низ десната врата.Преку симболиката на крстот игрите се подведуваат во пазувите на христијанството, бидејќи тоа ги прифатило и адаптирало на своите канони. Симболиката на крстот се препознава и во врзувањето на двете марами на градите во форма на крст, како и почитта на русалиската дружина кон свештеникот и црквата, бидејќи од него добиваат благослов и тргнуваат.

risalii

Во едно кажување од Егејска Македонија информаторот вели:„…попут му пее една простена молитва, за да не се веќе вонкашничува т.е. самовили,“ што соодветствува со перцепцијата дека русалиите за време на походот се третираат како суштества кои не припаѓаат на овостраното. На излегување од црквата се простуваат едни со други и како новокрстени христијани заминуваат во своите домови. Селаните кои ќе ги сретнат и блиските во домот ги поздравуваат и им честитаат како да се враќаат од војна.

Алиштата кои ги носеле, жените ги перат надвор од куќата, на река или на извор, а наредниот ден на Водици Самата организација на „дванаесетдневниот поход“ подразбира сериозни и темелни подготовки, а учесниците во русалиската дружина морале да бидат луѓе со солидни психофизички способности, добро подготвени во духот на војничката дисциплина. Деталниот опис на русалиите од струмичкиот регион, што во науката го изложува Киро Козаров,расветлува многу важни моменти за нивната улога и значење во духовното созревање на нашиот народ.

Вековната традиција која Македонците од Кукуш, Егејска Македонија ја негувале, по нивното раселување ќе ја донесат со себе, пренесувајќи им ја на староседелците кои ја прифатиле и заедно со нив ја одржувале жива. Традицијата на русалиството во Македонија се поврзува со струмичкиот регион од времето на големиот егзодус 1913 година, кога бегалците од Кукуш со себе понеле и дел од културното и духовно богатство. Балканските војни го предизвикале големиот егзодус на македонското население, а на 29 јуни 1913, според стариот стил, дефинитивно бил уништен животот во убавиот град Кукуш и неговата околија со селата Коџа Омарли, Сурлево, Аканџалии, Морарци, Амбар Ќој, Ниманци, Апостолар, Иџиларе, Алексово, Крецово, Драгомирци, Штемница, Градобор, Шеќерлија, Грамадна, Мотулово, Ираклија, Планица, Беглериево, Ханџилар, Грбашел, Патарос, Рошлово, Ајдарлија, Женско и многу други…Преполовени, преморени, преплашени, нечисти, разделени, дошле во Струмица, Турново, Секирник, Радово, Иловица, Штука, Еднокуќево, Сушица, Борисово, Мокрино, Петралинци, Нова Маала, надевајќи се дека утре или задутре, ако не до недела најдоцна, војната ќе заврши и тие ќе се вратат. Никојпат не си отидоа назад, дома.Егзодусот ги преименува овие Македонци; староседелците ќе ги наречат Бежанци – бигалци. (Козаров 2010: 22-23)

Желбата да се оживее и зачува традицијата и во новите живеалишта, да се заштити домот и родот од влијанието на злото, направила овие луѓе да се организираат во русалиски дружини кои, претопувајќи се со староседелците ќе станат едно во борбата против злите сили. Во струмичкото село Секирник, во кое денес опстојуваат русалиските дружини само како фолклорна група која ја чува и негува традицијата, првата генерација русалии верувале дека оној што ќе се роди во некрстените денови има моќ да ги види лошите духови и да им поставува замки за да ги уништи.

rusalii

Во науката е познато дека русалиските обреди во некаква форма биле присутни во струмичкиот регион уште пред доаѓањето на русалиите од кукушко, но најверојатно биле само на минување. Доказ за тоа се русалиските гробишта на планините Беласица и Огражден, а ги има и во Радовишко.Многу често русалиските дружини се среќавале меѓусебе, ниту една од дружините не отстапувала прва, освен ако едната е многу помалубројна и послаба и таа во знак на покорност треба да ги спушти сабјите пред посилната дружина и да помине под две споени сабји со врвовите нагоре. Бидејќи таквата постапка претставувала срам за дружината, многу често се одвивале тешки борби и крвопролевања со смртни последици. Мртвите русалии се погребувале на местото каде починале и се смета дека на тој начин настанале „русалиските гробишта“.

rusalii

Русалиските обредни активности се проследени и со многу табуа што подразбира забрани, нивно почитување и казна доколку истите бидат прекршени. При своето дејствување русалиите го почитуваат законот на молкот, не се крстат, не благословуваат, не газат вода, не дозволуваат никој да застане на средина од орото, не се делат, а целта е да не се дозволи влијание на злите сили кои се помоќни тогаш кога единката (русалијата) се трансформира од еден облик (на обичен човек) во друг (има улога на заштитник на поединецот и заедницата). 

Таквата состојба во која мора да се почитуваат забраните е неопходна за заштита на русалијата од демонските сили кои се насекаде околу него. Токму таквите забрани го претставуваат русалијата како суштество кое стои на границата на земното и оностраното. Во дванаесетте некрстени денови како да се исцртува една граница на видливото и невидливото, граница која злите демони обидувајќи се да ја поминат и да дејствуваат во светот на обичните луѓе, се среќаваат или се спречени од русалиските дружини. Русалијата е обичен човек од секојдневното опкружување, но преку облеката (деталите на неа како црвените марами, метални парички, тропалки), реквизитите (сабјите, секирата, тревките со кои се украсени) и танцот (преку звукот на тапанот и играта) тој се трансформира во суштество со магиски атрибути со помош на кои дејствува против злото.

rusalii

Русалиската облека кај македонските русалии во целост ја извршува ритуално-обредната функција допирајќи слоеви од магискиот карактер на игрите. Во облеката на русалиите доминантна е белата боја, ја облекувале најубавата свечена облека (велигденска облека), тоа била народна носија богато украсена со украси и црвени марами вкрстени на градите и на плеќите. Во науката се среќава тезата дека вака облечени, русалиите ги имитирале самовилите ветрушките, замислени суштества кои според народното верување биле облечени во бело и слободно шетале. Задачата на русалиите била во деновите кога трае русалискиот поход да ги избркаат ваквите суштества или да ги придобијат на своја страна како не би им наштетиле на луѓето.

Особено внимание привлекуваат двете црвени марами вкрстени на плеќите и на градите за кои во науката се среќаваат различни толкувања.  Во описот на русалиите од с. Секирник, Киро Козаров подвлекува дека за да изгледаат убаво, свечено, разиграно, русалиите вкрстувале врз градите две црвени, алови шамии и една риза преку рамењата, под елекот. Според нашите истражувања црвената боја инкорпорира во себе двојна симболика која подразбира два пола, позитивен, претставен преку животот, силата, издржливоста и негативен претставен преку крвта, борбата и смртта. Црвената боја го симболизира сонцето и сите богови на војната, таа е машкиот активен принцип, симболизира издржливост, вера и великодушност. Бидејќи русалиската дружина по својата организација и цели симболично наликува на воена единица, таа целосно  е услогласена со постигнувањето на целите, да се одбрани просторот и заедницата. Имајќи го предвид фактот дека русалиите во голема мера се поврзани со христијанството, мора да потенцираме дека црвената боја како христијански симбол ги симболизира Христовите маки, пролеаната крв на Голгота, огнот на Педесетница, вера, љубов, достоинство, власт, бестрашност. Сите овие симболи нè доведуваат до заклучокот дека мисијата на русалиите е во име на заштитата, љубовта и верата, со достоинство и бестрашност да му се спротивстават на злото.Христијанската симболика длабоко навлегла во русалискиот ритуал. Одредни фолклористи сметаат дека русалиите биле воена единица или гарда, која била испратена во Ерусалим на аџилак уште во паганско време, но со доминантни христијански елементи изразени преку симболиката прикажана во вкрстувањето на сабјите, начинот на вкрстување на двете црвени шамии како и специфичната шара во форма на крст на чорапите (калчуните).

rusalii

Воочлива е комбинацијата на црвената со белата боја која симболично ја означува смртта, со неа се соочуваат русалиите за време на својот поход, но од друга страна оваа комбинација разгранува асоцијации поврзани со иницијациската смрт. Имено трансформацијата на личноста на русалијата се случува тогаш кога тој на себе ќе ја облече русалиската облека, таа е еден вид медиум меѓу неговата профана и неговата трансцендента природа.

Ритуалната смрт, русалијата ја доживува преку облеката и реквизитите, а неговото повторно раѓање како обичен човек се случува кога ќе ја соблече од себе, ќе ја остави надвор од куќата и ќе биде испрана (очистена) надвор од домот. На црвената и белата се надоврзува црната боја која исто така се среќава на русалискиот костим, некако овие три бои како да доминираат кога во целсот ќе се погледне сликата на русалијата.  Тврдењето дека црвената, белата и црната боја ги претставуваат трите етапи на натприродната сила, светото или соларната сила ни дава за право да заклучиме дека ликот на русалијата на еден симболичен начин ги инкорпорира во себе животната сила, верата и надмоќта над злото.

Русалиските игри во Македонија најмногу се зачувале во с. Секирник и во Бојмијата. Бојмијата е предел кој зафаќа дел од јужномакедонската етнографска целина. Селата Ума (Хума), Конско (Коњско) и Серменин се наоѓаат во областа Влахомеглен*. Тоа се села кои се наоѓаат на падините на планината Кожуф, во околината на градот Гевгелија и тие биле целосно населени со Власи кои до првата половина на дваесеттиот век го негувале русалиството.Додека пак селата Петрово, Стојаково, Смоквица, Миравци, Давидово се села познати по традицијата на русалиските игри, а се населени исклучиво со македонско население. Собраната етнографска граѓа од гевгелиско-валандовскиот регион ја потврдува тезата дека феноменот на русалиството претставува споделена вредност во културната меморија на Македонците и Власите кои имале активен духовен живот во овој дел од Македонија.

rusalii

Во патеписната литература создавана од патеписци кои пишувале за Македонија и нејзината историја, се среќаваат записи во кои се споменуваат русалиските игри. Ристо Стамков во монографијата за с. Стојаково (Стојаково до денешни дни, Матица, Скопје, 2007) наведува факти на странски патеписци кои поминувајќи, го забележале присуството на русалиите.

Англискиот патеписец Едвард Браун, кога во 1669 г.поминал низ Македонија, а посетил и една ајдучка дружина, при што запишал: „Во слободното време ајдуците се забавуваат и играат една ајдучка игра со големи мечеви в раце, замавнувајќи и удирајќи се меч со меч; притоа се вртат, потскокнуваат, подвикнуваат, а повремено и потклекнуваат. Во играта прават силни движења и истовремено пеат во такт на грчки начин“ (Матковски Александар. Македонија во делата на странските патописци, т.I (1371-1377), Мисла, Скопје, 1991,стр.574-575)Во четириесеттите години на XIXвек англискиот патописец Џорџ Бовен во Солун забележал русалиско оро и запишал:„ Играорците беа облечени во национални носии, богато и разновидно украсени. Порано играле со мечеви.“ (Матковски Александар. Македонија во делата на странските патописци, т.III (1827-1849), Мисла, Скопје, 1992,стр.718-719)

До Илинденското востание русалиите играле со железни сабји, уште се викале и к`л`чки, долга сабја. Поради Илинденското востание турската власт донесува забрана, од сега натаму да не се игра со железни сабји, веројатно од некој страв или од некои други побуди и затоа дозволуват да се направат дрвени сабји, имитација. Исто тоа продолжило и по Балканските војни и по двете светски војни.

Димитар Талев во романизираната биографија за Гоце Делчев запишал дека комитите собрани во пештерата Капе на планината Али Ботуш, кон крајот на јануари 1903 г. во слободното време играле русалиски ора. За згаснувањето на русалиската традиција во Македонија, нашиот информатор Ристо Стамков ќе каже: Во нашиот крај, гевгелиско-валандовскиот крај, русалиските игри се зачуваа до крајот на четириесеттите години (1947/1948). После 1950 година веќе немало, единствено се зачувале во селата Петрово, Миравци и Смоквица кои продолжиле до осамостојувањето на Македонија, односно додека се иселиле жителите од тие села.

Русалиството во Македонија згаснува некаде во половината на минатиот век, она што денес останало се фолклорните ансамбли кои ја негуваат русалиската традиција преку изведувањето на русалиските ора во рамки на културно-забавни манифестации и празници.

  • Влахомеглен  е етногеографска област во Македонија, денес поделена меѓу Егејска и Вардарска Македонија. Влахомеглен е помал предел во состав на пошироката област Меглен, во нејзиниот североисточен дел.Само три села во Влахомехлен се наоѓаат на територијата на Република Македонија, тоа се селата во Гевгелиско, во југоисточните падини на Кожуф: ХумаСерменин и Конско. Во политичките граници на Грција се наоѓаат села Баровица, Купа, Мала Ливада, Лесково, Тушин, Нонте (Н’нте) и др. Вкупниот број на влахомегленските села изнесува 15. Во нив живеат Власи(во помал број дојдени од други делови од Македонија), освен во Лесково и Тушин во кои живеат Македонци. Од вкупно 14.000 жители во Влахомеглен колку што живееле во 1890 година, мнозинството од работоспособното население се занимавало со земјоделство и со одгледување на свилената буба. Исклучок чини населението од најголемото влахомегленско село Нонте, кое се занимавало со грнчарство.Влахомегленските Власи, воопшто земено, значително се разликуваат од другите Власи од Македонија. Тие зборуваат на посебен дијалект, имаат поинаква носија итн, а самите тие наместо Арумани се нарекуваат со македонскиот назив Власи. Многумина од нив, наместо влашкиот го користат македонскиот јазик

Фотографии: Нова Македонија, digital-culture.eu, macedonian history documents, fakulteti.mk, tvnova21.mk

Related posts

Филмуваните видеозаписи за русалиите

Во Секирник се негува музеј – реликвија на македонската традиција и култура

Сузана Мицева

Остави коментар

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading